Интервјуа

Баришиќ: Со влезот во ЕУ не го загубивме идентитетот

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„И кај нас имаше стравови, кога ќе влеземе во ЕУ и во НАТО, повеќе нема да имаме хрватски идентитет и јазик. Имаме сѐ.“ | Фото: Роберт Атанасовски

Истата недела кога студениот туш од Европската Унија за условениот датум ја претвори првичната еуфорија за договорот со Грција во хистерија за неправдата врз македонскиот народ, на некои 800 км од Скопје, Хрватска одбележуваше пет години членство во ЕУ.

Годишнината не предизвика многу внимание, главно се мереа економските придобивки – стабилен развој, зголемен извоз, намален јавен долг -наспроти демографските проблеми, поради постојаното зголемување на бројката на млади високообразовани луѓе кои заминуваат од земјата, сето тоа во сенка на триумфот на хрватската репрезентација на Светското првенство.

Со секој круг на проширување се воведуваше нешто ново. Ние имавме 35 поглавја, додека тие пред нас имаа 31.Секое ново проширување носеше нов сет критериуми

Во еден од текстовите во хрватските медиуми насловен „Треба да сме среќни што влеговме во ЕУ, којзнае денес колку би чекале за членство,“ авторот, меѓу другото, потсетува на тоа колку лесно се заборавило колку процесот на пристапување бил тежок и непредвидлив и заклучува „Било како било, подобро е да биде внатре отколку да се гледа на ЕУ однадвор“.

Со Данијела Баришиќ, амбасадорката на Хрватска во Скопје, разговаравме за процесот на преговори, пристапот на хрватските политичари, менувањето на условите за членство во ЕУ, перцепциите за ЕУ и влијанието на јавното мислење.

„Од потпишувањето на Спогодбата за асоцијација и стабилизација во 2001, заклучувањето на преговорите во 2011 и официјалното членство во 2013 година, процесот траеше десет години, иако технички гледано самите преговори траеја пет години и девет месеци. За разлика од нас, претходната група земји преговараа две до четири години,“ вели Данијела Баришиќ, амбасадорката на Хрватска во Македонија.

Патот на Хрватска, во споредба со другите земји беше на бавна лента, со дополнителни пречки и услови врз основа на научените лекции од проширувањето со Романија и Бугарија, како и претходното искуство со земјите што ѝ се приклучија на Унијата во 2004.

„Беше јасно договорено дека никакви внатрепартиски прашања нема да влијаат врз стратегиската цел за ЕУ и НАТО“ | Фото: Роберт Атанасовски

„Значи, со секој круг на проширување се воведуваше нешто ново. Ние имавме 35 поглавја, додека тие пред нас имаа 31, првпат со нас се воведоа поглавјата 23 и 24 за правосудство и фундаментални права и слободи. Секое ново проширување носеше нов сет критериуми,“ вели Баришиќ.

Таа раскажува како за време на посетата на хрватската делегација во Ирска, во периодот кога земјите-членки го ратификуваат пристапувањето на Хрватска во ЕУ, им рекле „Боже, ние кога пристапувавме ни дадоа еден лист хартија да потпишеме, никакви услови, ништо друго. Добар ден, дали би сакале да бидете член на Европската заедница? Да би сакале, и толку. Никакви поглавја, услови, ништо“.

Кога земјите-членки го ратификуваат пристапувањето на Хрватска во ЕУ, им рекле „Боже, ние кога пристапувавме ни дадоа еден лист хартија да потпишеме, никакви услови, ништо друго“

И во хрватската јавност постоеле фрустрации и чувство на неправда поради тоа што морале да исполнат повеќе услови и критериуми од земјите што претходно се зачлениле, но Баришиќ вели „стратешката цел беше влез во ЕУ. Зошто? Затоа што сакате да имате стандард, критериуми, вредности што постојат во западна Европа, да имате нормална работа на која можете доволно да заработите, да можете нормално да живеете, да им обезбедите школување на децата.“

Хрватските политички лидери, на сите главни партии на самиот почеток на процесот постигнуваат консензус дека ЕУ и НАТО интеграциите се стратегиска цел и дека тоа ќе биде приоритет за сите главни политички партии.

„Ние во преговарачкиот процес имавме работни групи, координација и национален совет за Европа во парламентот, составен и од власта и од опозицијата и беше јасно договорено дека никакви внатрепартиски прашања нема да влијаат врз стратегиската цел за ЕУ и НАТО. Со тој совет во парламентот секогаш претседаваше опозицијата. Само вонпарламентарни, некои маргинални партии беа против ЕУ и НАТО.“

Луѓето ја преиспитуваат одговорноста на политичарите, и тоа навистина доаѓа за време на преговорите | Фото: Роберт Атанасовски

„Соработката со Хашкиот трибунал, беше еден од критериумите во нашиот претпристапен процес и беше потребно да се носат тешки одлуки. Но доаѓањето на власт носи и одговорност и тоа тогашните политичари го разбраа. Консензус на сите политички партии и одговорност кон исполнувањето на стратешката цел – членство во ЕУ и НАТО кај нас се одржа без оглед на промената на владите, без оглед на тоа дали беа  конзервативни или социјалдемократски,“ вели Баришиќ.

„Значи, тој консензус до ден денес се одржа, што навистина беше успех за општество како нашето, каде што е многу полесно да се најде што нѐ дели од она што нѐ спојува.“

Самото отворање на преговорите со Хрватска беше одложувано до 2005 година поради оценките на Карла дел Понте дека Загреб не соработува доволно со Хашкиот трибунал, додека подоцна во 2008 година, Љубљана ги блокира на една година преговорите поради нерешениот граничен спор со Словенија.

„На некои работи едноставно не можете да влијаете. Она што е до вас, е што вие ќе направите, вие морате да работите, никој нема да ја заврши работата за вас и вие морате другите да ги уверите дека работите. Се разбира, работите нема секогаш да одат мазно, но морате да се трудите.“

На прашањето како влијаеле преговорите, Баришиќ вели дека ако пред десет години никому не би му паднало на памет да ги праша функционерите од каде им е платен авионскиот билет или кој им ја платил влезницата за Светско првенство

На прашањето како влијаеле преговорите, Баришиќ вели дека ако пред десет години никому не би му паднало на памет да ги праша функционерите од каде им е платен авионскиот билет или кој им ја платил влезницата за Светско првенство, денес тоа е првото нешто што се поставува како прашање.

Луѓето ја преиспитуваат одговорноста на политичарите, и тоа навистина доаѓа за време на преговорите. Да постои свест што е корупција, што е судир на интереси и да се знае дека тоа не е нормално и во таа смисла доаѓа до сериозно менување на менталитетот.

„Еве, да речеме, кога одите во Германија, никогаш не би ви паднало на памет, не на црвено, на жолто светло не би ви се случило да поминете на семафор. Или, пак, да зафатите две паркинг-места со вашето возило. A тоа е нешто што дома го правите – или затоа што знаете дека нема кој да ве казни, или затоа што ваш пријател работи во општина. Тоа повеќе не е прифатливо однесување. Особено не кога се работи за луѓе кои се на високи функции и кои имаат обврска на својот пример да покажат како треба. Во сиот тој процес, во Хрватска значително се подигнаа критериумите.“

Околу 3.000 луѓе биле директно вклучени во преговарачкиот процес низ работни групи | Фото: Роберт Атанасовски

Во таа смисла, таа вели дека процесот на преговори обезбедува добро структурирани водичи како да се решат задачите. „Тоа не може да биде лек за сѐ, нема просто препишување, но гледате од тие искуства и различни модели во другите земји што е она што за вас би функционирало. Ние, на пример, за некои работи користевме решенија од Словенија, доаѓаме од некогаш иста држава, има многу сличности, но за други прашања да речеме многу повеќе ни одговарале искуствата од Словачка или од Чешка. Старите западноевропски демократии ги гледате како крајна цел, но како до таму да дојдете ги гледате земјите што имале слична поставка како кај вас.“

Околу 3.000 луѓе биле директно вклучени во преговарачкиот процес низ работни групи.

Кај нас тоа не беа само луѓе од администрацијата, ние тоа го отворивме и за бизнис, академската заедница, невладини организации бидејќи сите ќе влегуваме во ЕУ. Со некои работни групи беше потешко да се управува, на пример групата за земјоделство имаше 400 луѓе, но бидејќи тоа е толку важно прашање, сметавме дека ни треба широк круг на луѓе. И тука е исклучително важно да имате добри менаџери што ќе го водат тоа.

На прашањето дали Македонија има доволно такви луѓе, Баришиќ одговара дека административниот капацитет секогаш е предизвик. „Сигурно нема да ви биде лесно, но морате добро да ги изберете луѓето и да почнете.“

Околу една третина е стандардно против (н.з. ЕУ и НАТО), без некои конкретни аргументи, настрана оние ирационални стравови дека ќе останеме без јазик и идентитет

„Ние, поради широкиот консензус, имавме широк базен, поголем избор, не исклучивме никого затоа што се дел или блиски со опозицијата, туку беа подеднакво вклучени. Најважно е да имате добар баланс, не може да бидат сè експерти ниту, пак, сè политичари. Експертите ви требаат да ги креираат решенијата, темелните документи за реформи, а политичарите мора да ја имаат силата тоа да го поминат во парламент, политички да го одработат тоа“.

Иако на референдумот во Хрватска за пристапување во ЕУ се изјасниле под 50 проценти од гласачите, што таму не било услов за успехот на референдумот како кај нас, бројките и денес покажуваат дека, како и во периодот на пристапување, ЕУ ужива поддршка од околу две третини од населението. Последните статистики од ЕУ покажуваат дека над 30 проценти од Хрватите имаат позитивно мислење за Унијата, додека околу 40 проценти се неутрални по тоа прашање.

„Оваа земја зацрта пат кон ЕУ и НАТО кога се распадна Југославија, пред 27 години. Сега ова ви е шанса“ | Фото: Роберт Атанасовски

„Околу една третина е стандардно против, без некои конкретни аргументи, настрана оние ирационални стравови дека ќе останеме без јазик и идентитет. И кај нас беше, кога ќе влеземе во ЕУ и во НАТО, повеќе нема да имаме хрватски идентитет и јазик. Имаме сѐ. И многу повеќе луѓе во светот знаат за Хрватска, додека хрватскиот јазик е 24-от јазик во ЕУ.“

Таа објаснува дека пред пристапувањето се ширеле различни стравови, од тоа дека луѓето повеќе нема да можат да прават ракија и разни специјалитети, до тоа дека странци ќе дојдат и ќе ја купат половина земја, дека на рибарите ќе им биде забрането да зарaботуваат за живот и слично.

Ништо од тоа не се случи, вели Баришиќ, само се воведени стандарди. „Ако сакате да продавате сирење, тоа не може да биде без никаква контрола, ќе биде од фрижидер на пазар, произведено според одредени стандарди. Ако правите ракија за по дома, сѐ уште можете, но ако сакате да ја продавате, мора тоа да биде дел од утврден процес и да задоволува услови за квалитет. Не може ако одгледувате свињи, да правите чварки и да ги продавате, а тоа да не е дел од сертифициран процес.“

Затоа е важна улогата на властите да објаснат, вели таа, и додава дека Хрватска имала среќа што во тоа време не доминираа социјалните мрежи и не се ширеа лажни вести со толкава брзина, па можеле навремено да ѝ понудат одговори на јавноста.

Деновиве власта и опозицијата во Македонија не успеаја да постигнат договор околу референдумот за договорот за името, што навестува дополнителни поделби во општеството и евентуално бојкот на ВМРО-ДПМНЕ наесен.

Последните статистики од ЕУ покажуваат дека над 30 проценти од Хрватите имаат позитивно мислење за Унијата, додека околу 40 проценти се неутрални по тоа прашање.

Баришиќ вели дека е разбирливо оти прашањето за името предизвикува многу емоции и поделби „затоа што луѓето имаат предубедувања, предзнаења, кои се толку длабоко вкоренети, што мислам дека за нас, што не сме од тука, многу е полесно да го набљудуваме со студена глава. Вие имате избор, никој не ви го наметнува тоа, и треба да одлучите. Сакате да бидете дел од ЕУ и од НАТО, а за тоа да се случи, треба нешто  да направите. Оваа земја зацрта пат кон ЕУ и НАТО кога се распадна Југославија, пред 27 години. Сега ова ви е шанса.“

Таа вели дека е оптимист и се надева дека за време на претседателството на Хрватска во 2020 година, Македонија веќе наголемо ќе преговара со ЕУ.