Анализи

Нови фасади за термоизолација, но и за дискриминација

Општина Карпош вложи најмногу пари во обнова на фасадите | Фото: БИРН

Паркот „Македонија“ меѓу скопските населби Тафталиџе и Козле привлекува стотици луѓе секој ден. Над него веќе не се надвиснуваат стари сиви станбени згради. Од пред две години тие имаат блескави нови фасади во разни бои.

На ревизорите од Државниот завод за ревизија, сепак, не им се допаднало тоа што за обновата на овие и на други фасади, освен станарите на зградите, плаќале и другите 60 илјади жители на Општина Карпош, преку општинскиот буџет. Ниту, пак, тоа дека за зградата „Папагал“ и за други објекти во Центар плаќале сите 85 илјади жители на таа општина, а директна корист од овие вложувања имаат само станарите.

Во ревизорските извештаи и за Центар и за Карпош, двете општини, кои, покрај градот Скопје, најмногу вложуваа во разубавувањето на зградите, има слични забелешки во врска со оваа активност – тоа не е нивна работа. Се вели дека локалните власти не само што немаат никаква обврска да прават фасади на приватни згради и со тоа не само што ги оптоваруваат буџетите, туку и ги ставаат во подредена положба граѓаните што живеат во куќи или оние чии згради не се реновираат со општински пари.

Овие забелешки се истакнати во ревизијата за 2016 година, но фасадирањето продолжува и во 2018. Општина Карпош склучила договор во април годинава за обнова на фасадата на една зграда на булеварот Партизански одреди, вреден 56 илјади евра. Општина Центар, пак, истиот месец распиша нов јавен повик, со кој се избрани 26 објекти (од 60 пријавени) за да им се реконструираат фасадите.

Потрошени милиони евра

Не се штедело на бои при обновата | Фото: БИРН

Во програмата за уредување на градежното земјиште, Општина Карпош имала предвидено да потроши 3,7 милиони евра за на старите згради да им стави енергетски ефикасни фасади. Податоците од Бирото за јавни набавки покажуваат дека од 2015 година досега потпишала 38 договори со 10 фирми, во вкупна вредност од 2,8 милиони евра.

Општина Центар, пак, ги реконструира фасадите преку програмата за комунални дејности. Од 2015 година досега склучила девет договори со две фирми, во вредност од 955 илјади евра. Но, со оглед дека таму се прифатени 26 барања од заедници на станари, лепењето стиропор во Центар допрва ќе земе замав. Во буџетската програма ЈЛО, врз основа на која беше распишан повикот за фасади, годинава се предвидени уште 485 илјади евра.

Ниту едната не постапила правилно, заклучиле ревизорите.

„Активностите што ги спроведува општината во подолг временски период, а кои се однесуваат во најголем дел на реконструкција на фасадите на одделни колективни станбени објекти на територијата на општината и замена на стари кровови и лифтови, не се предвидени како надлежности на општината утврдени со членот 22 од Законот за локална самоуправа“, се вели во последниот ревизорски извештај за Карпош.

Според ревизорите, трошоците направени за оваа намена се несоодветни и го оптоваруваат општинскиот буџет.

Во забелешките за Центар, пак, се укажува дека локалната власт ги дискриминирала граѓаните.

„Со ваквиот начин на финансирање и изградба на фасади на дел од колективните станбени објекти во општината, се ставаат во нерамноправна положба граѓаните, чиј имот не е опфатен со донесените одлуки и граѓаните што живеат во колективни станбени објекти“, пишува во извештајот за оваа Општина.

Обратна процедура

Општинарите не објасниле зошто токму избраните објекти се значајни | Фото: БИРН

Меѓу законските одредби што, според ревизорите, локалните власти ги прекршуваат со реконструкцијата на фасадите е членот 67 од Законот за градење. Таму се опишува кои се правата и обврските на општините во врска со станбените згради. Се вели дека општинскиот совет може да утврди како треба да изгледа една или повеќе згради во одредено подрачје, ако одлучи дека тоа е од значење за општината. Тогаш обврска на локалната власт е да направи и графички приказ за објектот и да го ослободи инвеститорот од 50 отсто од сумата за комуналии.

Во случаите со Центар и Карпош се одело по обратен редослед. Наместо општините да утврдат објекти што им се од значење, тие распишувале конкурси на кои можеле да се јават сите заедници на станари, па потоа се избирало кои да се обноват. Ревизорите навеле дека не им биле дадени документи со кои се утврдува дека објектите на кои им биле обновени фасадите се прогласени за значајни за општината, и по кои критериуми. Исто така, никаде не била предвидена законска надлежност дека од локалниот буџет што го полнат сите граѓани може да се плаќа за стиропорот и за новите бои на старите станбени згради, кои се во сопственост на заедниците на станари.

Центар продолжува, Карпош се повлекува

Зградата „Папагал“ беше меѓу првите што ги обнови Општина Центар | Фото: БИРН

Станува збор за одлука на советот, со која заинтересираните станари колективни станбени објекти можеа да аплицираат со 30 отсто од вкупната вредност на реконструкцијата на фасадата, а општината да ги покрие другите 70 отсто, ни одговорија од Општина Центар. Тие немаа директен одговор на ревизорската забелешка дека ги ставаат граѓаните во подредена положба. Само додадоа дека не е исклучена можноста во иднина да се дискутира и за субвенционирање фасади за граѓаните што живеат во куќи.

Со последниот повик, тие за реконструкција избраа 26 згради на 19 улици во различни делови од општината. Според условите, заедниците на станари треба да обезбедат согласност дека сите ќе покријат 30 отсто од трошокот, во готово или преку кредит. Ако во зградата живеат лица од социјално ранливи категории, општината ќе го покрие и нивниот дел.

Од Карпош, пак, најавуваат дека ќе се повлечат од оваа активност откако ќе реконструираат дел од покритичните фасади, за кои претходно биле склучени договори, а претставувале сериозна опасност за самиот објект и за околниот простор.

„Но за реконструкцијата на нови фасади, Општина Карпош ќе постапи исклучиво по препораките на Државниот завод за ревизија“, додаваат оттаму.

Основните цели на општинските програми за обнова на фасадите беа не само естетски да се подобри нивниот изглед, туку и тие да станат енергетски поефикасни, бидејќи се обвиткуваат со изолациски материјали. Овие цели, според ревизијата, се постигнати на погрешен начин, со кој тие ги ставиле своите жители во нееднаква положба.