Халил Бериша, новинар од Приштина, на денешното судење на водачите на Здружението на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати и Насим Харадинај, пред Специјализираните совети на Косово (ССК) во Хаг, изјави дека од обвинетите добил доверливи судски документи. .
Бериша рече дека во септември 2020 година зел „околу 1.000 страници документи“ од Здружението.
Гуцати и Харадинај се обвинети за попречување на правдата и за заплашување на сведоци, откако добиле доверливи документи од судот, по што ги повикаа медиумите, да ги објават доверливите информации од овие списи.
Во септември 2020 година, Бериша работел како новинар за приштинскиот портал Инфокуси и присуствувал на прес-конференција организирана од Здружението на воени ветерани на ОВК.
„Обемот на документи беше огромен, не беше можно сè да се сними, па ги прашав (Гуцати и Харадинај) дали можам да земам дел од документите“, нагласи тој.
Неколку дена подоцна, официјални лица на Специјализираното обвинителство на Косово (СОК), ги запленија овие документите.
„Колку што се сеќавам, ние објавувавме текстови за документацијата, само додека ја поседувавме. Потоа продолживме да известуваме за ова прашање, но не и за конкретните документи, бидејќи ги немавме“, нагласи Бериша.
Тој појасни дека на прес-конференцијата првите луѓе на Здружението рекле дека „тој ден, некој рано наутро им ги доставил тие документи и дека тие ги презентираат пред медиумите“.
„Тие рекоа дека документите се на Специјализираните совети“, додаде Бериша.
Сведокот објасни дека по прес-конференцијата, новинарите и снимателите се приближиле до масата на која стоеле документите и ги снимиле.
Во воведните зборови, обвинителката, Валерија Боличи, посочи дека на 6 септември 2020 година, некакви кутии биле оставени во ходникот на канцеларијата на Здружението на воените ветерани на ОВК во Приштина.
Кутиите содржеле документи со имиња и лични податоци на потенцијалните сведоци во истрагите за воени злосторства на Специјалниот суд.
Гуцати и Харадинај потоа одржаа три прес-конференции на кои открија доверливи податоци од документацијата и идентификуваа „детали за одредени (потенцијални) сведоци“, тврди обвинителството.
Гуцати и Харадинај изјавија оти не се виновни по обвинението.
ССК се основани под притисок на западните сојузници на Косово, за да ги гонат злосторствата, наводно, извршени за време и веднаш по војната во Косово, 1998-2000. Тие се дел од судскиот систем на Косово, но се со седиште во Холандија и во нив е вработен меѓународен персонал.
Заштитата на сведоците беше клучно прашање за ССК, откако на претходните судења на команданти на ОВК, беше вршен притисок врз сведоците.