Вести

Новинарскиот еснаф против државни пари во приватните медиуми

Реакција на нацрт-предлогот за задолжителни владини кампањи

Не смее да се повтори враќањето на државните пари во приватните медиуми, бидејќи е докажано дека оваа практика катастрофално ќе се одрази, како врз новинарството, така и врз медиумскиот пазар.

Ова е денешната реакција на новинарските и медиумските здруженија на информацијата што вчера ја објави БИРН дека се подготвуваат измени на медиумскиот закон, со кој, не само што целосно се укинува забраната за државно финансирање на приватните радија и телевизии, туку на медиумите им се гарантираат и годишни приходи од централната и од локалните власти преку модел на кампањи од јавен интерес.

„Со повторувањето на оваа грешка, Македонија се враќа десетина години наназад, кога на сличен начин медиумите директно се поткупуваа и се нарушуваше уредувачката и новинарската независност.“

Зад овој став се потпишани Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ).

Тие предупредуваат дека партиите ја разработиле идејата во дискреција и не се консултирале и не ги вклучиле во дебатата релевантните еснафски, новинарски и медиумски организации.

„Обидот за протуркување и наметнување вакви лоши закони на нетранспарентен и неинклузивен начин говори дека владата и политичките партии немаат искрени намери да креираат решенија со кои ќе се гарантира независноста на медиумите и слободата на изразување.“

Според нацрт-предлогот што вчера го објави БИРН, моделот на државно финансирање на телевизиите и на радијата ќе се одвива преку задолжителни кампањи од јавен интерес.

Владата би имала обврска, во текот на годината, да спроведе најмалку една, а најмногу четири кампањи од јавен интерес на централно ниво, додека општините би имале слична задача – да спроведат најмалку една, а најмногу четири кампањи од јавен интерес, овојпат на локално ниво.