
Фирмата „Линк Медиа Плус“ го украси и скопскиот плоштад | Фото: БИРН
Скопската фирма „Линк Медиа Плус“ победила на речиси половина од тендерите за новогодишно украсување што ги распишале општините низ Македонија и заработила 78 отсто од парите што локалните самоуправи ги одвоиле за таа намена. Тоа го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за трошоците за празничното декорирање на јавните простори.
Во него се опфатени 32 од 36-те општини што имале распишано тендери и склучено договори за таа намена, за кои се објавени податоците на Бирото за јавни набавки.
„Линк Медиа Плус“, всушност, победила само на два од 15-те тендери што ги добила, а на другите била единствен понудувач и едноставно ѝ бил доделен договорот. Слабата конкуренција во овој сектор е еден од главните наоди на истражувањето на ЦГК, бидејќи од 32-та тендери за кои има податоци, 27 биле со една понуда, а на само пет имало конкурентска борба меѓу две компании.
Од вкупно 785 илјади евра за украсување, „Линк Медиа Плус“ добила тендери во вредност од 615 илјади евра, а останатите 170 илјади ги поделиле другите 14 фирми.
Само уште две фирми украсувале во повеќе од една општина, и тоа скопската „Димензија 360“ во три, и битолската „Грин Веј“ во две. Другите 12 компании што биле вклучени во овие активности добиле по еден договор.
„Отсуството на конкуренција ја доведува во прашање реалноста на трошоците на украсувањето“, се вели во извештајот.
Дополнителен фактор што придонесува за малата конкуренција во изборот на фирми за новогодишно украсување, според објаснувањето од ЦГК, е начинот на кој општините ги спроведуваат процедурите за јавни набавки за оваа услуга.
Тендерите традиционално се распишуваат доцна, а дочекот на 2026 година не бил исклучок. Дури 30 од 32-та договори што се обработени во извештајот биле склучени во декември минатата година, а дел од нив биле потпишани само две недели пред Нова година.
„Доцното објавување на огласите за јавна набавка, и оттука склучување на договорите во декември, сериозно ја ограничува можноста за учество на повеќе фирми, бидејќи кратките рокови ги фаворизираат фирмите, кои и претходно биле ангажирани и веќе располагаат со соодветна опрема“, се додава во документот од ЦГК.
Најмногу потрошила Општина Штип, над 81 илјада евра, а Град Скопје е на второто место, со околу 69 илјади. Украсувањето на главниот град го надополниле уште шест општини со свои тендери, од кои Центар со речиси 65 илјади евра и Чаир со над 57 илјади евра влегуваат во топ 10 на државно ниво. Заедно со сите нив, новогодишната сметка за Скопје изнесува речиси 285 илјади евра.
На списокот на првите десет општини, според парите потрошени за новогодишна декорација, се наоѓаат и Охрид, Струмица (преку јавно претпријатие), Македонска Каменица, Прилеп, Радовиш и Битола. Девет од овие десет тендери ги добила „Линк Медиа Плус“, само битолскиот отишол кај локалната „Грин Веј“.
Најмалку потрошила Општина Новаци, околу 2.800 евра. На списокот на локални самоуправи со новогодишни трошоци под 10 илјади евра е и Куманово, преку јавното претпријатие за паркинзи.
Најголемиот дел општини сами ги спровеле тендерите, додека во некои за тоа биле задолжени нивните јавни претпријатија.












