Вести

Објавите за дронот го демантираат Ѓорѓиевски

Секој дрон што лета во земјава мора да се најави

Откако БИРН објави дека дронот што ја снимаше акцијата за чистење на градот не бил пријавен за лет во системот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, новиот скопски градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, во интервју за Канал 5, рече дека не знае кој ги објавил снимките од дронот, но дека тоа не се луѓе од неговото опкружување.

„Друг ги објави сликите. Не се сеќавам дали беше некој портал, не знам точно, но еве ќе провериме“, кажа Ѓорѓиевски.

Чиј е дронот не е мистерија.

Објавивме дека фотографиите од 6 ноември, кога почна акцијата за чистење ги направил владин фотограф, што ни го потврди портпаролката на Владата, Марија Митева во телефонски разговор.

Почеток на акцијата | Фото: Фан-страница на Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук

Митева не одговори на дополнителните прашања за тоа зошто летот на дронот не бил најавен во системот на АЦВ.

Од јавните објави на профилите на Фејсбук на премиерот Христијан Мицкоски и на градоначалникот Ѓорѓиевски, јасно се гледа дека се направени фотографии и видеа од собирањето на механизацијата пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ на 6 ноември.

Дури и под претпоставка тоа да не бил негов дрон, тој објавуваше снимки од дрон и во следните два дена. Тие летови не се регистрирани на системот на дронови: На 7 ноември кога Ѓорѓиевски говореше за автобусите на приватните превозници, како и на 8 ноември од чистењето на коритото на Вардар.

Чистење на Вардар | Фото: Фан-страница на Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук

Градоноачалникот Ѓорѓиевски во интервјуто кажа дека користеле дрон додека бил градоначалник на Кисела Вода, но бил под 220 грама, кој, како што рече „мислам дека не подлежи на одредени сертфикати и дозволи, не сум информиран во детали“.

Сепак, на самата страница за дронови на АЦВ јасно е нагласено дека најавата на летот преку порталот drone.gov.mk е задолжителна за сите воздухоплови без екипаж, дури и за оние под 250 грама.

Ова се должи на изменетиот Правилник за воздухоплови без екипаж, кој почна да важи од почетокот на годинава.