Анализи

(ОБНОВЕНО) Сите условувања на ДУИ

Ако претходно интензивно се бараше и временски се условуваше членството во НАТО и во ЕУ, сега ставот на најголемата албанска партија не е врзан со датуми и со рокови. Погледнете ги сите клучни датуми од 2007 година до денес, преку нашиот графички приказ

(timeline)

По последните изјави на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се чини дека ДУИ отстапува од тактиката на условувања и закани со временски рокови, од една, како и со дестабилизација и напуштање на Владата, од друга страна.

Реториката на партијата засега омекнува. Ако претходно интензивно се бараше и временски се условуваше членството во НАТО и во ЕУ, сега ставот на најголемата албанска партија не е врзан со датуми и со рокови.

„Јас не зборувам за хипотетички ситуации, ниту сакам да прејудицирам. Ние ќе работиме во интерес на Албанците во Македонија без да го врзуваме тоа за одреден датум“, е последната изјава на лидерот на ДУИ, Ахмети, дадена по формирањето на новата влада.

Во февруари годинава, пак, партијата цврсто стоеше на ставот дека ќе бара распишување вонредни избори ако Македонија не стане членка на НАТО на самитот во Кардиф, Велика Британија, што се одржа минатиот месец.

„НАТО има самит во септември, сакаме напредок, а не разочарување. Овие се предвремени избори, но ако нема напредок, може да има вонредни избори. Предвремени и вонредни!“, изјави Ахмети во февруари.

„Јас не зборувам за хипотетички ситуации, ниту сакам да прејудицирам. Ние ќе работиме во интерес на Албанците во Македонија без да го врзуваме тоа за одреден датум“, е последната изјава на лидерот на ДУИ, Ахмети, дадена по формирањето на новата влада | Фото: ДУИ

„Јас не зборувам за хипотетички ситуации, ниту сакам да прејудицирам. Ние ќе работиме во интерес на Албанците во Македонија без да го врзуваме тоа за одреден датум“, е последната изјава на лидерот на ДУИ, Ахмети, дадена по формирањето на новата влада | Фото: ДУИ

НАТО-самитот заврши, Македонија не стана членка на Алијансата, а албанската партија како да се повлече од досегашните барања, тактизирања и неконзистентни ставови кои датираат уште од времето кога ДУИ беше во опозиција.

Па така, ако се разгледаат архивите во медиумите во последниве години, се наидува на голем број условувања од најголемата партија на Албанците. Барањата за, условно кажано, албанската кауза најчесто вродиле со плод, но најчестото барање, решавање на името и влез во НАТО, од година во година се поместува со нови рокови.

Оваа тактика на ДУИ датира уште додека партијата беше во опозиција. Во 2007 година таа го условуваше враќањето во Собранието.

„Нема да се вратиме во Собранието ако од дијалогот со ВМРО-ДПМНЕ нема конкретни заклучоци за листата со закони што ќе се гласаат според Бадентер, за Комитетот за меѓуетнички односи и за законите за албанскиот јазик и за ОНА“, рече Агрон Буџаку во април 2007 година.

Во 2008 година заканата се состоеше во напуштање на државните и локалните институциите ако не се постигне договор за службена употреба на албанскиот јазик на сите нивоа.

„Ќе ги употребиме сите форми на демократски притисок, бидејќи Груевски не може да изјавува дека нема рокови кога да се решат проблемите со употребата на јазикот и со статусот на борците на ОНА, кои се дел од „мајскиот договор“, рече Муса Џафери.

Во наредната, 2009 година, Теута Арифи се јави со ново „ако“, овој пат поврзано со решавањето на спорот со името и членството во НАТО.

„Ако до крајот на 2009 не се реши спорот со името и Македонија не стане членка на НАТО, ДУИ ќе бара нови патишта да го поттикне процесот затоа што загрозувањето на евроинтеграциите го доведува во прашање и постоењето на земјата“, рече Теута Арифи во 2009 година | Фото: sep.gov.mk

„Ако до крајот на 2009 не се реши спорот со името и Македонија не стане членка на НАТО, ДУИ ќе бара нови патишта да го поттикне процесот затоа што загрозувањето на евроинтеграциите го доведува во прашање и постоењето на земјата“, рече Теута Арифи во 2009 година | Фото: sep.gov.mk

„Ако до крајот на 2009 не се реши спорот со името и Македонија не стане членка на НАТО, ДУИ ќе бара нови патишта да го поттикне процесот затоа што загрозувањето на евроинтеграциите го доведува во прашање и постоењето на земјата“, рече таа.Помина и 2009 година, спорот не беше решен, а Македонија не стана членка на НАТО, но тоа не го попречи ДУИ да постави нови рокови. Се јави потпретседателот на партијата Рафиз Алити, кој рече дека „со или без Македонците, Албанците влегуваат во НАТО-алијансата“, а на тоа се надоврза Арифи, која даде нов термин – ако до средината на 2010 година не се реши проблемот со името, учеството на албанскиот фактор во власта станува беспредметно.

„Ако и овој дополнителен период не се искористи добро, тогаш во Владата е сосема излишно присуството на албански партнер, кој ќе денгуби во евроскептична и антинатовска влада“, искоментира таа.

Во наредните години условувањата се поврзани со уставните измени и со пописот на населението.

Во 2011 година ДУИ даде само првична согласност за промените во Уставот, а конечната поддршка ја услови со Бадентерово мнозинство при именувањето и разрешувањето на судиите и при одлучувањето во Уставниот суд.

„Ако во втората фаза не бидат прифатени нашите барања, поддршката не ја даваме“, беше дециден пратеникот на ДУИ, Аднан Јашари.

Во наредната, 2012 година, ДУИ го услови одржувањето на попис на населението со реформа во Државниот завод за статистика, односно вработување на поголем број Албанци во институцијата.

„Потребна е целосна реформа на Државниот завод за статистика, зашто бројот на вработени Албанци во Заводот е минимален, а во раководните структури е речиси нула. Ова мора да се промени како основен предуслов за успешен попис“, изјави Бујар Османи.

Истата година, условувањата продолжија, а се смени само темата. Условот кој следеше е дека ДУИ ќе го напушти партнерството со Груевски и ќе побара предвремени парламентарни избори ако ВМРО-ДПМНЕ го донесе законот за посебни права на бранителите од 2001 година и нивните семејства. Не се заборави ниту на членството во ЕУ и НАТО, па Ахмети на средбата со тогашниот британски амбасадор Кристофер Ивон, рече дека ако продолжи блокадата на македонските интеграции во ЕУ и во НАТО, можни се меѓуетнички тензии.

Април 2013 беше месецот кога лидерот на ДУИ, Ахмети, речиси и да не одбираше зборови за да ја долови итноста од членството во НАТО – „за оваа одлука нема алтернатива“, беше неговиот став.

Декември 2013 беше крајниот рок што тој го даде. Повикувајќи се на неговиот авторитет, тој рече дека може дополнително да ја комплицира ситуацијата ако не се реши името.

„Ако не можам да го решам проблемот со името, сигурно можам дополнително да ја комплицирам ситуацијата. Мојот авторитет не треба да се потценува. Јас не работам зад грб“, рече Ахмети.

Понатаму, следуваше уште еден услов, во февруари годинава, кога тој изјави дека ако не влеземе во НАТО во септември, ќе бара вонредни избори. Меѓутоа, по формирањето на новата влада, Ахмети почна да го омекнува ставот, со објаснување дека членството во НАТО не е поврзано со некој датум.

Ставовите на ДУИ во ноември годинава уште повеќе омекнаа. Вицепремиерот Муса Џафери за вестите на ТВ Алсат – М рече дека нема никаква корист ако се условува членството во НАТО.

„Ваквите чувствителни прашања кои имаат регионално и европско влијание, но и пошироко, не може да се условуваат со еден, пет или шест месеци. Ние консеквентно сме се определиле и работиме на ова прашање. Ние сите јавно ги знаеме пречките за членство на Македонија во НАТО. Не би било во корист за ова прашање ако ние го условуваме само со месеци“, рече Џафери.

Но, омекнувањето на ставот не мора да значи дека тука престануваат условувањата на најголемата албанска партија во земјава.

Впрочем, од графичкиот приказ, најдобро може да се види дека секогаш се наоѓа по некоја нова закана и нов услов, па слободно може да се каже дека ДУИ е партијата што го воведе принципот „АКО“ на македонската политичка сцена.