Анализи

Образовни асистенти: Привремена работа, постојан проблем

Нови огласи за образовни асистенти пред крајот на учебната година

Доминик годинава тргна во второ одделение без неговата образовна асистентка. Немајќи друго решение, мајка му Ана раскажува дека два месеца одела со него на училиште, па на работа, период што не сака никогаш повеќе да се повтори.

„Доминик е многу приврзан за неа. Потенцирав дека ако му доделат нов образовен асистент на кој не е навикнат, тоа ќе му предизвика траума, што би довело до негов регрес“, вели Ана Арсовска-Ангелеска за БИРН.

По пауза од два месеца и силен притисок на родителите на Доминик кон училиштето, повторно била ангажирана истата асистентка. Им олеснило, но останал стравот дека со истото ќе мора да се соочуваат секој први септември.

Овој страв не е неоправдан. Напротив. Проблемот на Доминик, и на учениците слични на него, доаѓа од тоа што, иако асистентите се столбот на инклузијата, во суштина нивната професија е неатрактивна и неизвесна. Се ангажираат со договори, кои траат само во текот на учебната година и секое лето аплицираат на нов конкурс. Кога конкурсите доцнат или нема доволно кандидати, во ризик се става образованието на повеќе од илјада  основци.

Инклузија од три децении

Голем дел од образовните асистенти на оваа работа гледаат само како на привремен ангажман | Фото:БИРН

Иако првите чекори за инклузија во образованието почнаа пред речиси три децении, првото системско решение беше донесено во 2019 година, со новиот Закон за основно образование. Две години подоцна беше креирана и Концепцијата за инклузивно образование, која предвидуваше сите деца, без разлика на своите способности, да се запишуваат во редовните училишта, а за оние на кои им треба помош, да се обезбеди образовен асистент.

БИРН разговараше со повеќе образовни асистенти, кои во последните пет години биле ангажирани во македонските училишта. Нивните искуства се различни, но сите се согласуваат дека секој први септември го чекаат со страв и неизвесност, и веќе се уморни од тоа.

Затоа многумина во ова гледаат привремен ангажман и прво вработување – додека да најдат „вистинска работа“.

„Не знам дали така ми се погоди, ама многу ми е убаво со наставничката, со родителите и со децата, и сакам да го правам ова. Но, сите други придружни стресови доведуваат да го работам ова само додека не најдам нешто подобро“, раскажува асистентка, која веќе трета година е ангажирана во едно скопско основно училиште.

Впрочем, и конкурсот за прием на образовни асистенти пред почетокот на оваа учебна година мораше да се повтори поради недоволно пријавени кандидати. Ангажирани беа вкупно 1.018 образовни асистенти за да дадат поддршка на 1.104 основци.

На последниот ден од март, пак, на нешто повеќе од два месеца пред крајот на оваа учебна година, беа објавени нови огласи, за ангажирање уште 200 асистенти.

Статус кво ситуација

Нема најави за промена на системот | Фото:БИРН

Иако Законот за основното образование беше променет пред неколку месеци, не беа допрени најгорливите прашања во делот на инклузијата. Најголемата измена беше укинувањето на целосната инклузија во образованието, така што беше вратена можноста за упис на учениците со попреченост директно во специјалните училишта.

За учениците, пак, чии родители избраа упис во редовните училишта, остана неизвесноста поврзана со ангажманот на образовните асистенти.

Од Министерството за образование и наука, за БИРН, го повторија познатиот став дека системот е ваков бидејќи предвреме не можеле да проценат колку ученици ќе имаат потреба од помош секоја учебна година.

„Само пред неколку години, асистентите земаа девет илјади денари, а сега се стручни соработници, платени се. Доколку си ја избрал оваа професија, треба да даваш сѐ од себе, за најдоброто на сите“, смета државната секретарка Елена Ивановска.

Сепак, согласна е дека нешто ќе мора да сторат доколку не се пријават доволно образовни асистенти на новите огласи.

Министерството не успеа да обезбеди доволен број асистенти ниту во претходните учебни години.

„Тоа сериозно го доведува во прашање квалитетот на инклузивното образование“, стои во годишниот извештај на Народниот правобранител за 2023 година, кога за 61 ученик со попреченост не била обезбедена соодветна поддршка.

И оваа учебна година не почна подобро. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во првата половина на септември одлучи да  поведе постапка против МОН за утврдување дискриминација поради недостигот од образовни асистенти за учениците со попреченост.

„Не се согласувам дека имаше дискриминација“, вели Ивановска, иако појаснува дека тоа е една од причините зошто во моментов вработуваат уште 200 образовни асистенти, кои за некој месец пак ќе треба да аплицираат за истата работа.

А тој процес за многумина значи многу време и пари, објаснува една од образовните асистентки со кои разговараше БИРН. Таа, во грч, го чека секој нов конкурс. Најголемиот проблем ѝ е тоа што постојано мора да ги вади истите документи за кои патува низ градови, бидејќи работи во Скопје, живее во друг град, а родена е во трет.

„Навистина е тортура. Секое лето е исто и нема решение на повидок“, додава таа.

Предизвиците наспроти интересот

Сите образовни асистенти се вработуваат преку специјалните училишта, кои од пред некоја година се трансформираа во „училишта со ресурсен центар“. Оттаму се препраќаат во основните училишта низ земјава, во кои има ученици на кои им е потребна помош со учењето.

Од училиштето со ресурсен центар „Иднина“, од први април се во потрага по 93 образовни асистенти за тековната учебна година, како дел од конкурсите за 200-те нови вработувања. На почетокот на годинава, тие ангажираа 264 асистенти, кои се грижат за образованието на 342 деца.

Директорката на „Иднина“, Лорета Андреевска, за БИРН, вели дека има  интерес за конкурсите за образовни асистенти, но се соочуваат со предизвици, како што се недоволен број квалификувани кандидати, потреба од дополнителна обука, како и подобрување на условите за нивна работа и задржување во системот.

„Исто така, неопходно е да се осигури стабилност во финансирањето и можност за долгорочно вработување со цел одржливост на оваа поддршка“, признава Андреевска.

Со еден курс не се станува асистент, смета Мемиш Апостоловска | Фото:БИРН

Токму неатрактивноста на професијата ја отвора вратата за нискоквалификуван кадар, што директно влијае врз образованието на децата. Тоа најдобро го почувствувала Амела Мемиш Апостоловска, психолог и мајка на Леон, ученик кому му е дијагностициран аутизам.

Имала неколку лоши искуства со образовните асистенти ангажирани за помош на нејзиниот син. Бидејќи и самата е психолог, вели дека многу работела со своето дете, кое во моментов успева настава да следи без образовен асистент. Од друга страна, забележува дека „сега секој може да биде образовен асистент“ поради недостигот, иако ја нема потребната стручност.

„Ниту еден квалитетен дипломиран психолог, педагог или социјален работник, и да може, не би се нафатил за таа плата и за таков договор каде што не знае дали ќе продолжи или не во следната година како образовен асистент“, смета таа.

Платите на асистентите го следеа покачувањето на платите во образованието. Асистентите ангажирани во септември добиваа плата од 32 илјади денари, која во новите договори изнесува околу 34 илјади денари.

Доминик имал поголема среќа со својата образовна асистентка. Ако целта во второ одделение по математика била да работи со броеви до десет, тој веќе работи со броеви до 100, како што работат и неговите врсници.

„Очигледно е дека работата што ја вложува асистентката дава одлични резултати. Тој ја чувствува како своја и често ја бара. За време на викендите активно ја бара и сака да биде со неа“, вели Ана.

Нови закони, исти проблеми 

Образовните асистенти реагираат за лоши услови за работа | Фото:Pexels

Вработувањето на асистентите не е единствениот проблем во инклузијата на образованието. Во пракса, проблеми има на секој чекор – од недостиг од материјали за работа и компетентен кадар во училиштата, преку лоши просторни услови, па сѐ до отпор кон прифаќање на учениците што имаат потреба од асистент.

Или како што раскажува една образовна асистентка, огромен проблем е кога наставниците не соработуваат со асистентите со оправдување „јас сум против инклузија, ова воопшто не ми се допаѓа“.

Друг проблем е немањето дидактички материјали за работа.

„За сѐ мора сам да се снаоѓаш. Нашиот ресурсен центар колку-толку ни нуди услови за копирање, материјали, но училиштата не. Фотокопирот, кога работи, кога не, хартија мора сам да донесеш, хигиенските услови се катастрофални… Како држиме деца до 4 попладне, навистина не ми е јасно“, раскажува таа.

Неодамна, на 8 април беше изгласан предлог-законот за измени во Законот за средното образование, кој предвидува образовните асистенти по ист терк како во основното, да се ангажираат и во средното образование. Досега, нивниот ангажман одеше преку програмите за општокорисна работа на УНДП, им се плаќаа мали хонорари и имаа полош статус од асистентите во основно. А, исто така, ги немаше во доволен број.

Годинава, според статистиката на МОН, биле ангажирани 117 образовни и лични асистенти во средното образование.

Тоа го потврдуваат и искуствата на родителите и уште една прифатена претставка од Комисијата за заштита од дискриминација. Во 2022 година, оттаму утврдиле директна дискриминација врз основа на попреченост и возраст од страна на МОН, и упатиле препорака Министерството да создаде законски услови за обезбедување образовна/лична асистенција на секој средношколец со попреченост.

Со оглед на тоа, планот и во новиот Закон за средно е ангажирањето на асистентите да се прави на истиот начин како во основното образование, се остава простор за прелевање и на истите проблеми. Сепак, државната секретарка Ивановска уверува дека ќе обезбедат образовен асистент за секој средношколец што има потреба од помош.

Тоа, пак, не е доволно за родителите, кои веќе размислуваат каде ќе продолжи образованието на нивните деца. Само годинава, вкупно 47 деветтоодделенци добивале поддршка од образовен асистент.

„Кога веќе средното образование е задолжително за сите, вклучително и за децата со тешкотии во развојот, тогаш задолжително треба да имаме асистенти“, смета Мемиш Апостоловска, мајката на Леон.

Доминик, пак, до средно го двојат уште седум години. Неговата мајка, во моментов, не може да прави планови на долг рок. Има други стравови – дали на први септември, нејзиниот син ќе ја добие асистентката на која искрено ѝ верува.

 

Овој текст е изработен како дел од „Едногодишната БИРН обука за истражувачкo новинарство” наменета за млади новинари и за студенти, 2024-25 година