Среде возбудата врзано за претседателските избори во САД и застрашувачките вести за корона вирусот, за малку ќе го пропуштев почетокот на судењето на поранешните припадници на Главниот штаб на Ослободителната војска на Косово (ОВК) пред Специјализираните совети на Косово (ССК). Сега кога се фокусирав на тоа, посакувам, сепак, да го пропуштев сето тоа.
Точно е дека верувам во меѓународната правда, но она што го прочитав и разбрав е удар на мојата доверба во неа.
Да почнеме од почеток: Специјализираното обвинителство на Косово (СОК) ги обвини Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, на 4 ноември. Обвиненијата за злосторства против човештвото и воени злосторства, се сериозни според меѓународното право. Сепак, јас нема да се занимавам со основаноста на овие злосторства, бидејќи не сум истражител, обвинител, ниту бранител.
Сепак, имам многу да кажам за рамката на овие злосторства, изнесена во наративот во делот под наслов „Изјава за фактите“.
Овој наслов звучи Орвеловски откако ќе се прочитаат првите неколку редови: „Во 1989 година, во контекст на растечки тензии и раскол низ цела поранешна Југославија, статусот на Косово како автономна покраина беше укинат. Потоа, огромно мнозинство на косовски Албанци го поддржаа референдумот за независност … “.
Воведот на обвинението е парадигматски, за јазикот што го користи обвинителството низ целиот документ – неверојатно нејасен и збунувачки јазик, што широко користи погрешни називи и пасивност.
„Раскол“?. Раскол е поделба помеѓу спротивставени страни или формална поделба на една црква на две цркви. Во 1989 година, Социјалистичка Федеративна Република Југославија не се соочи со раскол, туку со длабока уставна и политичка криза што доведе до конфликт. Автономијата на Косово не беше „укината“, туку Собранието на Србија го стори тоа со сила.
Фактите, кои треба да бидат спомнати во овој дел, се полни со неточности, кога не се игнорираат целосно. Временската рамка е погрешна. Само еден збор ги опфаќа настаните од 1989, до референдумот за независност на Косово во 1991 година – „Потоа“.
„Потоа“ крие факти од тригодишен, богат со настани, период: широко распространети, мирни протести на Албанците на Косово, вклучително и штрајкот со глад на рударите, кој беше насилно прекинат; вонредната состојба прогласена од југословенското претседателство; масовното затворање на Албанците и нивно мачење во затвори; земање на косовското собрание како заложник пред неговото укинување и отпуштање на сите Албанци од нивните работни места, од болниците и од училиштата.
На специјализираните обвинители очигледно им недостасува познавање на историјата, но да не бараме од нив да читаат историски книги. Доволно би било да ги прочитаат документите на нивните колеги од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ). Земете го, на пример, овој дел од пресудата на МКТЈ во случајот против лидерот на ОВК Фатмир Лимај и уште двајца од 2005 – „Дел III. А. Политичка заднина на настаните во Косово и појавата на ОВК“. Ги содржи сите факти што треба да се спомнат.
Втора работа која е добро да се прочита во овој контекст, е пресудата на МКТЈ изречена на поранешниот претседател Милан Милутиновиќ и уште петмина други) во 2011 година. Во пресудата, „Дел III. Историски фактички контекст“, се базира на сериозно и проверено известување на Хјуман рајтс воч, Амнести Интернешнл и на специјалниот известувач на ООН, Тадеуш Мазовиецки.
Вооружениот конфликт со Србија, признат од МКТЈ (Милутиновиќ и др. Пресуда, став 820), заслужува само да се спомне во обвинението на Специјализираните совети, како борба меѓу две спротивставени страни. Фактите се разликуваат. Од почетокот на 1998 година, Србија на Косово распореди полиција, редовна армија, резервни сили, специјални единици и доброволни формации на ветераните од босанскиот геноцид. Во тоа време, ОВК беше група од неколку стотици лесно вооружени лица.
Војната започна во март 1998 година, кога српските сили масакрираа 83 Албанци во Дреница, од кои само некои беа борци на ОВК. Настанот ја предупреди обвинителката на МКТЈ, Луиз Арбор, дека Србија врши воени злосторства. До летото 1998 година, имаше стотици илјади раселени албански цивили. Во тоа време, ОВК растеше во бројност и консензус.
Ова обвинение ја претставува војната како секоја акција на српските безбедносни сили да била директна операција против бунтот. Ова е фактички неточно, бидејќи се случија масакри, силувања и раселувања, дури и таму каде што немаше активна ОВК. А таму каде што имаше, одговорот беше непропорционален.
Факт е дека српското раководство конституираше заеднички злосторнички потфат, со цел да ја измени етничката рамнотежа во Косово, што заклучи и МКТЈ.
Според специјализираните обвинители, „контекстуалните елементи“ за злосторствата, наводно, извршени во војната во Косово, не се факти утврдени од МКТЈ, туку настојување на Народното движење на Косово „да ги координира активностите на вооружените единици во Косово“.
Ова движење наводно излезе со името ОВК – што е очигледно неточно според пресудата на Лимај и др. – и продолжи да гради заеднички злосторнички потфат, за отстранување на „противниците“ и за контрола на територијата на Косово
Кои биле тие противници? Соработници на југословенската држава и нејзините сили и луѓе кои не ја поддржувале ОВК и привремената Влада на Косово, вклучително и членовите на Демократскиот сојуз на Косово, Срби, Роми и луѓе од други етнички групи.
Од каде знаеме дека ОВК ги имала тие цели? Врз основа на заклучокот од нејзиното однесување. Тука станува чудна приказната за специјализираните обвинители. Се вели дека за време на бомбардирањето на НАТО, „војници на ОВК и голем број цивили од албанска националност, од Косово преминале во Албанија“ (закосените зборови се мои). Но, тоа е линијата на одбраната на сите осудени српски воени злосторници. Тоа не е факт.
Фактите се дека НАТО не интервенираше против Србија за да го прикрие заговорот на Народното движење на Косово/ОВК; дека повеќето припадници на ОВК останаа во Косово и дека српските сили протераа околу 800.000 албански цивили и дека илјадници од нив беа убиени и силувани.
Според обвинението на специјализираните обвинители, по завршувањето на војната, „голем број војници на ОВК и бегалци, косовски Албанци, се вратиле од Албанија и дошле во областите претходно контролирани од силите на СРЈ (Сојузна Република Југославија) (закосените зборови се мои)“.
Ова е делумна вистина, изразена со искривен јазик што издава пристрасност. Звучи како Албанците бегалци од Косово и војниците на ОВК да го окупирале Косово. Требаше ли да останат во Албанија? Тие се вратија дома, исто како што југословенските сили се вратија во Србија.
Да претпоставиме дека специјализираните обвинители сакаат да ја прекројат историјата на војната во Косово. Тие мизерно потфрлија, според сите фактички стандарди. За жал, нивниот паралелен универзум е рамка во која ќе се донесуваат одлуки за водачите на ОВК, на кои во моментов им се суди. И тоа ти е некоја правда!