Регион

Специјалниот суд на Косово може да ја унапреди правдата

Косово, со соработката со Специјалниот суд, ќе помогне да се изврши притисок врз Србија да се стави крај на културата на неказнивоста

Специјализираното обвинителство на Косово (СОК) официјално го обвини претседателот, Хашим Тачи, за воени злосторства и злосторства против човештвото, поврзани со војната 1998-1999, заедно со уште тројца поранешни високи припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), организација која се побуни против долгогодишното прогонство и злоставување од страна на српските власти.

Веднаш по оставката на Тачи, тој беше префрлен во Хаг, каде се наоѓа седиштето на Специјализираните совети на Косово (ССК), пред кои Тачи за прв пат се појави во понеделникот.

Судот, кој го финансира ЕУ, а чиј главен обвинител е Американец, беше формиран во 2016 година, за да ги суди злосторствата извршени за време и веднаш по војната во Косово, од кои голем број се документирани во извештајот на Советот на Европа од 2010 година. Судот е формално дел од косовскиот судски систем, но неговото седиште е во Холандија и во него се ангажирани меѓународни судии, обвинители и секретар.

Критичарите на судот го прикажуваат овој напор како еднострана, антиалбанска кампања. Но, обвиненијата вклучуваат и убиства на косовски Албанци кои биле политички противници на ОВК. Голем број од наведените околу 100 албански, српски и ромски жртви на злосторствата, што ќе бидат процесирани пред овој суд, исчезнале по војната, така што овие злосторства не биле поврзани со непријателствата.

Всушност, многу од овие злосторства не беа гонети пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), кој ги процесираше злосторствата извршени само до крајот на војната, во јуни 1999 година, додека Специјалниот суд има јурисдикција за злосторствата извршени до 31 декември 2000 година.

Сега се важни три чекори. Прво, судот, ЕУ и другите поддржувачи на судот, мора да продолжат да им обезбедуваат силна заштита на сведоците, чиј изостанок ги поткопа случаите против другите поранешни водачи на ОВК, вклучително и оние пред МКТЈ.

Второ, обвинителството и судот треба да им обезбедат на сега обвинетите, и на оние што ќе бидат обвинети во иднина, правично судење со спроведување на сите права на постапката.

Трето, владите на САД и на европските земји, треба да го искористат ова, за да ја унапредат правдата во Србија, кога станува збор за злосторствата извршени во Косово и низ цела поранешна Југославија.

Поголемиот број воени злосторства во Косово ги извршија српските и југословенските сили и за нив никој не одговараше, вклучувајќи го и организираниот трансфер на стотици тела во Србија, кои потоа беа фрлени во масовни гробници.

МКТЈ го гонеше југословенскиот претседател Слободан Милошевиќ и шестмина негови високи функционери за сериозни злосторства извршени во Косово, осудувајќи пет од нив, додека еден беше ослободен (Милошевиќ почина за време на судењето).

Но, подготвеноста на српската влада да донесе правда за овие злосторства е срамотно мала.

Гонењето на злосторства во Србија е болно бавно, при што доследно се избегнува процесирањето на високи полициски и воени функционери. Владата ги дочека како херои лицата осудени од Хашкиот трибунал, кои беа ослободени откако ја издржаа својата казна.

Косово, со соработката со Специјалниот суд, ќе даде пример за пофалба за почитување на владеењето на правото и подготвеноста за соочување со минатото. Исто така, ќе помогне да се изврши притисок врз Србија да се стави крај на културата на неказнивоста, која владее во оваа земја од крајот на војните.

Лоте Лајхт е ЕУ директорка на Хјуман рајтс воч.
Ставовите изразени во овој коментар се ставови на авторот и не ги одразуваат нужно и ставовите на БИРН.