Регион

Некогашни соборци и денешни политички ривали, седнаа заедно на обвинителна клупа

Красниќи и Селими заедно седнаа на обвинителната клупа во Хаг, како лица осомничени за воени злосторства

Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, на претпретесните рочишта одржани пред Специјалните совети на Косово (ССК) во Хаг оваа недела, негираа дека учествувале во воени злосторства и злосторства против човештвото, извршени за време и веднаш по војната во Косово, од 1998 до 1999 година.

Тогаш и двајцата беа високи припадници на ОВК. Красниќи беше нејзин портпарол, а Селими директор за операции во Главниот штаб на ОВК.

Со нив беа обвинети уште две големи личности на ОВК – Хашим Тачи и Кадри Весели, и двајцата основачи на организацијата.

Красниќи и Селими, исто како и Тачи и Весели, две децении по војната, важат за истакнати политичари во Косово, каде поранешните припаници на ОВК во голема мера доминираат на повоената политичка сцена.

Красниќи е претседател на Националниот совет на една од помалите партии во владината коалиција, Социјалдемократската иницијатива, НИСМА, додека Селими е шеф на парламентарната група на најголемата опозициска партија, движењето Самоопределување (Ветевендосје).

Красниќи и Селими се обвинети, заедно со Тачи и Весели, за низа злосторства, кои вклучуваат незаконско затворање, тортура, убиства, присилно исчезнување и прогонство, извршени од март 1998 до септември 1999 година. Сите четворица изјавија дека не се виновни по обвиненијата.

Обвинителството тврди дека тие биле дел од заеднички злосторнички потфат, со цел преземање на контролата над цело Косово, користејќи средства кои вклучувале „незаконско заплашување, малтретирање, насилство и отстранување на оние што се сметале за противници“.

Обраќајќи му се на судот во понеделникот, Красниќи го отфрли обвинението: „Тоа беше заеднички потфат за ослободување и потфат за формирање држава“, изјави тој.

Селими, пак, пред судот во средата истакна дека тој „се борел против српскиот окупатор, кој во мојата земја донесе само зло – убиства, раселување, понижување и геноцид“.

„Централни фигури во ОВК“

Политичкиот аналитичар, Фитим Салиху, за БИРН вели дека Селими и Красниќи биле „две централни фигури во ОВК“.

Селими бил еден од тројцата нејзини припадници кои го имале „првиот јавен настап во името на ОВК во 1997 година“, додека Красниќи, како портпарол, бил едно од лицата најекспонирани во јавноста, особено во комуникацијата со домашното и меѓународното јавно мислење, преку медиумите“, објаснува тој.

И двајцата се добро познати во Косово, како по нивните улоги во војната, така и по заземените спротивставени политички страни, по војната.

Политичката кариера на Красниќи започнала пред неговото вклучување во ОВК, уште додека Косово беше покраина на Југославија.

Познат како наставник по историја, Красниќи бил активен во групи кои на крајот се обединиле во Народното движење на Косово, националистичка организација на косовските Албанци основана среде протестите во раните 80-ти години, со кои се бараше поголема автономија за Косово, во рамките на тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ). Поради овие негови активности Красниќи поминал долг период во затвор-од 1981 до 1991 година.

По затворањето, тој станал член на претседателството на Демократскиот сојуз на Косово, ДСК, партија која беше забранета од југословенските власти, поради наводен сепаратизам и национализам. Тој подоцна стана пратеник во косовското Собрание кое делуваше во сенка, а кое беше формирано како паралела на  официјалното Собрание на покраината.

Кон крајот на 90-тите, кога започна вооружениот конфликт, Красниќи стана важна личност во ОВК, портпарол на Главниот штаб и член на нејзиниот политички директорат, а од ноември 1998 година и заменик командант за поддршка.

Салиху објаснува дека Красниќи имал значајна улога на три нивоа.

„Како професор, тој беше поврзувачки мост меѓу интелектуалците… како поранешен политички затвореник, тој служеше како врска помеѓу поранешните политички затвореници и ОВК, и трето, како поранешен функционер на ДСК, тој служеше како модел за другите членови на ДСК кои ѝ се приклучија на ОВК“, нагласи тој.

Важноста на улогата на Красниќи се зголемила кога тој станал дел од косовската делегација на конференцијата во Рамбује во Франција во 1999 година, кога југословенскиот претседател, Слободан Милошевиќ, одби да го прифати предложениот мировен договор за ставање крај на војната во Косово, што доведе до воена интервенција на НАТО.

По војната, Красниќи го напушти ДСК и ѝ се приклучи на Демократската партија на Косово, ДПК, – партијата на Тачи и Весели, која произлезе од политичкото крило на ОВК.

Тој имаше повеќе важни позиции-беше претседател на Собранието во 2008 година, кога Косово прогласи независност. На оваа позиција остана до 2014 година, а во 2010 кратко ја извршуваше и функцијата вршител на должноста претседател.

Во 2014 година, заедно со уште еден поранешен припадник на ОВК, Фатмир Лимај, на кого Хашкиот трибунал му судеше за воени злосторства и беше ослободен од обвинението, ја формираше НИСМА.

Патот на Реџеп Селими, кој го доведе до тоа да стане важна фигура во Косово, започна од неговото именување на местото директор за операции на Главниот штаб на ОВК.

Заедно со уште двајца припадници на ОВК, тој го прогласи јавно формирањето на ОВК на 28 ноември 1997 година, на годишнината од прогласувањето на независноста на Албанија од Отоманската империја во 1912 година.

По војната, Селими беше еден од основачите на ДПК и министер за одбрана на привремената Влада на Косово. Во текот на 2000 до 2003 година, Селими, кој дотогаш стана генерал-мајор, ги извршуваше функциите командант на Академијата за одбрана на Косово и командант на командата за обука и доктрини на Косовскиот заштитен корпус.

Тој беше близок со поранешниот командант на ОВК, Рамуш Харадинај, кој по војната, исто така, стана познат политичар, на кого пред Хашкиот трибунал му се судеше и беше ослободен од обвинението за воено злосторство, како и со неговиот брат, Даут Харадинај.

Селими, во 2010 година, ѝ се приклучи на Алијансата за иднина на Косово, ААК, партијата на Рамуш Харадинај, но поради политички разединувања, подоцна премина во Самоопределување и тој денес е пратеник на ова движење во Собранието.