Регион

Во Мостар е убиен воен злосторник

Марко Радиќ, пред Судот на БиХ. Фото: Суд на БиХ

Мостарската полиција соопшти дека е уапсено лице осомничено дека  го убил воениот злосторник Марко Радиќ, наречен Мака, поранешен командант на ХВО-силите на босанските Хрвати.

„Во рок од два и пол часа по извршувањето на делото, нашите службеници го уапсија осомничениот“, изјавија од Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон за БИРН.

Осомничен е Јосип Цвитановиќ, наречен Цвики, кој претходно бил осуден на осум години затвор за убиство на таткото на неговата сопруга и за обид за убиство на нејзината мајка и тетка, во 2004 година. Засега не е познат мотивот за убиството на Радиќ.

Радиќ беше ослободен во декември 2018 година, откако судот во Загреб, со носење на контроверзна одлука, му ја намали казната, и тој беше ослободен затоа што му беше земено предвид времето што тој претходно го поминал во затвор.

Во 2011 година, Судот на Босна и Херцеговина го осуди Радиќ на 21 година затвор, за злосторства против човештвото, извршени врз Бошњаци во регионот на Мостар, за време на војната во БиХ.

Судот утврди дека Радиќ, во својство на командант на првиот баталјон на Бело Поље на втората бригада на ХВО, учествувал во формирање на затвор и наредил незаконско апсење на десетици бошњачки цивили, жени, деца и постари лица, како и нивно затворање.

Неговото барање да ја служи казната во Хрватска наместо во БиХ, беше одобрено и судот во Загреб се согласи да го преземе извршувањето на пресудата.

Но, судот во Загреб донесе одлука со која казната на Радиќ, од 21, му ја намали на 12 и пол години затвор, со образложение дека хрватскиот правен систем не го признава терминот „заеднички злосторнички потфат”, кој беше содржан во пресудата на Судот на БиХ.

Одлуката за одобрување на барањето на Радиќ, да ја издржува казната во Хрватска, донесена од министерот за правда на БиХ, Јосип Грубеша, предизвика незадоволство кај бошњачките политичари.

Таа предизвика и загриженост дека и други осудени лица во БиХ, кои поседуваат хрватски пасош, можат да побараат префрлање во Хрватска, со цел да добијат поблаги казни.

Поранешниот хрватски претседател, Иво Јосиповиќ, во тоа време за БИРН изјави дека злосторствата извршени од Радиќ биле „толку тешки, што новата утврдена казна е премногу мала и непропорционална со тежината на злосторствата“.

Обвинителството на БиХ го обвини Радиќ во уште еден случај. Имено, тој, заедно со други три лице, беше обвинет за напад врз група од неколку стотици бошњачки цивили во Мостар, во февруари 1997 година, при што еден цивил починал, а бројни други биле ранети.

Во обвинението стоеше дека тој го сторил злосторството како командант на Полициската управа Мостар. Другите напаѓачи, исто така, биле полицајци.

Во овој случај дојде и до судење, кое подоцна беше стопирано од засега непознати причини, а никогаш не беше донесена ниту пресуда.

Emina Dizdarevic and Haris Rovcanin