Регион

Србија: Без судски одлуки за обештетување на жртвите на воено силување

Судовите во Србија не донеле ниту една одлука за исплата на отштета на луѓето што преживеале воено сексуално насилство

Се срамев од себеси, целосно се срамев, сè уште се срамам да зборувам за тоа, и тоа не ми дозволуваше да го сторам ова, сè додека не почна да ме прогонува и не почнав да врескам и да зборувам во сон, па морав да проговорам за тоа, не можев повеќе да го држам во себе“.

Ова се зборови на една жена, изречени пред одделението за воени злосторства на Вишиот суд во Белград, пред кој таа сведочеше како заштитен сведок, на судењето на поранешниот припадник на Војската на Република Српска (ВРС), Далибор Максимовиќ. Откако во мај 1992 година, убил четворица мажи во близина на Братунац, источна Босна и Херцеговина, Максимовиќ ја држел оваа жена во заробеништво скоро два дена, при што ја силувал неколку пати.

Во септември 2019 година, три години после сведочењето на оваа жена, Максимовиќ, со првостепена пресуда, беше осуден на 15 години затвор за убиство, незаконско затворање и силување на бошњачки цивили.

Во пресудата се наведува дека на 9 мај 1992 година, за време на војната во БиХ, Максимовиќ и уште еден припадник на ВРС, издвоиле тројца мажи од група заробени бошњачки цивили и ги стрелале. Еден од нив сè уште давал знаци на живот, па Максимовиќ го заклал со нож.

Истиот ден, тој убил уште еден Бошњак. Потоа, придружуван од друг неидентификуван припадник на ВРС, тој им наредил на две жени – ВС1 и ВС2, кои сведочеа како заштитени сведоци на неговото судење – да влезат во нивното возило.

Жените ги однеле во шума, во близина на Братунац, каде неидентификуваниот војник ја силувал ВС2. Максимовиќ ја силувал ВС1, а потоа ја однел во неговата куќа, лоцирана во близина, каде во текот на ноќта повторно ја силувал, а наутро ја пуштил да си оди.

Кога ВС1 се појави пред судот во септември 2016 година, таа нагласи дека не сака да се сретне со обвинетиот лице в лице, по што судот ѝ дозволи да сведочи од посебна просторија.

Пред таа да сведочи, исказ даде експертот, Бранко Мандиќ, кој изјави дека врз основа на прегледот и медицинската документација до која имал пристап, утврдил дека овој сведок страда од хронична форма на посттрауматско стресно нарушување, од анксиозност и од депресија.

„Што се однесува до нејзината моментална ментална состојба, можев да забележам дека во неа постои одредена емоционална напнатост, што се појавува за време на разговорите за одредени теми поврзани со настаните од војната, која емоционална напнатост не е присутна кај други теми“, нагласи Мандиќ.

Тој додаде дека ВС1 рекла оти од војната, има дијабетес и хипертензија.

Опишувајќи како се чувствувала еден ден по силувањето, ВС1 пред судот изјави: „Се молев некој да ме убие, за да не живеам повеќе со оваа несреќа – не можам да гледам, не можам да живеам повеќе од срам“.

Судијата ја праша колку отштета бара за тоа низ што поминала.

„Па, чесен суде, барам што е нормално, ако има такво нешто, мојот живот е уништен, а вие знаете колку тоа вреди“, рече таа.

Сепак, судот не ѝ додели ништо. Со првостепената пресуда ѝ беше препорачано да поднесе граѓанска тужба за отштета. Адвокатот на оваа жртва, Марина Клајиќ, вели дека во текот на судењето било поднесено барање за обештетување „но судот одби дури и да расправа за тоа“.

Српските судови досега не доделиле отштета на ниту една жртва во предметите на воени злосторства.

Во документот „Предлог за практична политика: Гонење на злосторствата на сексуално насилство за време на вооружените конфликти пред судовите во Република Србија“, што минатата година го објави Фондот за хуманитарно право (ФХП) со седиште во Белград, се вели дека од почетокот на војната во Босна и Херцеговина, односно, меѓу 1992 и 1993 година, биле силувани помеѓу 12 000 и 70 000 жени.

Сепак, српското обвинителство за воени злосторства (ОВЗ), гонеше само десетина случаи на воено сексуално насилство.

Истиот проблем беше посочен во 2017 година, од тогашната директорка на правната програма на ФХП, Милица Костиќ. Во публикацијата под наслов „Родовата димензија на воените злосторства: сексуално насилство врз жените“, објавена од Белградскиот центар за безбедносна политика (БЦБП), Костиќ изразува загриженост поради малиот број осудителни пресуди за воено сексуално насилство во Србија.

„До денес, во Србија се донесени само две конечни пресуди за силување како воено злосторство (во Бијелина и во Лекај). Имајќи ја предвид распространетоста на злосторството – сексуално насилство, за време на војните во поранешна Југославија, анализата заклучува дека ОВЗ ги занемарило овие дела“, напиша Костиќ.

Пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), скоро половина од оние на кои што им беше судено, беа обвинети, меѓу другото, и за одговорност за сексуално насилство.

Во својата публикација од 2017 година, Костиќ го посочува судењето на Далибор Максимовиќ, истакнувајќи дека судот го отфрлил предлогот на ОВЗ, да се изврши нова експертска анализа, за степенот на душевното страдање на жртвата. Судот тврдеше дека ова би довело до „одолговлекување на постапката“.

Костиќ посочува дека одолговлекувањето на постапката не е причина за загриженост „ако имаме предвид дека судењата за воени злосторства во Србија, траат во просек пет или повеќе години“.

„Да се ​​зборува повторно за сексуалното насилство, е трауматично за жртвите“

Марина Кљајиќ. Фото: Уна Сабљаковиќ

Препорачувајќи ѝ на ВС1 да поднесе граѓанска тужба за отштета, судот не само што ја принуди да сведочи повторно во нов судски случај за тоа што ѝ се случило, туку и да го открие својот идентитет, бидејќи, според српскиот закон за граѓанска постапка, барателот на отштетата не може да се појави на суд под псевдоним.

Заради тоа, ВС1 се откажа од барањето за отштета.

„Да се зборува за сексуалното насилство што го претрпеле жртвите е крајно трауматично за нив“, изјави за БИРН, Марина Кљајиќ, адвокат што ги застапуваше жртвите во неколку случаи на воени злосторства, пред Вишиот суд во Белград.

„Жртвата (ВС1) во случајот Братунац, сведочеше под заштитни мерки, со скриен идентитет. Бидејќи таа мора да се појави во граѓанска постапка како тужител под нејзиното целосно име, таа се откажа од барањето за отштета за да се осигура дека нејзиниот идентитет никогаш нема да биде откриен“, додаде Кљајиќ.

Ретрауматизацијата се случува кога некој треба повторно да зборува за болното искуство од минатото, објаснува Билјана Славковиќ, психотерапевт, која работи со жени жртви на разни видови на насилство, вклучително и на военото сексуално насилство.

„Кога повторно се зборува за таквото искуство, жртвите се чувствуваат како повторно да минуваат низ тоа“, нагласува Славковиќ.

„Се разбира, би сакала да истакнам дека разговорот со психотерапевт е една работа, додека разговорот со претставниците на државните органи, кога таа личност се чувствува како да е повторно изложена и симболично силувана, е друга работа, особено кога оние што ги водат тие разговори, не се доволно сензибилизирани за таков вид на проблем“, додаде таа.

Врховниот суд го нагласува почитувањето на правата на жртвите

Врховниот касациски суд во Белград. Фото: Џорџ Грутас/Викимедија комонс

Во октомври 2019 година, Врховниот касациски суд, кој е највисок суд во Србија, презентираше документ-Насоки за подобрување на судската практика, кога судовите се занимаваат со прашањето за обештетување на жртвите на сериозни злосторства.

Во документот се нагласува дека, како дел од судската постапка, е потребно судовите да доделат обештетување на жртвите на сериозните кривични дела.

Иако, како се додава во документот, „ваквиот третман не е во согласност со принципот на ефикасност на постапката, како и со обврските што произлегуваат од ратификуваните конвенции (од страна на Србија) и другите меѓународни документи за минималните стандарди во однос на почитувањето на правата на жртвите“.

Врховниот касациски суд на Србија, исто така, посочува дека судиите и обвинителите треба да ја земат предвид Директивата на ЕУ за правата на жртвите, од 2012 година, во која се вели дека земјите членки на ЕУ се обврзани да им овозможат на жртвите во кривичните постапки, да го остварат своето право на отштета во разумен рок и да сторат сé што е можно за да ги заштитат жртвите од секундарна виктимизација.

Врховниот касациски суд, исто така, нагласи дека органот на постапката, кој , по правило е јавниот обвинител, е должен да собере докази за одлучување по барањето за отштета, уште пред тоа да биде поднесено.

Беа поставени прашања дали обвинителите распоредени во случаите на воени злосторства, што вклучуваат сексуално насилство, навистина ги информирале жртвите за нивните права на отштета и дали тие собрале докази за одлучување по барањата за отштета, како што советува Врховниот касациски суд.

Од ОВЗ за БИРН велат дека некои од овие случаи биле водени во согласност со законот за кривична постапка, кој важел до 2013 година, кога истражните судии ги спроведувале истрагите, и во тие случаи обвинителството не ги следело упатствата на Врховниот касациски суд, додека некои случаи биле преземени од Босна и Херцеговина – што сугерира дека обвинителството на БиХ требало да го реши ова прашање, уште пред да го предаде случајот.

Кљајиќ, сепак, нагласува, дека кога случајот е преземен од БиХ, рацете на Обвинителството не се врзани и на подготвителното рочиште тоа може да предложи докази што можат да се користат при барањето за отштета.

Дали судовите ќе ги следат насоките?

Вишиот суд во Белград. Фото: Уна Сабљаковиќ

Околу 15 случаи на воени злосторства во моментов се водат пред Вишиот суд во Белград. Меѓу нив е и судењето на Милош Чајевиќ, кој е обвинет оти , како припадник на интервентниот вод на резервниот состав на полицијата во Брчко, употребувал заплашување и терор за време на испрашувањата на притворените, во 1992 година.

Според обвинението, Чајевиќ се однесувал нечовечно кон двајца браќа, принудувајќи ги на меѓусебен сексуален однос, а една жена ја чувал заробена во куќа во која тој и другите членови на неговата единица ја принудувале на сексуални односи речиси секојдневно.

Во тек е и судењето на Далибор Крстовиќ, обвинет за силување на жена во училница во основното училиште во босанскиот град Калиновик, каде, во август 1992 година, биле приведени бошњачки цивили.

Во насоките на Врховниот касациски суд се вели дека, доколку постојат вистински услови, судот е „должен“ да го разгледа барањето за отштета, за време на кривичната постапка.

БИРН го праша Вишиот суд во Белград, дали отсега, ќе постапува во согласност со упатствата на Врховниот касациски суд.

Но, во одговорот на Вишиот суд не се споменуваат насоките на Врховниот касациски суд, туку се вели дека судовите треба да донесуваат одлуки засновани врз уставот, законите на земјата и меѓународните договори ратификувани од Србија, како и врз „општо прифатените правила на меѓународното право“.

Се додава дека судиите треба да „постапуваат во согласност со членовите 252 и 260 од Законот за кривична постапка, кога одлучуваат по барањата за отштета“.

Членот 252 предвидува дека барањето за отштета ќе се дискутира во текот на кривичната постапка, доколку тоа „значително не ја одложи“ постапката.

Сепак, Костиќ, во 2017 година посочи дека судовите го занемаруваат стандардот „суштински“ и дека, имајќи предвид дека судењата за воени злосторства во Србија веќе се одложуваат со години, секое друго одложување нема значајно да влијае на постапката.

Босна и Херцеговина, исто така, се соочи со слични проблеми врзано за барањата за отштета, иако судовите во земјата започнаа да носат одлуки за обештетување на жртвите на воено насилство, во рамките на судењата за воени злосторства, без жртвите да бидат принудени да поднесат граѓански тужби.

„Ова се покажа многу добро и им го реши проблемот за многу жртви на сексуално насилство, кои сами не би започнале судски спорови“, нагласува Кљајиќ.

Сепак, експертите во БиХ предупредуваат дека ситуацијата не е решена во целост, затоа што понекогаш осудените сторители не можат или не сакаат да платат отштета, дури и кога тоа ќе им го наложи судот.

„Тоа е неверојатно циничен систем

Мерис Мушановиќ. Фото: Уна Сабљаковиќ

Иако поминаа повеќе од две децении од крајот на војните во поранешна Југославија, ОВЗ сè уште има 2.963 случаи во предистражна фаза, велат од оваа институција за БИРН. Не е познато колку од овие случаи вклучуваат сексуално насилство.

Останува нејасно дали потенцијалните барања за отштета во идните предмети на воени злосторства, кои вклучуваат жртви на сексуално насилство, ќе бидат решени во рамките на судењата, или ќе продолжи практиката на предлагање граѓанска тужба.

„Граѓанските постапки траат со години, тие се екстремно скапи и емоционално исцрпувачки и трауматични за жртвата“, вели за БИРН правниот аналитичар на ФХП, Мерис Мушановиќ.

„Меѓутоа, ако расправата за барањето за отштета, навистина ја одложи кривичната постапка, тогаш Србија треба да го измени Законот за парнична постапка, за да дозволи, заштитните мерки (како што е анонимноста за жртвите на сексуално насилство) да бидат пренесени од кривичната во граѓанската постапка“, нагласува тој.

Мушановиќ додава дека со српскиот закон за заштита на воените ветерани и инвалидите, не се опфатени и жртвите на сексуално насилство.

„Значи, Србија директно го игнорира својот устав, според кој не смее да има дискриминација по никаква основа, а со тоа ни врз основа на разликување помеѓу физички и психолошки повреди“, наведува Мушановиќ.

„За да добие некој статус на цивилна жртва на војна во Србија, тој мора да има најмалку 50 проценти телесни повреди, што ги исклучува жртвите на сексуално насилство, кои обично немаат физички повреди, туку претрпуваат значителни психолошки повреди“, објаснува тој.

Затоа, Мушановиќ смета дека Србија треба да донесе посебен закон со кој ќе се регулира статусот на цивилните жртви на војната, така што „дискриминацијата заснована на правење разлика помеѓу психолошките и физичките повреди на телото“, ќе биде укината.

Славковиќ додава дека српскиот систем мора да се смени, бидејќи жртвите се под преголем притисок.

„Тоа е неверојатно циничен систем, во кој од жртвата која сведочи како заштитен сведок или како особено чувствителен сведок, се очекува да ги има сите психолошки, физички, финансиски и секакви други ресурси за покренување на случај“, заклучува таа.

Уна Сабjаковиќ (Una Sabljakovic) е дописник на радио Дојче Веле од Белград. Овој текст е креиран во рамките на програмата на БИРН, Балканска транзициска правда, поддржана од Европската комисија.