Вести

Обвинителството не најде криминал за изградбата на кулите пред „Холидеј ин“

Отфрлена е кривичната пријава на антикорупционерите

По четири години неизвесност и јавни полемики околу изградбата на кулите спроти хотелот „Холидеј ин“, Обвинителството стави точка на случајот: Нема криминал.

Ја отфрли кривичната пријава што ја поднесе Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), со заклучок дека во неа нема елементи на кривично дело.

Две обвинителства работеа на случајот. ДКСК, во април 2021 година ја испрати кривичната пријава до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а потоа на предметот работеше и Скопското обвинителство.

Во неа беа пријавени поранешните градоначалници на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, раководители во Градот, во Општина Центар и во Министерството за транспорт и врски, како и двајца планери и одговорен во фирмата „Билд“, која го изработила деталниот урбанистички план.

Пријавените како службени лица, кои со своето постапување или непостапување придонеле во 2012 година да се донесе детален урбанистички план, кој не е усогласен со генералниот урбанистички план.

Планерите предвиделе поголема густина на населеност од 500 жители по хектар, спротивно на густината што ја предвидел генералнот урбанистички план од 2002 година, кој тогаш бил во важност.

Урбанистичкиот план ѝ овозможи на фирмата „Обновители“, чии косопственици се првиот човек на МГ Фешн, Зоран Антиќ и МПЦ-ОА, преку т.н. процес на окрупнување, да го купат земјиштето и да платат цена за приватизација, која, како што стоеше во наводите на тогашните антикорупционери, е пониска од пазарната цена на земјиштето.

Оградата околу градилиштето | Фото: БИРН

Од одговорите што БИРН ги доби од обвинителството произлегува дека одлуката што ја донеле за отфрлање на кривичната пријава, покрај другите докази, ја темелат на градежното и архитектонско-урбанистичко вештачење.

„Вештите лица констатираа дека сите плански одредби од предметниот детален урбанистички план, како и сите постапки за негово спроведување (постапки за оформување градежна парцела и отуѓување градежно земјиште, изводи од урбанистички планови и решенија за градење) биле во согласност со законите.“

Со дополнителен наод, вештаците констатирале дека спорниот детален урбанистички план е усогласен со генералниот урбанистички план за Градот Скопје за периодот 2012-2022 година.

На просторот каде што некогаш имаше голем отворен паркинг, во последниве години никнува „Гранд Скопје“ – комплекс, кој опфаќа две станбени згради со 22 и 20 ката плус поткровје, како и деловна 16-катница.

Проектот беше под будното око на јавноста и граѓанските организации, како битка меѓу инвеститорите и јавниот интерес.

Со одлуката на Обвинителството, случајот добива правна завршница. Дебатата за урбанизмот во Скопје и натаму останува отворена.