Извештај

Обвинителството по заобиколен пат го истражува сертификатот на директорот на АНБ

Инспектор добил одговор за 6 дена, обвинителството чека 4 месеци

Кога полициски инспектор го испитувал случајот со лажните сертификати за англиски јазик на двете директорки, доказот дека се работи за фалсификати го добил директно од американската компанија ЕТС, која ги издава сертификатите ТОЕФЛ.

БИРН открива дека станува збор за доказ што полицијата го добила за само шест дена.

Сега, во случајот со сертификатот на актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, истрагата четврти месец ја води Обвинителството.

Но, наместо преку САД да се обратат до ЕТС и бргу да добијат одговор, одат по заобиколен пат и бараат помош од Бугарија, каде што Христовски тврди дека го полагал испитот.

Доказ обезбеден за една недела

сертификат

Копија од сертификатот на една од осудените директорки | Фото: БИРН

Направивме увид во судските списи во предметот, во кој две директорки Т.К. и С.К. беа осудени дека со фалсификуван сертификат по англиски јазик, ТОЕФЛ, биле избрани на функциите.

Во розовата папка, меѓу неколкуте докази, се наоѓа и порака што полицискиот инспектор С.В. ја пратил на три имејл-адреси на компанијата ЕТС, која ги издава ТОЕФЛ сертификатите, на 21 ноември 2023 година.

Инспекторот во имејлот напишал дека полицијата се сомнева дека два сертификати по англиски јазик се фалсификат и за тоа бара потврда од компанијата. Во прилог прикачил и копии од сертификатите од јазичното студио „Јулија“, за кои се сомневаат дека се фалсификувани.

„Со цел да се утврди дали наведените сертификати на Т.К. и С.К. се веродостојни, на 21.11.2023 година, на службената имејл-адреса на ЕТС, која е лиценцирана да ги спроведува тестовите, беше испратено барање да ни одговорат дали извештаите од полагањето ТОЕФЛ се веродостојни, дали поседуваат видеозаписи од полагањето и дали го имаат полагано испитот“, пишува во обвинението.

Шест дена подоцна, на 27 ноември, во 16.27 часот стигнал повратен имејл, заедно со два документи од компанијата, од извесен Џон Зсамар, кој е аналитичар на безбедноста на тестирањата. Зсамар го информира полицискиот инспектор дека во нивниот систем и евиденција овие имиња не се појавуваат.

„Од нивната спроведена истрага во извештаите од тестирањата, во нивниот систем не се јавуваат извештаи со резултати од полагање испити, ниту испити со имиња на пријавените и наведуваат дека се потврдува дека наведените документи се невистинити/ фалсификати“, пишува во обвинението на обвинителката Марија Демирова-Панајотова.

Освен тоа, полицијата барала одговори и од Американ колеџ, универзитетот што кај нас го спроведува тестирањето за ТОЕФЛ. Во одговорот од универзитетот детално е објаснета процедурата, па се наведува дека за некој да полага официјален сертификат ТОЕФЛ, треба да се пријави со свои лични податоци на официјалната страница на ЕТС и да избере термин и држава за полагање.

Полагањето се прави директно на страницата на ТОЕФЛ, при што, на денот на полагањето се активираат т.н. работни страници, кои се поврзуваат со два сервери на ЕТС преку кои се спроведува полагањето. Од тоа постојат и видеозаписи бидејќи полагањето се снима.

И додека постапката за двете осудени директорки одела брзо, во случајот со сертификатот по англиски јазик на директорот на АНБ, Христовски, Обвинителството одлучи да оди по друг пат, па се обрати до Бугарија, каде што тој го полагал испитот во истото јазично студио „Јулија“, како и директорките.

На прашањето на БИРН зошто и во овој случај со директорките, не се обратат преку САД до ЕТС, од скопското обвинителство не одговорија конкретно. Пишаа дека чекаат одговор од Бугарија, а потоа ќе одлучуваат што понатаму.

Во меѓувреме, до Антикорупциската комисија стигна уште една пријава за директор на основно училиште дека има фалсификуван сертификат по англиски јазик.

И овој предмет, како и тој за директорот на АНБ, падна кај антикорупционерката Цвета Ристовска. Таа, исто како и во случајот со Христовски, кажа дека „ДКСК нема обврска за утврдување автентичност на сертификатот.“

Едногласно го затворија предметот и го препратија до скопското обвинителство.