Анализи

Од државата и плата и хонорар

Над 1.600 луѓе членуваат во управни и во надзорни одбори | Фото: БИРН

Државата годишно троши меѓу два и три милиони евра за надоместоци за работата на членовите на управните и надзорните одбори на разни институции и претпријатија, покажуваат пресметките на податоците до кои дојде БИРН.

Тие одржуваат седници еднаш или неколкупати месечно, на кои се донесуваат одлуки за понатамошната работа на претпријатието, а директорите потоа треба да го спроведат одлученото. Членството не се смета за вработување, туку за дополнителна, хонорарна работа.

БИРН побара податоци за висината на надоместоците на членовите на управните одбори на државните компании и на јавните претпријатија на централно ниво. Според податоците што ги добивме, најчесто се исплаќаат по 12.000 денари месечно за претседателите и 10.000 за членовите, а во некои установи им се исплаќаат 11.000 денари на заменик-претседателите.

Исклучок се управните одбори на државните акционерски друштва, чии членови се всушност директори на тие компании со полно работно време и земаат плати од 900 евра (Пошти) до 1.100 евра (МЕПСО). Има и дел претпријатија што им исплаќаат пониски суми на управните и на надзорните одбори, како Агро берза, Хидросистемот Лисиче и државната новинска агенција, меѓу пет и девет илјади денари.

Но, вакви управувачки структури немаат само компаниите и претпријатијата. Од објавите за именување во Службен весник може да се види дека управни одбори раководат и со десетте центри за јавно здравје, 35-те здравствени домови, 30-те центри за социјална работа, студентските домови, универзитетските клиники, како и други агенции, дирекции, државни центри, фондови и други установи.

На страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата, каде што секој што е именуван за некаква функција треба да се регистрира и да поднесе анкетен лист со својата имотна состојба, може да се најдат 1.292 членови на управни одбори и 386 лица што членуваат во надзорни одбори.

Ако се земе предвид дека најниските надоместоци се околу 5.000 денари, а највисоките околу 12.000, произлегува дека од државниот и од локалните буџети годишно се издвојуваат меѓу два и три милиони евра за членовите на управните и на надзорните одбори.

На работа во државно, на тезга во управен одбор

Најмалку 180 луѓе со државно вработување членуваат во одборите | Фото: БИРН

Управувачките структури на институциите и претпријатијата ги истражуваше и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје, кој собра податоци за околу 300 членови на овие одбори за нивното образование, искуство, работното место и други информации, според кои, може да се оцени нивната стручност и компетентност.

Податоците покажаа дека околу 180 работат во јавните установи (државната администрација, локалните администрации или во јавни претпријатија), а околу 110 биле во приватни компании, организации или имале редовен ангажман неповрзан со јавниот сектор. Десетмина биле невработени.

Редовната работа, управувачката работа и образованието на некои луѓе се толку неповрзани, што има случаи, во кои членови со дипломи од социјална политика работат во Аеродроми на Македонија, а му вршат контрола на финансиското работење на МЕПСО. Или лице со високо образование од областа на земјоделството, кое работи како раководител во Министерството за земјоделство да врши надзор на работата во Македонски пошти, а дипломиран педагог што работи како наставник и архитект што го води урбанизмот во Струмица да носат одлуки во врска со инфраструктурата на Македонски железници.

Меѓу оние со државна работа нема само обични членови на администрацијата, туку и раководители на сектори, а петнаесетмина се советници на министри или извршуваат други советнички функции во министерствата за финансии, земјоделство, труд и социјала и други.

Од патишта во пасишта и од политика во шума

Патот на некои членови води во области во кои немаат искуство | Фото: БИРН

Иако нема строго утврдени правила, општите начела налагаат во управните одбори да членуваат лица што ја познаваат областа во која работи институцијата и што се истакнале со својата стручност и професионалност, а во надзорните да членуваат, пред сѐ, правници и економисти што ќе можат да вршат контрола на материјалното и финансиско работење на овие државни компании.

Пример од кој се гледа неповрзаноста меѓу функциите што ги извршуваат исти лица е и оној за  јавното претпријатие за пасишта, кое  го управуваат трудов инспектор, општински правник и наставник по информатика во основно училиште, а надзор им врши, исто така, наставник што дипломирал археологија.

Вообичаено е и лица што работат во едни јавни претпријатија да управуваат или да вршат надзор во други, па така дипломиран економист во ЈП за патишта го контролира ЈП за пасишта.

За илустрација е и податокот дека сите членови на управниот одбор на јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“ имаат државно вработување, и тоа двајца во Министерството за одбрана, и по еден во Агенцијата за вработување, Генералниот секретаријат на Владата и во Институтот по медицина на трудот.

За управувањето со шумите во земјава носат одлуки дипломирани економисти, правници, политиколози и педагози, од кои дел се вработени во локалните самоуправи или во основните судови.

Додека архитект, педагог и сметководител одлучуваат за управувањето со пругите, железничките станици и другите објекти што се под надлежност на МЖ „Инфраструктура“, надзор дали претпријатието законски и совесно ги користи материјалните добра и финансиите врши, меѓу другите, и просветен инспектор што дипломирал педагогија.

Во поштите и во државната лотарија надзор вршат лица што дипломирале земјоделски науки и што работат во својот сектор.

Според извештајот на ИДСЦС, бројноста и надоместоците на членовите на управувачките структури заедно со непрецизираните критериуми во законската регулатива ги прави овие институции ризични точки за партизација и клиентелизам,, што влијае врз квалитетот на нивното управување.

Департизацијата на јавниот сектор и воведувањето систем базиран на заслуги е редовна препорака во извештаите на Европската комисија за напредокот на земјава кон евроинтеграциите, која може да се види и во последниот извештај.