Анализи

Од кочници до ауспух: Технички преглед на чесен збор

Кој ги проверува тие што треба да проверуваат дали возилата смеат да влезат во сообраќај

Ако некој Холанѓанец се сомнева дека во сообраќај е пуштено небезбедно возило, доволно е на интернет само да ја впише неговата регистрaција и ќе види дали е регистрирано, кога поминало на технички преглед, но и какви проблеми имало претходно.

Ова е пракса во повеќе европски држави.

Некаде, податоците се бесплатни и отворени и за странци, во други достапни се за локалните жители, а може и да се наплаќаат. Кај нас, пак, вакви информации немаат ни самите државни институции, кои се одговорни да ја следат безбедноста на возилата и нивното пуштање во сообраќај.

Процесот е заглавен најмалку 17 години со формирањето регистар за возила, кое Министерството за внатрешни работи сѐ уште не го направило.

Европската Унија, преку неколку директиви и иницијативи, како што е EUCARIS (European Car and Driving License Information System), поттикнува вмрежување на регистрите на возила меѓу земјите-членки со размена на податоци за регистрација на возила и возачки дозволи. Но, тие не се јавни, туку за размена меѓу институциите.

Полицијата, на пример, не знае колку возила вратиле станиците за технички преглед затоа што не им биле исправни сопирачките или поради тоа што не го минале филтерот за проверка на издувните гасови. Немаат ниту поопшти статистики.

„МВР не води евиденција за бројот на вратени возила од станиците за технички преглед по основа на техничка неисправност. Такви податоци можете да добиете од станиците за технички преглед“, гласеше нивниот одговор за БИРН, кога побаравме сумарен податок, за тоа колку вкупно возила лани биле вратени од станиците за технички преглед.

Овој податок фрли сенка на тоа како е поставен целиот систем за проверка на возилата, па тргнавме да истражуваме што прават институциите, какви статистики имаат и колку навистина се контролираат станиците за технички преглед.

Преписките со Министерството за внатрешни работи траеја со месеци. Информациите што ги добивме беа штури, што го наметнува впечатокот дека ова е сектор оставен на свеста и совеста на луѓето во техничките прегледи и станува „интересен“ само при големи трагедии, како онаа во Ласкарци, кога се преврте автобус што сообраќаше од Скопје до Гостивар.

Во случајот „Ласкарци“, судската постапка покажа дека само неколку месеци пред несреќата, возилото без да биде соодветно прегледано, било пропуштено на технички преглед и добило печат за регистрација. Во несреќата загинаа шеснаесетмина.

„Ќе те пуштиме, но поправи го“

Ако ауспухот чади над дозволеното, сопственикот се советува да го „издува“ на автопат | Фото: БИРН

„Возилото ќе го поминеме, ама направи си ја едната кочница, не ти работи“, бил советот што го добил скопјанец во станицата за технички преглед, кога својот постар автомобил го донел на регистрација.

Иако возилото било неисправно, што подоцна било констатирано и во сервисот во кој скопјанецот го однел на поправка, автомобилот добил потврда дека е технички исправен.

Неговиот сопственик останал во прашалници – како е можно да помине на регистрација со сериозен дефект на сопирачките.

„Автомобилот веднаш го однесов на сервис, претходно не забележав дека има проблем, но колку се совесни останатите?! Не сакам ни да помислам што сѐ може да се случи кога вакви возила се пуштаат во сообраќај“, вели тој.

БИРН слушна повеќе вакви искуства, за нерегуларности на техничките прегледи, кои под услов на анонимност ги споделија граѓани и вработени во станиците за регистрација. Така, на пример, ако ауспухот чади повеќе од дозволеното, тогаш сопственикот на возилото се советува да „го издува на автопат и да се врати на технички за 15 минути.“

Низ прсти се прогледува и за други работи, кои, иако на прв поглед изгледаат безначајно, може да направат големи проблеми.

„И едно неисправно светло или уред дали за обележување, означување и осветлување во ноќни услови, може да биде круцијално за случување сообраќајна незгода. А, контролорот на технички само вика поправи си го, и на укажан збор и на доверба се завршува неговата работа“, укажува професорот од Техничкиот факултет во Битола, Зоран Јошевски кој е и поранешен член на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Контрола за три минути

МВР треба да направи контрола на најмалку 1% од возилата што веќе поминале на технички преглед | Фото: БИРН

Како се прави технички преглед на возилото детално е опишано во правилникот за оваа намена. Тој опфаќа многу работи – од визуелен преглед дали бројот на шасија, моторот и бојата на возилото се совпаѓаат, проверка на моторот и погонскиот систем, до тоа како работат сопирачките, воланот, светлото, бришачите, прскалките, ретровизорите.

Задолжително се проверуваат и издувните гасови, влечните уреди, електричните приклучоци, а сето тоа се снима со камера, за овие снимки подоцна да послужат при надзорот што го прави МВР.

А тие треба да прават контрола на најмалку 1% од возилата што веќе поминале на технички преглед на станицата, така што ќе ја прегледуваат евиденцијата заедно со видеоснимките.

Сепак, видеоснимките се бришат по една година, а полицијата не стигнува да ги исконтролира сите станици, чија бројка во земјава се движи околу 110. Лани, на пример, влегле во само четвртина од нив, во реонот на Тетово, Куманово и Велес, a две станици проконтролирале и во Скопје.

Македонија е земја во која се возат едни од најстарите возила во Европа – просечната старост на автомобилите е речиси 20 години, на автобусите над 18. Лани во земјава биле регистрирани рекорден број од скоро 650 илјади возила.

На проблеми наишле само на три места во Тетовско и сите завршиле со писмено предупредување до раководителот. Во една од овие станици, полицајците забележале дека прегледот трае прекратко, во друга дека се избледени линиите на патеката, а во трета дека има лица однадвор во делот што е наменет за контролорите од станицата. Други забелешки лани немало.

Воопшто не биле направени вакви контроли во реонот на Битола, Струмица, Охрид и Штип.

Ако се вратиме неколку години пред да се случи несреќата во Ласкарци, МВР немаше најдено никакви нерегуларности во работата на станицата каде што беше регистриран автобусот што се преврте на патот кон Гостивар.

Но, контролата на истата станица направена непосредно по несреќата откри многу грешки. Меѓу нив и тоа дека прегледот на автобусите траел „нецели три минути“ и не се контролирале сопирачките, што според една од пресудите придонело во „сообраќајот на патиштата да учествуваат возила што се технички неисправни и претставуваат опасност по безбедноста во сообраќајот.“

Обвинителот Дарко Јакимовски, во завршните зборови за случајот пред судот, рече дека дури кај 80 автобуси, прегледувани во станицата за технички преглед биле утврдени технички неисправности, само врз основа на извршената контрола по несреќата, кога почнале да се прегледуваат старите видеоснимки.

Регистрирано возило што не било во земјава

Пресуда открива дека технички преглед правела хигиеничарка | Фото: БИРН

Ако се погледне судската архива, пак, може да се види дека МВР повремено, сепак, утврдувало нерегуларности, кои резултирале со забрана за вршење технички преглед на повеќе станици.

Во 2019 година, на пример, при контрола на станица во Гостивар, полициските инспектори утврдиле дека хигиеничарката го контролирала уредот за проверка на системот за еластично потпирање и системот за водење на тркалата. Освен тоа, во самата станица, одредени делови за снимање на техничкиот преглед на возилата не биле опфатени на снимките.

Во друг случај, полицијата, во станица за технички преглед во Скопје, во 2021 година, констатирала дека станицата не води регистар за извршен технички преглед на возила, нема регистар на потврди за извршен технички преглед, а проверката на возилата ја прави ученик на пракса и директорот на фирмата, кој не бил контролор.

Во Македонија, на технички преглед поминало возило без воопшто да се појави на проверка. Тоа се случило во една кумановска станица, каде што било регистрирано возило, кое во моментот на регистрацијата не било во земјава.

Во оваа станица, преку разгледување на снимениот видеоматеријал, МВР заклучило дека кај одредени возила, прегледот се правел површно, а контролорите не ја проверувале точноста на податоците на возилата како број на шасија, боја или регистарски таблички. Со тоа било овозможено да се пропуштаат и возила над кои не бил извршен технички преглед.

Регистар на возила – само на хартија

На вонреден технички лани биле испратени 1.532 возила, при што кај 80% имало проблеми | Фото: БИРН

Голем проблем за ставање ред во овој сектор е што и по 17 години од законската обврска, Македонија сè уште нема централен регистар на возила. Податоците за прегледите не се вмрежени со другите институции и не може системски да се следат нерегуларностите.

Со регистарот, на пример, ќе може лесно да се следат случаи кога возило, кое е вратено од технички преглед од една станица, е регистрирано во соседната, само неколку минути подоцна.

„Сега контролорот го гледа клиентот како постојан долгогодишен клиент што доаѓа на станицата за технички преглед. А ако го одбие, знае дека ќе оди во другата и таму многу лесно ќе ја заврши работата. Тука е проблемот“, вели професорот Јошевски.

Државата, со години, не водела сметка колку пари станиците за технички преглед треба да одвојуваат за РСБСП, утврди Државниот завод за ревизија. Од 112 станици, само 54 до нив доставиле податоци за уплатите меѓу 2019 и 2024 година. Ревизорите утврдиле дека речиси половината од тие што им доставиле податоци, уплаќале помалку средства од законски предвидените, или вкупно над 35.000 евра.

Дополнува и дека регистарот сам по себе не е решение за сите проблеми. Најголемиот предизвик, вели, е она што и досега е ставено како законска обврска на хартија, да биде спроведено на терен.

Во однос на регистарот, пак, тој сѐ уште е во фаза на планирање. Како што појаснуваат од МВР, владата, пред повеќе од два месеца, дала задолжение до Одделот за информатика и телекомуникации при МВР, да ја преземе неговата изработка, која е предвидена во законот од 2008 година.

МВР води статистика само за вонредните технички прегледи, кога полицијата на пат запира возило, па го праќа на техничка проверка во некоја од овластените станици. Лани биле испратени 1.532 возила, при што кај 80 проценти од нив биле утврдени проблеми.

Шест години по трагедијата кај Ласкарци, институциите сè уште немаат функционален систем за надзор. Додека хигиеничарки тестираат сопирачки, а неисправни возила добиваат печат, државата останува нем набљудувач.

А граѓаните се патници во систем, кој секојдневно „флертува“ со нова катастрофа.

 

Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги ги одразува ставовите на Европската Унија.