Регион

Од Србија не е побарано да гони лекар, обвинет за воени злосторства

Чајниче | Фото: Mарио Иличиќ/БИРН

Обвинителството на Босна и Херцеговина никогаш не побарало случајот против Душко Корњача, обвинет за воени злосторства во областа на Чајниче, за време на конфликтот во БиХ, да му биде префрлен на судството на Србија, каде обвинетиот денес живее и работи во клинички центар.

БиХ претходно распиша потерница по Корњача, кој е обвинет за планирање и давање наредба за прогон на несрпското население во општината Чајниче во 1992 година.

Случајот стана политички проблем минатиот месец, откако весникот „Ослобоѓење“ објави дека Корњача живее слободно во Нови Сад.

По реакциите на антивоените активисти, во јавноста реагираше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој рече дека Корњача има српско државјанство и дека е „угледен лекар“.

„Јас нема (да го екстрадирам Корњача) и немам право по ниту еден закон на Република Србија“. Никогаш нема да заштитам ниту еден злосторник, но сакам да ги заштитам правниот поредок и принципите“, изјави тој за медиумите минатиот месец.

Во времето на злосторството, Корњача бил претседател на Кризниот штаб во Чајниче, подоцна командант на Воениот штаб на српската општина Чајниче, и во исто време претседател на општинското собрание Чајниче и министер за одбрана во Владата на Српската автономна област (САО) Херцеговина.

„Корњача организирал затворање на несрпското цивилно население во затворски објекти, каде што затворениците биле убивани, незаконски затворени и физички малтретирани, додека имотот и институциите наменети за верски потреби на несрпското население, биле уништени“, се наведува во обвинението.

Корњача ги негираше обвиненијата: „Тогаш беше извршено страшно злосторство, но јас немам никаква врска со тоа. И покрај тоа, јас носам тага во мојата душа, поради она што се случи, исто како и 99 проценти од Србите во Чајниче“, рече тој за српската Хепи ТВ, минатиот месец.

Од Обвинителството за воени злосторства (ОВЗ) на Србија, за БИРН изјавија дека Обвинителството на БиХ „побарало Корњача Душко да биде сослушан како обвинет“, што било направено во септември 2014 година, и дека транскрипт од сослушувањето е испратен до Обвинителството на БиХ.

Меѓутоа, од ОВЗ додаваат дека „според достапните податоци, пред Вишиот суд во Белград, Оделението за воени злосторства, не е започната постапка заради отстапување на кривичноto гонење, ниту пак имаме информации дека Судот на БиХ поднел предлог за преземање на случајот од страна на судските органи на Република Србија “.

Od Судот на БиХ потврдуваaт дека Обвинителството на БиХ не предложило привремено отстапување на случајот на Србија.

Србија и БиХ потпишаа договор за екстрадиција, но неговите одредби не се однесуваат на злосторството геноцид, на злосторствата против човештвото и на воените злосторства.

Haris Rovcanin