Поранешни американски дипломати, академици и активисти за човекови права, го повикаа претседателскиот кандидат, Доналд Трамп, да ја отфрли поддршката на водачот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, кому му се суди за наводни воени злосторства.
Околу 30 американски државјани, повеќето од нив професори и активисти за човекови права, во вторникот објавија отворено писмо со кое го повикаа кандидатот за претседател на Републиканската партија, Доналд Трамп, да ја отфрли поддршката на тврдокорниот српски националист, Воислав Шешељ.
„За време на војната во Босна и Херцеговина, Шешељ инспирираше терор во срцата и умовите на мажите, жените и деца за време на насилните инвазии на неговата милиција на селата, спроведувајќи кампања на убиства, силување и тортура во источна Босна“, се вели во отвореното писмо.
Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), во март го ослободи Шешељ од обвинението за воени злосторства. Случајот сега е во жалбена постапка.
Тој сега е пратеник во српскиот парламент, а најверојатно ќе биде и кандидат за претседател на Србија во 2017 година.
Во септември, Шешељ го „пречека“ американскиот заменик претседател, Џо Бајден, во Белград, со политички протест во знак на поддршка на Трамп.
Тој ги повика Србите кои живеат во САД да гласаат за Доналд Трамп.
Неговата платформа и натаму е проткаена со националистичка реторика и се фокусира на создавање на „Голема Србија“, забавување на напредокот на Србија кон Европската унија и на создавање на поблиски врски со Русија. Тој јавно ги запали и знамињата на НАТО.
„Очигледно е дека Воислав Шешељ го гледа Доналд Трамп како сојузник. Г-дин Трамп нема направено ништо за да се откаже од поддршката на Шешељ“, стои во отвореното писмо.
Во него се критикуваат и коментарите во едно неодамнешно интервју што Трамп наводно го дал за српскиот неделен весник „Неделник“, во кое тој истакнува дека НАТО бомбардирањето на Србија во 1999 година било грешка.
Меѓутоа, од канцеларијата на Трамп соопштија дека интервјуто е измислено.
Во писмото понатаму се вели дека интервенцијата на НАТО во Косово „веројатно спасила илјадници животи“.
Во 1999 година, Трамп се залагаше за копнена инвазија и можна окупација на Србија, наместо бомбардирањето на НАТО.
Тој ова лето изјави дека, ако стане претседател, нема да интервенира во случај некој репресивен режим да ги убива своите граѓани.
Во писмото се критикува и позитивниот став на Трамп кон рускиот претседател Владимир Путин.
„За оние од нас, кои преживеале ужасни војни, што ги воделе воинствени автократски лидери, јавниот восхит на Трамп кон Владимир Путин е алармантен, со оглед на зголемениот ангажман на Путин, со лидерите на Србија и на ентитетот на босанските Срби, кои одбиваат да преземат одговорност за злосторствата од минатото, вклучително и за геноцидот“, се вели во писмото.
Во него се додава дека „доколку претседателствувањето на на Доналд Трамп биде на иста линија со руските и балканските екстремисти, тоа нема да им служи на американските интереси, а и онака кревкиот регион, може да го воведе во целосна криза“.
Ниту Трамп, ниту Шешељ, досега не одговориле јавно на ова писмо.
Сторијата е објавена и на Балканска транзициска правда