Интервјуа

Од „Успех“ во „кондурите“ на Горан Стефановски

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Ја напишав првата епизода уверен дека не мора никогаш да напишам втора.“ | Фото: БИРН

 Ми беше „шубе“ на почетокот, мислев дека ќе ми дадат отказ, вели Марјан Алчевски, сценарист на популарната ТВ-серија „Успех“ за соработката со продуцентите од HBO Europe.

„На две недели ми велеа супер е сценариото Марјан, сега ќе треба сè да смениш! Буквално на две недели! Секогаш мислев дека следниот пат ќе ми кажат, слушај дечко се обидовме шестпати и не оди.“

„Излезе дека тие ценат ако се трудиш, испорачуваш навреме и професионално го одработуваш ангажманот. Умеат да препознаат одреден квалитет кај авторот, кој подоцна го експлоатираат.“

Алчевски речиси две децении живее во Загреб, работи како телевизиски сценарист за детската редакција на HRT, а од неодамна е и асистент на тамошната Академија на драмски уметности.

Се договоривме да се видиме во Скопје. Разговаравме речиси два часа во едно од кафулињата во Дебар маало, доцна попладнето откако му завршија работните состаноци за новите епизоди на „Бушава азбука“. Во родниот град беше само два дена, режисерот Слободан Унковски го поканил да работи на новата сезона од култната детска серија, која ќе се вика „Бушав буквар“. 

Пукал на косценарист, уловил цела серија

„Сите ликови во ‘Успех’, во една одредена мера, сум јас, но Кики е најмногу.“ | Фото: HBO

Марјан Алчевски лани победи на конкурсот на HBO Europe за ново сценарио во конкуренција од 470 пријави. Покрај „Успех“, избрана беше и серијата на авторот од Нови Сад, Иван Кнежевиќ, која се вика „Остров“ и која сѐ уште не е снимена.

На прашањето зошто продуцентите го забележаа токму неговото сценарио, тој вели:

„Многу е добро напишано, иако ова многу ретко го кажувам за мои дела.“

Планот му бил сосема друг. Се сконцентрирал да покаже дека занаетски може добро да напише сценарио и евентуално HBO да го ангажира како косценарист за нечиј друг текст. Не се трудел да создаде серија.

„Ја напишав првата епизода комплетно уверен дека не мора никогаш да напишам втора.“

Во првата епизода, објаснува Алчевски, гледачот едвај чека да се соберат четирите ликови на едно место и на крајот тие си велат „никогаш веќе да не се видиме“.

„Многу е ефектен крајот, меѓутоа кога ги нарачаа новите епизоди, сфатив дека имам проблем. Требаше повторно да се сретнат ликовите, а тие на крајот од првата епизода не си ги кажуваат имињата и не разменуваат телефони.“

Токму тоа им се допаднало на продуцентите и сакале да видат како ќе ја развие приказната.

На „Успех“ работел со луѓе што биле дел од големи меѓународни филмски продукции, како BBC.

 Ми беше „шубе“ на почетокот, мислев дека ќе ми дадат отказ, вели Марјан Алчевски, сценарист на популарната ТВ-серија „Успех“ за соработката со продуцентите од HBO Europe

„Тие се луѓе со големо искуство. Не секогаш знаат што сакаат и што им треба, ама знаат што им се допаѓа кога ќе го видат. Знаат и зошто им се допаѓа. И малку е тешко да задоволиш нечија идеја да биде подобро, кога ни тој не знае како тоа треба да се направи.“

Алчевски открива дека сега серијата е мошне голема работа за HBO Europe, има добри реакции, критики и покани за фестивали.

„HBO се многу задоволни и не мислам дека се среќни само поради гледаноста. Тие ги гледаат одекот и реакциите.“

Вели, немаат намера да штедат за промоција на серијата и дека тоа значи оти се свесни дека имаат добар производ. Сите епизоди може да се гледаат на опцијата HBO GO.

„Во Загреб ми е срам да шетам по улица, секој втор билборд е со ‘Успех’. Тоа ми беше интересно само првиот ден.“

Втора сезона во моментов не постои, ниту тој може да најави продолженија. Меѓутоа, како што вели Алчевски, и тој и HBO знаат дека малку е блесаво да правиш серија само за една сезона.

„Секогаш кога е можно да направиш повеќе од една сезона, сакаш да направиш повеќе од една сезона.“

„Велат има држава, ама знаеме дека нема“

Сцена од серијата „Успех“ | Фото: HBO

Кога се случува убиството во првата епизода, тоа е сцената во која се среќаваат четворицата главни ликови, на русокосата средношколка Бланка не ѝ е страв дека ќе ги уапсат, туку е преплашена од фактот дека убиениот е син на недопирлив дилер на дрога. Подоцна нивната борба не е да не одат в затвор, ами да преживеат.

Нѐ интересираше дали една од темите што „Успех“ сака да ги наметне е недовербата на Балканецот во сопствените институции.

Алчевски е убеден дека тоа не е исклучиво балканска работа и оти сме во заблуда дека така е само на „лудиот Балкан“. Тоа го потврдиле и реакциите на професионалците од Европа што го читале сценариото или ја гледале серијата.

„Велат, ова сценарио може да помине и во Будимпешта, Варшава, па и во Малме.“

Според него, во целиот свет тешко е да се замисли оти државата, системот и општеството навистина функционираат беспрекорно.

„Велат нема сексизам, ама знаеме дека има. Нема национализам, ама знаеме дека има. Има држава, ама знаеме дека нема. И навистина прашање е чиј си. Ако јас прегазам човек на улица и ако син на министер прегази човек на улица, не мора да значи дека ќе имаме ист третман од државата.“

„Тие исти коруптивни елементи се протегаат од Брисел до Берово. Не е Берово многу полошо од Брисел, само што е многу посиромашно.“

Професорот Ненад Марковиќ, кој ни е заеднички пријател и сосед од детството со Алчевски, на Фејсбук напиша дека серијата „Успех“ го има егзистенцијалниот печат и горчината на децата растени во деведесеттите години на минатиот век.

„Гревот на Кики, во смисла на неговото однесување кон семејството, е најблизок до моето стандардно однесување кон моето семејство. А, тоа е да не бидам во состојба да разберам дека има некој проблем што не е поврзан со пари, проблем во она што се вика семејна динамика. А, Кики тоа го учи во серијата и го научува добро.“

Алчевски му реплицираше дека несигурноста и кризата од тоа време му се толку длабоко изрезбарени, што, всушност, тој и нема што друго да каже за животот и за вселената, воопшто.

Во тој контекст, сценаристот на „Успех“ за БИРН вели дека има само една разлика меѓу него и некој автор од неговата генерација што растел, на пример, во Швајцарија и кој не познава несигурност.

„Мислам дека тој ја препознава ситуацијата во светот еднакво добро како и јас, само што моите мерни инструменти се одамна поизострени за тие некогаш суптилни, некогаш помалку суптилни вибрации што ти даваат сигнал дека сево ова што го знаеш, утре може да го нема.“

Во едно претходно интервју, Алчевски вели дека жена му го издржувала додека студирал драма во Загреб. Сопругата го издржува и семејството на Кристијан Михлетиќ-Кики, еден од четворицата главни ликови во „Успех“, кој е еден вид и наратор на почетокот од секоја епизода.

„Сите ликови во ‘Успех’, во една одредена мера, сум јас, но Кики е најмногу.“

И синот на Алчевски, како оној на Кики имал астма до пред една година. Сите тие сцени во серијата што се поврзани со болеста на детето се комплетно автобиографски.

„Јас точно знам кој лек за што се користи и кога се става топол, а кого ладен облог.“

Автобиографските елементи кај овој лик одат и подлабоко од болеста на детето.

„Гревот на Кики, во смисла на неговото однесување кон семејството, е најблизок до моето стандардно однесување кон моето семејство. А, тоа е да не бидам во состојба да разберам дека има некој проблем што не е поврзан со пари, проблем во она што се вика семејна динамика. А, Кики тоа го учи во серијата и го научува добро.“

Да се замени Горан Стефановски

Мојот однос кон „Бушава азбука“ е многу комплициран | Фото: БИРН

Домашната филмска публика го познава Марјан Алчевски како автор на сценариото на филмот „Кеш енд Мери“, а во татковината работел уште и на „Белиот пат“, првата анимирана серија во самостојна Македонија.

Режисерот на „Бушава азбука“, Слободан Унковски го поканил да ја доработи новата сезона од култната серија откако почина Горан Стефановски, којшто е изворниот автор и на првиот и на новиот дел.

Соработката со Унковски датира од пред половина година, режисерот го поканил да ги рецензира новите сценарија на Горан Стефановски.

„Мојот однос кон „Бушава азбука“ е многу комплициран. Јас се сеќавам на дента кога ја гледав првата епизода, се сеќавам на многу битни моменти од тоа мое креативно созревање што се поврзани со серијата, со години работам на слични содржини во Хрватска и не можам таму да им ја изнафалам доволно „Бушава азбука“ и сега одеднаш треба да работам на серија што сум ја идеализирал.“

„Башка, се работи за Горан, за најверојатно последниот голем македонски писател. Треба да влезам во неговите ‘кондури’, кои се многу големи.“