Anja Vladisavljevic | Загреб | БИРН
Два хрватски невладина организации, здружението „Анте Земљар” и „Документа – Центар за справување со минатото”, во вторникот ја одбележаа 70-годишнината од доаѓањето на првите затвореници на Голи Оток, остров во северниот дел на хрватското крајбрежје, во Јадранско море.
Организациите соопштија оти со ова сакале „повторно да ја потсетат јавноста на затворениците на Голи оток и на сите жртви на политичкото насилство во Хрватска, Југославија и во Источна Европа, во периодот на Информбирото”.
По разединувањето на Југославија и Сталиновиот СССР во 1948 година, југословенската држава, предводена од Јосип Броз Тито, ги затварала оние за кои постоело сомневање дека го поддржуваат советскиот лидер.
Низ Голи Оток поминале околу 16.500 политички затвореници, од кои 413 починале во затворот. Тие биле или убиени, или починале поради тешките услови во него, или извршиле самоубиство.
После 1956 година, тој бил трансформиран во затвор за обични криминалци и тинејџери деликвенти. Затворен е во 1988 година.
Прашањето за Голи Оток беше табу во Југославија до 1980-тите години.
„Ние не направивме ништо за да ги одбележиме страдањата на поранешните затвореници и ова е наш срам, срам за оваа држава и за сите нејзини граѓани … Затоа, уште еднаш, апелираме, ова место да биде заштитено и достоинствено обележано, пред од овој свет да замине и неговиот последен сведок“, изјави на комеморацијата, Дарко Бавољак, од здружението „Анте Земљар“, кое се залага за зачувување на сеќавањата на затворениците на Голи Оток.
И двете организации истакнаа дека оваа локација треба да биде трајно заштитена и претворена во „остров на сеќавањето, образованието и на образовниот туризам соодветен за ова место”.
„Особено загрижува податокот дека на 31 мај оваа година, заврши периодот на превентивна заштита на локалитетот, а одлуката на Министерството за култура за трајна заштита на локалитетот, сè уште не е донесена”, рече Весна Тершелиќ од „Документа”.