Регион

Обвинителите на специјалниот суд, повикаа на разговор советник на Харадинај

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Амблем на ОВК. Фото: Викимедиа комонс/Адам Џонс

Blerta Begisholli | Приштина | БИРН

Поранешниот командант на ОВК, Наим Малоку, вчера објави дека Специјализираното обвинителство, кое води истраги за злосторствата извршени во текот и непосредно по војната во Косово, од 1998 до 2000 година, го повикало на разговор.

Малоку, актуелен советник на Харадинај, кој е исто така поранешен командант на ОВК, на Фејсбук објави дека „го контактирале од хашкиот суд и го повикале да се појави пред судот како сведок во следните денови“.

Тој, меѓутоа, додава: „Го известив судот дека поради влошената здравствената состојба не можам да отпатувам таму“.

Малоку, исто така, напишал дека е горд на својата улога во ОВК и што придонел за слобода на народот во Косово.

Во вторникот, обвинителството го сослуша Рамиз Ќериќи, уште еден поранешен командант на ОВК, во својство на осомничен.

Ќериќи пред разговорот со хашките обвинители изјавил дека планира да ги побие обвинувањата дека воената кампања на ОВК, за време на конфликтот 1998-1999 со српските сили, била нелегитимна.

„За ОВК ова е добро, затоа што ќе одиме таму и ќе разјасниме некои прашања во врска со нивното сомневање дека ОВК била вклучена во неправедна војна. Посебно ми е чест што денес ќе сведочам за војната, бидејќи зборувајќи ја вистината, ние ќе ја заштитиме војната на ОВК“, рекол Ќериќи, објави јавниот сервис на Косово, РТК.

Според РТК, тој додал дека разговорот ќе се води во Приштина, бидејќи тој нема пасош.

Како што се очекува, пред Специјализираните совети ќе им се суди на поранешните припадници на ОВК, против кои Специјализираното обвинителство ќе поднесе обвиненија за злосторства кои опфаќаат убиства, киднапирања, незаконско апсење и сексуално насилство. Досега јавно не е објавено ниту едно обвинение.

Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, популарно наречени специјален суд, се дел од косовскиот правен систем, со седиште во Холандија, во кои е ангажиран меѓународен персонал.