Маја Живановиќ, Белград
По повод 19-годишнината од убиството на тројцата браќа Битиќи, Одборот за надворешно-политички работи на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, усвои резолуција за овој случај, кој и понатаму е голем билатерален проблем меѓу Србија и САД, со што се отвори патот за нејзино усвојување и пред Конгресот во полн состав.
Во резолуцијата се истакнува дека за Србија „еден од приоритетите треба да биде, што поскорото спроведување на истрага и кривично гонење на актуелните и поранешните функционери, за кои се верува дека директно или индиректно се одговорни за нивната смрт“.
„Секој напредок во решавањето на овој случај, или недостаток на истиот, мора да остане одлучувачки фактор во понатамошниот развој на односите меѓу САД и Србија“, се додава во резолуцијата.
Илир Битиќи, братот на убиените Илија, Агрон и Мехмет Битиќи, изјави дека неговото семејство е благодарно за усвојувањето на резолуцијата.
„Ни го разведри духот и испрати силна порака до српската влада дека Конгресот нема да ’ја попушти’ српската влада, бидејќи ги штити воените злосторници кои ги убија моите браќа“, вели, Илир Битиќи, во своето соопштение за јавноста.
Правен Мадхираџу, извршен директор на организацијата „Pretrial Rights International“ и правен застапник на семејството Битиќи, изјави дека „претседателот, Александар Вучиќ, не може повеќе да блефира дека е доверлив партнер на САД“.
Министерката за правда на Србија, Нела Кубуровиќ, во петок изјави дека Белград е посветен на решавање на случајот и дека српските власти работат на процесирање на одговорните.
„Решавањето на случајот на убиствата на браќата Битиќи, е едно од отворените прашања што Србија ги има со САД, а тоа е едно од прашањата што секогаш се поставува кога зборувате со американските официјални претставници“, изјави Кубуровиќ за ТВ Прва.
Таа додаде дека Обвинителството за воени злосторства води одредена истражна постапка во овој предмет и истална дека Србија не крие ништо.
Илија, Агрон и Мехмет Битиќи, се бореле во редовите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), против српските сили. По војната биле уапсени од српската полиција, кога залутале на необележаната гранична линија меѓу Србија и Косово.
Кога ја одлежале казната за нелегално поминување на границата, додека ја напуштале зградата на затворот во Прокупље, повторно биле уапсени, а потоа однесени во центарот за обука во Петрово Село и затворени во тамошното складиште.
Во вечерните часови на 9 јули 1999 година, непознати лица им ги врзале со жица рацете на браќата Битиќи и ги однеле до јама за фрлање отпад, каде што биле убиени со истрели во тилот.
Семејството Битиќи потенцира оти Вучиќ постојано ги крши своите ветувања дека случајот ќе биде решен и оти не го информира семејството за напредокот на истрагата.
Семејството Битиќи смета дека главен осомничен во овој случај е Горан Радосављевиќ Гури, поранешен полициски генерал и командант на центарот за обука во Петрово село.
„Додека Горан Радосављевиќ и другите одговорни за убиството на моите браќа не бидат донесени пред лицето на правдата, нема да запреме и нема да бидеме игнорирани“, истакна Илир во четвртокот.
Радосављевиќ изјави оти во времето на убиството бил на одмор и негираше дека извршил некакво кривично дело.
Денес тој е висок член на владејачката Српска напредна партија на Вучиќ.
Според три извори кои во 2016 година зборуваа со БИРН, Вучиќ самиот признал дека Радосављевиќ е одговорен за убиството на браќата Битиќи.
БИРН во 2015 година објави дека доказите на српските истражители, на ФБИ и на адвокатите на семејството Битиќи, укажуваат дека осомничените за убиството, со години им се познати на властите во Белград.
Во пресрет на неговата посета на Вашингтон во јули 2017 година, Вучиќ изјави дека сака ова злосторство да се истражи и додаде дека извршителите „ѝ нанеле срам на Србија“.