Апелацискиот суд го одложи рочиштето на кое беше можно, адвокатите на шесте Албанци осудени за тероризам, заради убиство на пет Македонци, да поднесат нови докази што произлегуваат од прислушуваните телефонски разговори
Во услови на силно полициско присуство и судница полна со пријатели и роднини на шесте Албанци, наводни муслимански екстремисти, кои во врска со убиствата беа осудени на доживотен затвор за тероризам, судијата Љиљана Ивановска Шопова ја одложи јавната расправа за 11 септември, поради „неисполнети законски услови“.
Шопова изјави дека обвинетите, Хаки Азири и Агим Исмаиловиќ, кои се на отслужување на казната затвор во затворот Идризово, не биле донесени на сослушувањето.
Но, Живко Пејковски, директор на затворот Идризово во Скопје, каде што се наоѓаат двајцата осуденици, изјави дека казнената установа не е виновна.
„Не сме добиле наредба да ги спроведеме осудените. Доколку не ги бараат ние не можеме самите да ги носиме во судот“, изјави Пејкови за „Фокус“.
Се очекуваше расправата да донесе пресврт во високопрофилираниот случај што ги зголеми етничките тензии во земјата.
Според шпекулациите, можно било одбраната да поднесе нови докази од транскриптите на прислушуваните разговори во врска со случајот, кои се дел од големиот број разговори што ги објави македонската опозиција, во обид да ја собори владата.
Снимките, според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, фрлаат сомнеж на пресудите. Но, Заев не ги објави овие разговори, велејќи дека стравува, нивното објавување да не предизвика насилни реакции кај албанската заедница во земјата.
Роднините, пријателите и адвокатите на осудените, изразија сомнеж во врска со објаснувањето на судот за одложување на сослушувањето.
„Ова е невообичаено долг рок на одложување. Имаше рамка истата да се одложи за овој месец“, изјави адвокат на осудените, Насер Рауфи.
Тој тврди дека неговите клиенти се невини и дека нивната пресуда треба да биде укината.
Телата на Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски и Кире Тричковски, сите на возраст меѓу 18 и 20 години, беа пронајдени на 12 април 2012, крај Смилковско езеро, во близина на Скопје. Тие беа наредени во еден ред, што укажува дека биле егзекутирани. Телото на 45-годишниот Борче Стевковски беше пронајдено недалеку од нив.
Веста за убиствата ги зголеми етничките тензии, откако група Македонци одржаа протести, во одредени моменти и насилни, обвинувајќи ги за убиствата, припадниците на најголемата малцинска заедница во државата, Албанците.
Во јули 2014 година, судот во Скопје, на шестмината Албанци, обвинети за убиствата, им изрече казна доживотен затвор, највисока можна казна за тероризам.
Пресудите за тероризам предизвика уште поголеми тензии, кои прераснаа во насилство по улиците на Скопје, при што дојде до судир меѓу неколку илјади незадоволни, претежно млади Албанци и припадниците на специјалната полиција, која употреби солзавец, водени топови и шок бомби во обид да ги смири немирите.
Демонстрантите изјавија дека не му веруваат на судот, и ја обвинија владата на премиерот Никола Груевски, дека влијаела на пресудата.
Во 2001 година Македонија доживеа краток, но вооружен конфликт меѓу владините сили и етничките албански бунтовници, кој заврши истата година со потпишување на Охридскиот мировен договор, со кој на Албанците, кои сочинуваат една четвртина од вкупно 2.1 милион жители во земјата, им беа дадени повеќе права.