Вести

Одземени лиценците за канабис на „Грин Лајф“ и на уште пет фирми

Констатирани се повеќе недостатоци

По извршените контроли во 13 фирми кои имаат дозволи за производство на марихуана владата на денешната седница им ги одзема лиценци на шест од нив. Како што соопшти министерот за здравство Азир Алиу лиценци повеќе немаат „Алфафарм“, „Грин Лајф“, „ЦБД Медплант“, „Лајф Плант“, „Ата фарм“ и „Канабиноидс“.

Комисијата при Министерството за здравство, која ги вршела контролите, кај овие фирми утврдила различни недостатоци, најчесто кусок на сув цвет и немање на видео надзор.

Вонредните и засилени контроли следуваат откако во Србија беа откриени пет тони марихуана, со потекло од скопската Алфафарм, за што таму се осомничени Александар Мијајловиќ, Иван ДрагниќНебојша и Раде Спасојевиќ и Урош Младеновски.

БИРН откри дека Мијајловиќ во Македонија е сопственик и на валандановската фирма „Грин лајф“, чија лиценца владата денеска ја одзема поради “констатиран кусок на сув цвет и несоодветно пакување на сувиот цвет во сеф-соба“.

Оваа фирма досега не беше спомената во истрагата која ја водеа македонските власти, а е поврзана со скопската „Алфафарм“, од каде што потекнуваше марихуаната пронајдена во Крушевац.

Инаку, „Алфафарм“ и „Грин лајф“ всушност ги поврзуваат две лица. Мијајловиќ, кој е главен осмничен за шверцот на марихуаната и е сосопственик во валандовската фирма и Драган Крстев, кој е поранешен сосопственик на „Алфафарм“, а бил и управител на „Грин лајф“.

„Грин лајф“, пак, во Македонија е формирана во 2018 година. Низ годините, нејзини сопственици биле македонски државјани и фирми од Србија, претежно од Крушевац.

Истата година, кога е формирана, сосопственик станува „Расина инвест“, а две години подоцна, „Иван промет“ од истиот град. Од 2021 година до денес „Грин лајф“ е на фирмата „Бионатуралс“, каде што сопственици се Александар Мијајловиќ и Огњен Николиќ.

Крстев бил управител на „Грин лајф“ од 2022 до 2023 година, односно заминува речиси во исто време кога станува основач на „Алфафарм“.

Министерството досега заплени 40 тони марихуана од „Алфафарм“ и од две струмички фирми.  До обвинителството се поднесени и кривични пријави за десет лица кои, како што рекоа од полицијата, директно или индиректно се поврзани со произведената дрога.

Инаку, вкупно 43 фирми досега имаа лиценца за одгледување на марихуана, а министерот за здравство Алиу најави дека ќе ги контролираат сите, по што ќе следат и законски измени за да се зацврсти контролата во овој бизнис.