Ракопис

„Огњан Прица“

Раскази: Улиците што ги нема

 

 

nebeska-skopjanovna1

 

 

Илјадапати пред тоа сум бил во ,,Шампионче“ на „Огњан Прица“, сегашна „Антон Попов“, и уште најмалку дупло пати повеќе сум поминал оттаму, ама никогаш, баш никогаш, ниту внатре, ниту надвор, не сум го видел Цик-Цак. Ракии и ракии имам испиено таму, едночудо пипер и патлиџан имам измезено, со недомиена виљушка му имам објаснувано нa Јошко каде живеам, цртајќи по карираниот чаршаф линии што ја означуваат општината, па семафорот и најнакрај калливото уличе – чкорче поставено попреку, и една голема трошка бајат леб откај фосфорот – мојата куќа со метална влезна врата.

– Ќе те најдам, ќе дојдам – ми велеше Јошко, палејќи цигара со моето уличе, па откако ќе вовлечеше добар думан, нарачуваше нови ракии, некој ни ги носеше… не се сеќавам каков беше, ама штом не сум го запомнил – тој сигурно не бил Цик-Цак.

Илјадапати пред тоа сум бил во „Шампионче“, сум носел тони скара оттаму, за гости и гозби, ама не сум го видел Цик-Цак. Дотогаш, рака на срце, и не бев оставил недопиено чавче ракија, ама да беше вистински келнер, од крв и месо, бездруго ќе дојдеше да го фати од масата и празното, бидејќи, особено во тоа време, пред да се промени името на улицата и пред да се промени сè, деноноќно се точкаа разни денгубници.

Сестра ми прв пат влегла, случајно, оти морала да почека да се доправат корите за баклава отспротива (пол кило – за четириесетина триаголничиња со праз за појадок) и веднаш ја доживеала легендата Цик-Цак.

– Повели моме – ѝ рекол, а таа не знаејќи што очекува од неа, срамежливо рекла:

– Јас сум сестра на… Сигурно го знаете, тој доаѓа овде секој ден. И пие…

– Не. Грешка. Овде никој не доаѓа секој ден. И никој не пие. Ама ако, де… Нема врска. Што ќе се напиеш ти?

prica2a

По ова не знам каков муабет затерале и зошто сестра ми подоцна ја виделе сама на маса со чавче жолта ракија, ама нејсе, важно таа мошне засведочено ми раскажуваше, тогаш, а и сега, дека кога Цик-Цак ѝ ја донел ракијата, го измазнил карираниот чаршаф со слободната рака и подавајќи ѝ го чавчето, промрморил: „Цик-цак, тип-топ“, токму како во градската легенда. Таа се напила една голтка, се смрштила; сестра ми ни тогаш ни никогаш не пие алкохол, корите биле готови, си излегла бргу-бргу оставајќи го чавчето речиси полно, и миг подоцна, однадвор, додека ги плаќала корите, забележала како Цик-Цак се развртува низ кафеаната, а потоа наеднаш го допива ракичето, го измазнува карираниот чаршаф и го носи празното чавче на тенеќено подавалниче. Само. Други гости немало. Сестра ми порано ми велеше дека кога Цик-Цак се развртувал низ кафеаната, ја барал нејзе, бидејќи не му платила, ама јас и тогаш, и сега знам оти Цик-Цак, така вели легендата, се развртувал да види некој да не забележал дека го допива оставениот пијалак на муштеријата, поправо на гостинот. Несомнен факт е дека не бил многу пијан, па другите сè уште му биле важни. Во доцните ноќни часови, после којзнае колку „цик-цак“ и „тип-топ“, тој ги мавнувал сите недопиени пијалаци на самото место, не водејќи сметка дали и кој го гледа и не се развртувал воопшто, освен кога требало да ја затвори кафеаната, па ја барал вратата на сите страни.

Цик-Цак, велат, страдал и од некои други нешта што го терале везден да стои, да се снове ваму-таму и место не го фаќало дури и кога претепан од работа си одел дома. И таму, велат, продолжувал да служи и да допива, да мие и да премива, бидејќи жена му само фаќала место за жена, а вистински не била тоа. Важно градот раскажуваше дека Цик-Цак е семеен човек, иако не му е баш сè тип-топ.

Сестра ми знаеше и точно кај живее.

– Знаеш каде живее Бибе, другарка ми?

– Да.

– Е, меѓу нејзината куќа и куќата на оној братучедот на мама…

– Вујко Стојко?

– Да, да… не знам дали си забележал, ама има едно мало патче кое води…

– Не води никаде. Таму има една гаража.

– Води токму во дворот на Цик-Цак. Има и гаража.

– И?

– И таму си живее Цик-Цак и престани да ме гледаш како јас да сум го измислила човекот. Онолкаво мажиште, глупости!

Овој муабет ги оддели годините нанапред од годините наназад, бидејќи од него се роди и умре мојот инает. „Ќе го најдам тој Цик-Цак, ќе го видам, па што сака нека биде!“

prica8

Наместо по еднаш, почнав по неколку пати во денот да одам во „Шампионче“, наместо по две-три, почнав да пијам по пет-шест ракии. Се џарев во сите келнери што ме служеа, ги честев ракии, но никој не знаеше да ми каже ништо за Цик-Цак. Дури и Јошко, кој имаше најдолг и непрекинат стаж во „Шампионче “, ми тврдеше дека Цик-Цак го измислил некој бадијалџија „да врти внимание околу себе“. Не ми беше тешко ни честопати да минувам покрај куќата на Бибе, напротив, тоа мошне ми одговараше со оглед на фактот дека момето ми го фаќаше окото. Меѓу нејзината куќа и куќата на вујко Стојко имаше само една гаража и ништо друго. Ни патче, ни тревичка, ни камче, ни сламче. Се направив еднаш будала и запрев еден белокос господин.

– Се извинувам, познавате ли некој келнер што живее овде?

– На „Огњан Прица“? – праша белокосиот.

– Па, овде, меѓу двеве куќи…

– Во гаражава?

– Не, не, не во гаражава. Имало патче меѓу куќиве некаде овде кај што е гаражава…

– Во гаражава не живее никаков келнер, тоа знам сигурно, а патче, момак, гледаш, нема…

– Простете – реков, а ми идеше да ја грабнам сестра ми за коса и да ја пикнам во гаражата сè дури не ми го создаде тоа проклето патче под нозете што ќе ме одведе право кај Цик-Цак.

Ифрит лут, се упатив пак во „Шампионче“. Оправдано мавнав две лути од нога и речиси трчаница се вратив дома да ја грабнам сестра ми и заедно да појдеме или до патчето или во „Шампионче“. Како ќе рече таа.

– Важи – рече. Се преслече и тргнавме.

– Во „Шампионче“ или кај патчето? – ја прашав сè уште лут.

– Кај сакаш, мене ми се сеедно.

– Во „Шампионче“!

– Знаев!

Седнавме на истата маса на којашто седела таа кога ги чекала корите. Дојде еден најнормален келнер. Нарачавме две ракии и тамам кога сакав да ѝ се врекнам, ете ти го Јошко, седна до нас.

– Те барав – вели – ама не те најдов. Ај кажи ми уште еднаш каде живееш точно.

prica

Почнав да му цртам со прст по карираниот чаршаф по којзнае кој пат, калливото уличе, куќата со металната влезна врата и тамам кога се задлабочив во прецизното поставување на цигарите – семафорот, нечие влакнесто рачиште ми го помести семафорот, ми го измазни чаршафот сосе уличето, куќата и металната влезна врата и ставајќи ни ги ракиите на чисто и суправено, рече:

– Цик-цак, тип-топ.

Потскокнав од возбуда и се загледав во келнерот кој спокојно чекореше накај шанкот. Му го видов само грбот и не бев сигурен дали сум го видел или не сум го видел дотогаш,.. дали е од крв и месо или…

– Сега веруваш? — триумфално ме праша сестра ми станувајќи од масата.

– Што?

– Дека Цик-Цак си е Цик-Цак и дека не е измислица. Човекот си е таков. Наместо повелете, си вели „цик-цак, тип-топ“.

– Глупости! Ова не беше Цик-Цак, ова беше обичен келнер! – се тврдоглавев.

– Како може обичен келнер да вика „цик-цак, тип-топ – се зачуди таа и веќе излегуваше од „Шампионче“. Јас се тетеравев по неа, и верувајќи и не верувајќи во она што се случи. Одеднаш таа ме мушна со лакотот:

– Види – ми рече тивко покажувајќи ми во „Шампионче“.

Цик-Цак дојде до масата каде што седевме. Го избрка Јошко сè уште заџарен во линиите на карираниот чаршаф што ги нема, се разврти наваму-натаму и туку наеднаш ги надигна нашите недопиени чаши. Првин едната, миг потоа и другата.

Сестра ми се насмеа и праша:

– Сега, сакаш да одиме да го видиш и патчето?

– Не – реков, длабоко убеден дека ако отидеме и таму, ќе се отвори некое патче покрај гаражата кое никогаш порано и подоцна не било и не ќе биде таму.

– Не, не. Оди си ти сега дома – ѝ реков и се вратив во „Шампионче“.  Седнав на сосем друга маса со Јошко. Нарачавме туршија. Со виљушки убаво се црта каде живееш.

– Море донеси и скара – реков. – Еднаш се живее животот, да го ебам!

Илјадапати потоа сум бил во „Шампионче“ и најмалку уште дупло пати повеќе сум поминал покрај гаражата меѓу куќата на Бибе (ех, што цициња имаше!) и вујко Стојко, ама никогаш, ама баш никогаш не го видов уште еднаш Цик-Цак. А и сестра ми, бргу-бргу си замина од „Огњан Прица“, то ест од „Антон Попов“, па не можеме да појдеме заедно во „Шампионче“, оти таму и порано и сега, кога ја нема веќе ни улицата ни кафеаната, најстрого е забрането да седиш со некого што го нема.

prica1

Фотоилустрација: З.Р.