Анализи

Онишченко тоне во заборав, АНБ молчи

Два месеца по обелоденувањето на случајот, неодговорени клучните прашања

Две седници на собраниската комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање, редица драматични изјави на политичари, една владина седница, на која се одзема државјанство и многу неодговорени прашања. Ова е билансот за случајот државјанство за контроверзниот руско-украински бизнисмен Олександр Онишченко, два месеца по откритието на БИРН.

Навидум загрижените изјави на политичарите што најавуваа итна истрага и расчистување на работите докрај ги полнеа вестите во ноември и во декември. Премиерот Димитар Ковачевски одлучно велеше дека „мора да има одговорност“ министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, дека „треба да се види дали има и некаков друг вид одговорност“, а претседателот Стево Пендаровски дека „мора да ја извлечеме одговорноста до крај“.

Но, покрај силните зборови и категорични ветувања дека ваков скандал мора да биде расчистен до најситни детали, разврска нема.

По првата седница во Собранието, тогашниот директор Виктор Димовски рече дека истрагата треба да утврди дали „се работи за пропуст, за намера, за некаков лукративен интерес“. Тоа беше во ноември.

Одговорот на ова прашање ќе ја покажеше поголемата слика за состојбите во разузнавачката агенција, односно дали таму работат корумпирани луѓе, кои за лукративни интереси замижале пред спорната биографија на бизнисменот, дали се незаинтересирани за своите работни обврски, па направиле пропуст или, пак, имале некоја друга намера и која. 

Најважно, дали државјанството на Онишченко е резултат на солирање индивидуи од пониските ешалони или, пак, операција што добила зелено светло од врвот на агенцијата?

БИРН праша во Агенцијата за национална безбедност дали утврдиле што стои зад издавањето на државјанството, но, и покрај континуираното испраќање прашања и инсистирања по неколку дена, одговор не добивме. 

Од институцијата, сега раководена од новиот директор Зарко Милошевски, побаравме, но не добивме одговор и на уште две други прашања – дали новата истрага што беше најавена дека ќе ја спроведува Милошевски даде поинакви резултати од истрагата на Димовски и колку вработени досега се суспендирани или им се изречени поради случајот со Онишченко. Во јавноста излезе само неофицијална информација дека двајца вработени се суспендирани, но тоа не беше официјално потврдено.

Самиот Милошевски, според деталната работна биографија објавена на службената интернет-страница, би требало да биде запознаен со случајот и пред да почне да ја раководи агенцијата. Тој, во последниве две години бил помошник-директор на Оддел за безбедносни проверки и НАТО регистар во АНБ, сектор преку кој очекувано би требало да помине и Онишченко како апликант за македонско државјанство. 

Во својот единствен настап во јавноста, на седница на собраниската надзорна комисија, Милошевски, повикувајќи се дека „се работи за многу сензитивна материја“ и „податоци од строго доверлив карактер од највисок интерес“, не даде никакви детали. Со тоа, всушност, и истрагата, на некој начин, се прогласи за државна тајна. 

Онишченко, како што откри БИРН, добил македонско државјанство лани во мај. Процедурата ја почнал во февруари 2021 година, а АНБ го истражувала повеќе од една година, па на трети мај 2022 дала позитивно мислење на владата. Тогаш веќе Онишченко, кој има и руско државјанство, е на црната листа на Соединетите Американски Држави поради вмешување во американските претседателски избори. Години претходно, односно од 2016 година е на украинска потерница поради оштета на државниот буџет. 

Без да даде детали, владата, минатиот месец му го одзеде државјанството, повикувајќи се на член 14 од Законот за државјанство, кој предвидува дека тоа да може да се поништи, ако се утврди дека „странецот при поднесувањето на барањето дал невистинити или неточни податоци, односно се користел со лажни исправи“. Дали Онишченко користел невистинити податоци, остана нејасно.

Нејасна останува и професионалната иднина на поранешниот директор на АНБ, Димовски. Пред да се објави случајот со Онишченко, Димовски веќе имаше добиено агреман за да стане македонски амбасадор во Франција, но процедурата за испраќање, која би требало да помине и преку собраниската комисија за надворешна политика и преку претседателот Пендаровски, не е целосно завршена. 

Претседателот откри дека во контактите со премиерот и со министерот за надворешни работи, а во светлото на критиките што ги добиле „од некои влијателни земји-членки и стратешки партнери, пред сè ,САД“ треба да го преиспитаат испраќањето на Димовски во Париз. 

И покрај најавите на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, дека оваа недела ќе имаат консултации со Пендаровски и со Ковачевски за амбасадорските места, меѓу кои и на Димовски, тоа не се случи.