Извештај

Случајот Онишченко засега далеку од конечна разрешница

Собранието и претседателот ќе решаваат за дипломатската кариера на Димовски

Нејасно во оваа фаза е како ќе се расчисти случајот со македонското државјанство на контроверзниот руско-украински бизнисмен Олександр Онишченко, ниту, пак, каква ќе биде дипломатската иднина на досегашниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски.

Откако минатиот месец, собраниската надзорна комисија на која Димовски требаше да објаснува како разузнавачите не ја забележале спорната биографија на Онишченко беше прекината поради безбедносен пропуст, таа не продолжи ниту денеска. Причината е што не дошол претставник на АНБ. Димовски од вчера веќе не е директор на агенцијата, на чие чело владата го именува Зарко Милошевски.

Во оваа фаза има само најава дека комисијата ќе продолжи. Претседателот на тоа собраниско тело што врши надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање, Љупчо Пренџов најави дека седницата не е затворена и завршена и дека во следниот краток период ќе свикаат нејзино продолжение за „мистеријата Онишченко да добие епилог“.

На крај на таа седница, пак, чека претседателот на собраниската комисија за надворешна политика, Антонијо Милошоски, за да ја свика седницата на која треба да поминат тезите на Димовски за амбасадор во Париз, позиција на која владата го именуваше месеци пред БИРН да го открие случајот Онишченко.

Милошоски, за БИРН, потврди дека сѐ уште стојат на истиот став и дека ќе го чекаат исходот од истрагата за случувањата во АНБ, која би била презентирана на собраниската надзорна расправа.

Комисијата за надворешна политика, пак, е една од инстанците на кои премиерот Димитар Ковачевски ја препушти одлуката за идната амбасадорска кариера на Димовски.

Поставувањето амбасадори е процедура што вклучува повеќе институции, рече Ковачевски, нагласувајќи дека „што се однесува до владата, таа постапка е завршена“.

Претседателот Стево Пендаровски, кој треба да ги потпише последните документи пред заминувањето на Димовски, неколкупати досега рече дека ако се утврди дека тој е одговорен за издавањето македонско државјанство на Онишченко, нема да оди амбасадор во Париз. 

Случувањето со руско-украинскиот бизнисмен, кој е под санкции на САД и баран од Украина, не го тргна Димовски од директорското место во Агенцијата за национална безбедност, но го одбележа крајот на неговата кариера во таа институција.

Засега внатрешната истрага на АНБ, вината ја лоцираше кај секторот за комуникација со стратешките партнери, кој бил „алката што направила пропуст бидејќи требало да направи меѓународна консултација со партнерите во рамките на НАТО, а не го сториле тоа“.

Како резултат на скандалот по истражувањето на БИРН е одлуката на  владата да го поништи сопственото решение за издавање државјанство на олимпиецот во коњички скокови, кој веќе почна да се натпреварува под македонско знаме на меѓународни натпревари.

Институциите, по обелоденувањето на случајот, проценија дека поважно од неговата спортска кариера е неговото контроверзно досие во Америка и во Украина, па одлучија да му го одземат државјанството.