Извештај

Изборите во ЗНМ – судир на два концепта

Линијата на поделбата се исцртуваше околу државното рекламирање на медиумите

На вчерашното гласање за претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) имаше тројца кандидати, меѓутоа исцрпувачки долгото изборно собрание во хотелот „Александар палас“, кое траеше повеќе од десет часа, во основа може да се сведе на судир на два концепта.

Убедливо во првиот круг победи актуелниот претседател Младен Чадиковски од Телевизија 24, пред Марјан Николовски од Сител и Фиљана Кока од Македонската радио-телевизија.

Поддржувачите на старо-новиот претседател Чадиковски, вчера сликовито го објаснуваа овој судир. За нив триумфот во фудбалски жаргон значи 4-0 за новинарите наспроти сопствениците на моќните телевизии.

„Четврти избори по ред од 2010 ‘газдите’ не можат да ги победат новинарите“, ни кажаа. 

Поделбата можеше да се исцрта по линија на различниот став на кандидатите за членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Тоа е членот со кој се забранува секакво државно рекламирање во приватните медиуми што владата на СДСМ го воведе во 2019 година.

Нов управен одбор

За членови на управниот одбор на ЗНМ беа избрани Анета Блажевска, Аслан Вишко, Сенат Зулбеари, Трајче Илиевски, Мишко Иванов, Маја Јовановска, Петар Клинчарски, Искра Опетчевска, Среќко Поповски и Ристо Тасев.

Четири години подоцна, под притисок на националните телевизии, истата владејачка гарнитура, со амин на опозицијата, подготвува законска промена со која, не само што го враќа државното финансирање, туку тоа станува обврзно за владата и за општините под плаштот на потребата за кампањи од јавен интерес.

Чадиковски и Кока, во кампањата беа децидно против ваквото финансирање на радиодифузерите, и впрочем како досегашни прв и втор човек на ЗНМ, тие одбиваа здружението да влезе во какви било преговори околу темава. 

Нивниот став е изграден врз лошото искуство од минатото, кога власта на Никола Груевски, со буџетски пари ја купуваше наклонетоста на националните телевизии и преку нив спроведуваше хајки и црни кампањи против неистомислениците.

Марјан Николовски, пак, смета дека ставот на ЗНМ е ригиден и оти одредени јавни кампањи некогаш се неопходни. 

„Од една крајност се отиде во друга“, велеше тој на телевизиските настапи пред изборите.

Неговите ставови беа дека новинарите треба да седнат на маса со властите и со газдите на телевизиите и да преговараат и околу 102-ката и околу сѐ друго што ја тангира медиумската заедница.

„Новинарите треба да се партнери со сопствениците на медиумите“, беше неговото мото.

Николовски критикуваше дека токму поради ригидноста на ЗНМ, новото законско решение што се нуди не предвидува новинар, односно член на здружението да биде дел од сега исклучиво политичкото тело што ќе одлучува што е кампања од јавен интерес.

Убедлива победа

Чадиковски и противкандидатот Николовски по прогласувањето на победникот | Фото: БИРН/В.А.

Поларизацијата на новинарите, меѓутоа и на цели редакции по ова прашање, веројатно беше причината за голема мобилизација во условно кажано двата кампа.

„Носат и едниве и другиве. Овде има луѓе што не ги познавам, првпат ги гледам“, вакви реакции вчера можеа често да се чујат меѓу новинарите.

Кружеа коментари дека во салата биле видени и лектори и монтажери, луѓе што се сметаат за технички лица во медиумите и не би требало да бидат членови на новинарско здружение.

„На времето не можеше секој да биде член на ЗНМ и да гласа, мораше да докажеш дека си активен новинар, дека објавуваш“, објаснуваше еден од повозрасните новинари со кои зборувавме додека се гласаше.

Од вкупно 815 членови на ЗНМ со право на глас, вчера во хотелот „Александар палас“ се појавија точно 487. Тоа е отприлика за двојно повеќе од претходното изборно собрание. Во огромната сала немаше доволно столчиња за сите, а самата регистрација траеше речиси два часа. 

На едно место беа собрани новинари од сите генерации, профили и идеолошки бекграунд, од актуелни соработници во иста редакција до поранешни колеги што одамна не се виделе и не си поприкажале, па сѐ до медиумски ривали што не сакаат „очи да си видат“ и кои на исто место веројатно би ги нашле само случајно.

Дојдоа некогашни уредници и поранешни сопственици на дневни весници, телевизиски новинарски ѕвезди, водители на дебатни и на утрински емисии, репортери од ТВ-вести и сниматели, фоторепортери, колумнисти, луѓе од радијата, новинари од Македонската телевизија, сопственици и уредници на портали блиски до оваа или онаа политичка опција и добро познати ликови што практикуваат партизанско фејсбук-новинарство.

Се гледаше и фудбал | БИРН/В.А.

На вчерашните избори се појавија и новинарите што беа препознавани како членови и активисти на ривалското здружение Македонската асоцијација на новинари (МАН), кое со години неуспешно се обидуваше да му го преземе приматот на ЗНМ во новинарската заедница.

Гласањето траеше долго. Повеќе од три часа, еден по еден, членовите на ЗНМ беа прозивани да гласаат за претседател и за членови на управниот и надзорниот одбор, а се гласаше и за нов состав на советот на честа при здружението.

Немаше човек во салата што не предвидуваше долгата ноќ да продолжи и по полноќ. Впрочем сѐ беше подготвено за маратонско изборно собрание – организаторите се погрижија љубителите на спортот да не го пропуштат натпреварот од Светското првенство меѓу Холандија и САД, фудбалот се емитуваше на видеобим.

„Сигурно ќе има втор круг“, прогнозираа сите.

Претпоставките се покажаа погрешни.

Некаде околу 19 часот паузираше јавното броење на гласовите. Веќе беше јасно дека победи актуелниот претседател Младен Чадиковски, бидејќи резултатот во тој момент беше 229 гласови за него и по 85 за Николовски и 40 за Кока. Според финалните резултати Чадиковски доби 275 гласови, додека ривалите Николовски – 119 и Фиљана Кока 53 гласови, додека неважечки биле 11 ливчиња.

Вечерта, Марјан Николовски му честиташе на Чадиковски, нешто што досега ретко можеше да се види на изборните собранија.

„Тука сум за од понеделник да работиме заедно за сите мои идеи, ако има слух за тоа. Јас не се откажувам од идејата за модерно и моќно ЗНМ“, напиша Николовски на својот фејсбук-профил.

Meѓутоа, и овој избор не помина без обвинувања.

Кандидатката Фиљана Кока, објаснувајќи зошто не му честитала на победникот, на својот Фејсбук напиша дека гласањето било „само журка на партиско-штапски директиви меѓу ДУИ и СДСМ “.