Извештај

Владата сега сака да му го одземе државјанството на Онишченко (ВИДЕО)

По затворената владина седница, одлучено е да се постапи по член 14 од Законот за државјанство

Владата, согласно членот 14 од Законот за државјанство, побара да се почнат активности за поништување на решението за прием во државјанство на Северна Македонија за лицето Олександр Онишченко.

Ова е краткото соопштение од денешната затворена владина седница, на која директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, на министрите им објаснуваше како украинско-рускиот државјанин Онишченко годинава добил македонско државјанство, и покрај тоа што од 2016 година е на потерница на Украина, а од лани и под американски санкции поради мешање во претседателските избори.

Членот 14, на кој се повикува владата, пак, предвидува дека државјанството може да се поништи ако се утврди дека „странецот при поднесувањето на барањето дал невистинити или неточни податоци, односно се користел со лажни исправи“.

Онишченко, кој има и украинско и руско државјанство, за македонско аплицирал со руското. Како што откривме во нашето истражување, постапката за прием во македонско државјанство, Онишченко ја почнал во почетокот на 2021 година. Иницијативата е поддржана од Коњичката федерација, која оценила дека тој како репрезентативец во коњички скокови ќе ѝ помогне на Македонија за подобра спортска меѓународна репутација. Второто позитивно мислење го дава Олимпискиот комитет на 12 февруари 2021 година.

Како Онишченко стаса до македонско државјанство | Илустрација: Г.Т./Призма

По комитетот, Агенцијата за млади и спорт, повикувајќи се на Коњичката федерација дава, исто така, позитивно мислење, за на крај, на трети мај оваа година, позитивно мислење да даде и Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Истиот месец на седница, владата му доделува државјанство.

По избивањето на скандалот, откако Призма го објави истражувањето, главната вина се лоцираше токму во АНБ, каде што се спроведе интерна истрага.

Таа, според директорот на агенцијата, Димовски, кој даде изјава по седницата на собраниската надзорна комисија за работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање, е најдена во секторот за комуникација со стратешките партнери. Имено, вработените во тој сектор потпишале дека не постои безбедносен ризик, без да го направат последниот чекор, односно консултација со партнерите во рамките на НАТО.

Ве медиумите веќе се лиферуваше неофицијална информација дека двајца службеници од тој сектор се суспендирани.

Следејќи ги реакциите по објавувањето на нашето истражување, Призма детектира драматични промени во оценките, вокабуларот и во реакциите на надлежните функционери. Од тврдењата дека „сѐ е според процедура“, до „изненаденост и огорченост “.

Видео: В.Маглешов/Призма