Анализи

Осилени функционери и небезбедни новинари

Измените во Кривичниот законик се заглавени речиси една година

„Пази се од денес. Ќе видиш ти што ќе ти се случи ако дојдеш пак во Маврово“.  

Оваа директна закана ја добила новинарката на ИРЛ, Маја Јовановска, од раководителот за урбанизам во Општината Маврово-Ростуше, кој одбил да се сретне со тимот истражувачи што го истражуваат урбанистичкото дивеење во Маврово.

На ова му претходел молк од Општината по прашањата што им ги испратиле новинарите, но не добиле одговор.

„Со месеци чекаме одговори на прашања од градоначалникот и од секторот за урбанизам. Односот кон јавноста е крајно непрофесионален. Така беше и за последната сторија што ја работи ИРЛ“, рече Јовановска за БИРН.

Вели дека единствено раководителот на одделот за урбанизам, Садредин Елезоски одбил да се сретне со екипата на ИРЛ.

„Му пратив СМС-порака истиот ден, но и следниот, дека тој има обврска да биде транспарентен кон јавноста и дека работи во јавна администрација, а не во приватна фирма“.

Потоа следувал телефонски повик од Елезоски, кој, како што вели новинарката, бил вознемирен и нервозен, и комуницирал со навредливи зборови.

Од МВР, каде што Јовановска го пријавила случајот, за БИРН потврдија дека разговарале со заканувачот.

„На 4.6.2022, со телеграма од надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар при СВР Тетово, во полициската станица Центар биле известени дека со пријавеното лице е извршен службен разговор по што ќе следи и соодветен поднесок“.

Јовановска раскажа дека откако го пријавила во полиција, следниот ден добила порака од Елезоски, која ја сфатила како обид за воспоставување професионална комуникација.

„Закани нема повеќе. Напротив, откако алармиравме јавно за случајот, добив пораки за поддршка од многу луѓе, колеги, советници од други општини, а во име на општината извинување добив од градоначалникот Медат Куртовски, кој рече дека ќе преземе соодветни мерки за санкционирање на Елезоски“.

Вели  дека имала повеќе закани во нејзината долгогодишна новинарска кариера од луѓе од различни профили од бизнисот, политиката и од „подземјето“, но ова е прв ваков случај на директна закана.

Претходните биле како предупредување и обид за замолчување со користење разни методи. Од обиди за поткуп, непристојни објави или како што ги нарекуваме ние новинарите „нарачки“ за оцрнување во некаквиси интернет-портали, па дури и телефонски повици во кои се слуша звук од бомба“.

Досега заканите не ги пријавила во МВР, туку само алармирала до еснафските здруженија.

„Но, заканите од Елезоски беа директни и морав да ги пријавам, за да има некаков пишан документ, бидејќи сторијата што ја истражуваме за Маврово е на половина пат и откриваме дека инволвирани се луѓе на високи позиции и со многу моќ од политиката и од бизнисот“.

Нејзиниот колега, новинарот, Невриј Адеми, со снимателот во февруари, додека работеле на репортажа во Тетово, имале уште понепријатно искуство, што го поставува прашањето дали новинарите треба на терен да одат со лично обезбедување.

„Ме фати за главата и ме туркаше по скалите. Потоа слезе во училишниот двор и почна да нѐ брка со секира“, раскажа тогаш Адеми за ЗНМ.

За БИРН вели дека судот веќе донел пресуда со која напаѓачот го осудил на условна казна затвор од три месеци, ако не го повтори делото.

„Постојано има закани. Се надевам дека тоа ќе ги обесхрабри напаѓачите во иднина“.

Закочените измени на Кривичниот законик

Oд пет напади кон новинари лани, четири биле вербални, еден физички | Фото: БИРН

Драган Секуловски, директорот на регионалната мрежа за безбедност на новинарите на Западен Балкан, за БИРН вели дека полицијата кај нас во последните неколку години е поактивна во спроведувањето истраги и постапување. Но, таква проактивност нема од Јавното обвинителство, кое „не постапува по службена должност во случаи кога е загрозен животот на новинарите“.

Настрана од позитивните примери со разрешница од 2021 година, како случајот што ЗНМ го доби за говор на омраза на социјалните мрежи, односно на фејсбук-страницата на Здружението, постојат десетици други предмети од изминатите години, кои уште ги сметаат за отворени.

„На тој начин се продолжува политиката на неказнивост кон напаѓачите“, смета тој.

Причините за тоа, според Секуловски, се тоа што најчесто МВР, откако ќе добие пријава, цени дека не станува збор за кривично дело, туку за прекршочно, по што им се сугерира на новинарите правдата да ја бараат пред Граѓанскиот суд.

Втора причина е кога Обвинителството, по барање за кривично постапување, се правда дека законот ги ограничува да постапуваат. Тоа, смета Секуловски, „ја потврдува потребата од итно усвојување на измените на Кривичниот законик“, кои во парламентот се заглавени речиси една година, поточно од јули лани.

„Со овие законски измени, како дел од системот за решенија, на долг рок би се подобрила состојбата со безбедноста на новинарите“.

Три од пет пријави за напад на новинари се од политичари | Фото: БИРН

Затоа ЗНМ инсистира и на посебно одделение во рамки на Јавното обвинителство, кое ќе има задача да постапува кога „се нарушени правата на новинарите и кога има експлицитен говор на омраза, посебно на социјалните мрежи“.

Во публикацијата што месецов ја објави Здружението на новинарите на Македонија се забележува дека од пет напади кон новинари лани, четири биле вербални закани и еден физички напад.

„И во 2021 година, поголемиот дел од овие напади (3) беа насочени кон новинарките, што претставува континуитет на негативната појава што беше забележана во 2020 година, а тоа е бројот на напади врз новинарките да биде поголем од бројот на напади врз новинарите“.

Заедничко за сите три вербални напади врз новинарките во 2021 година е што тие доаѓаат од политички фигури.

За ниту еден од овие три предмети ОЈО или МВР немаат отворено предмет, и покрај тоа што дел од заканите биле пријавени во полиција.