Отворен Балкан не покажува знаци за испорачување на ветените слободи

Коментар на Реља Радовиќ

Членовите на иницијативата Отворен Балкан одржаа уште еден состанок минатата недела во Охрид, Северна Македонија.

Претставниците на Албанија, Северна Македонија и на Србија се сретнаа и потпишаа уште еден пакет документи – договор за признавање на дипломите и три меморандуми за разбирање на различни теми. Серијата документи, заедно со оние потпишани во јули и во декември минатата година, имаат за цел економски да го интегрираат регионот, следејќи го моделот за економска интеграција на Европската Унија, додека земјите чекаат самите да станат членки на ЕУ.

Сепак, Отворен Балкан сè уште е далеку од формално конституирање како соодветна меѓународна организација, или суштински царинска унија, а камоли пак нешто што наликува на балканска ЕУ. И покрај сите прогласи за економска интеграција и формирање единствен пазар, сѐ уште не е направен ниту еден чекор во таа насока.

Иницијативата има хроничен проблем со транспарентноста. Не само што јавноста е исклучена од дебата за потенцијалните договори и нивните нацрти, туку е многу тешко да се пристапи до целосните текстови на документите, дури и откако тие ќе бидат потпишани

Еден општ проблем е што останува нејасно што сака да постигне иницијативата и како има намера да го стори тоа.

Од една страна, вниманието на јавноста досега беше насочено кон политичките изјави. Малку анализи се направени за вистинските услови на потпишаните документи. Ова не изненадувачки, имајќи предвид дека иницијативата има хроничен проблем со транспарентноста. Не само што јавноста е исклучена од дебата за потенцијалните договори и нивните нацрти, туку е многу тешко да се пристапи до целосните текстови на документите, дури и откако тие ќе бидат потпишани.

Од друга страна, иницијативата дава лажни ветувања. Во заедничката изјава на трите влади од 29 јули 2021 година се поставени високи аспирации: „Нашата цел е едноставна: да имаме единствен пазар, без граници“.

Владата на Србија објави дека Меморандумот за разбирање за слободен пристап до пазарот на трудот, потпишан истиот ден, „…ќе овозможи единствен пазар на трудот“.

За време на последниот состанок на иницијативата, еврокомесарот Оливер Вархеји потврди дека иницијативата се „заснова на четири слободи“, односно слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе.

Проблемот е што, иако „единствен пазар“ и „четири слободи“ се добро познати правни термини во меѓународното економско право и економската интеграција, потпишаните договори немаат никаква врска со воспоставувањето единствен пазар и слободното движење на стоки, услуги, капиталот и луѓето.

На 21 декември 2021 година, трите држави го потпишаа Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на труд во Западен Балкан, кој не треба да се меша со Меморандум за разбирање за истото прашање потпишан неколку месеци претходно.

И покрај претходните најави, договорот не воспоставува единствен пазар на труд, а и покрај претенциозниот наслов, не предвидува ниту „слободен пристап до пазарот на трудот“.

Она што, всушност, го прави договорот е поедноставување на административната процедура за пристап до пазарот на трудот, а тоа го прави многу несмасно.

Проблемот е што, иако „единствен пазар“ и „четири слободи“ се добро познати правни термини во меѓународното економско право и економската интеграција, потпишаните договори немаат никаква врска со воспоставувањето единствен пазар и слободното движење на стоки, услуги, капиталот и луѓето

Договорот почнува со наводите дека граѓаните на трите држави „ќе имаат право слободно да се движат, престојуваат и работат на територијата на договорните страни“.

Сепак, продолжува со регулирање на поедноставените услови и процедури за добивање право на работа (и привремен престој заради работа) во една држава-членка за државјанин на друга држава-членка.

Според тоа, договорот не ги регулира правата на движење, престој и работа генерално, како што беше најавено во одредбата за отворање, туку само правата поврзани со работа во друга држава.

Што е најважно, пристапот до пазарот на трудот мора да биде одобрен од државата домаќин во секој поединечен случај и дозволата за секој работник да остане во земјата домаќин важи само две години, со можност за обновување. Одобрувањата може да се отповикаат и по повеќе основи.

Спротивно на тоа, вистинската слобода на движење, престој и работа би им овозможила на граѓаните на државите на Отворен Балкан да влезат, престојуваат и да работат во други држави на Отворен Балкан онолку долго колку што сакаат, без да им треба формално одобрение од државата домаќин, како што е случај во ЕУ.

Интересно е што договорот потсетува на посветеноста на четирите слободи од типот на ЕУ, дадена во заедничката декларација од Нови Сад од 2019 година, која не успеа да се придвижи кон нивното вистинско воспоставување.

Ништо спектакуларно не внесува и Договорот за соработка во областа на ветеринарството, фитосанитарноста, безбедноста на храната и добиточната храна во Западен Балкан, исто така потпишан на 21 декември 2021 година.

Договорот се однесува на увоз и извоз на живи животни, храна од животинско или неживотинско потекло, композитни производи, добиточна храна, животински нус-производи, растенија и растителни производи. Не ги укинува постојните барања според домашните прописи за увоз и извоз на таква стока; експлицитно ги зачувува.

Договорот предвидува признавање на извештаите за тестирање од страна на акредитирани лаборатории. Понатаму, ги поместува контролите пропишани со домашните закони од граничните контролни пунктови.

Ваквите контроли ќе се спроведуваат на царинските терминали на „најблиското место надвор од граничниот инспекциски пункт“ (за растенија и растителни производи) или на дестинацијата (за живи животни, храна од животинско или неживотинско потекло, композитни производи, добиточна храна и нус-производи од животинско потекло).

Треба да биде јасно дека главното прашање на иницијативата се однесува на довербата. Никој не очекува дека државите од Отворен Балкан преку ноќ ќе воспостават единствен пазар. Сепак, од нив треба да се очекува да ги нарекуваат работите со нивното вистинско име

Договорот прецизира кои документи мора да ги придружуваат пратките за да се усогласат со барањата за домашниот увоз, а за кои растителни производи се потребни фитосанитарни сертификати. Тоа е во суштина сè.

За разлика од договорот за пазарот на трудот, кој ќе трае неодредено доколку не биде раскинат, договорот за ветеринарна, фитосанитарна, безбедност на храна и добиточна храна се склучува само на пет години, по што автоматски се обновува за периоди од една година.

Засега, овие два договори се единствените, кои се чини дека се обидуваат да го регулираат движењето на стоки и луѓе. Други договори се насочени кон повеќе административни или државни прашања, кои го покриваат управувањето со услугите на е-влада, признавањето дипломи и заштитата од катастрофи – како и голем број меморандуми за разбирање со непозната содржина.

Меѓутоа, содржината на овие два договори открива дека ништо не е направено, барем до сега, реално да се овозможи слободно движење на стоки и луѓе.

Треба да биде јасно дека главното прашање на иницијативата се однесува на довербата. Никој не очекува дека државите од Отворен Балкан преку ноќ ќе воспостават единствен пазар. Сепак, од нив треба да се очекува да ги нарекуваат работите со нивното вистинско име.

Формирањето единствен пазар треба да биде објавено само откако државите од Отворен Балкан ќе бидат навистина подготвени за движење кон таа цел.

Сегашната практика остава впечаток дека способноста на иницијативата да ги испорача слободите што номинално ги заговара е неперспективна.

Реља Радовиќ е адвокат во Белград. Тој е специјализиран за меѓународно право, со фокус на меѓународното економско право.

Изразените мислења се само на авторот и не нужно ги одразуваат ставовите на БИРН.