Како контролата на Судскиот совет ја утна годината

Коментар на Васко Маглешов

Членовите на Судскиот совет, вчера имаа „полни раце работа“. Меѓу многуте точки на дневен ред, разгледуваа извештаи од контролата на неколку судови. Еден од нив беше и за скопска Апелација, која во втор степен одлучува за најбитните предмети од областа на организираниот криминал и корупцијата.

За овој суд, БИРН објави дека поротници со истечен мандат една година делеле правда.

Работна група од тројца членови на чело со претседателката на Комисијата, Тања Чачарова-Илиевска, која во Советот дојде како советничка на поранешниот премиер Зоран Заев, на колегите им говореше што откриле при посетата на Апелацискиот суд.

А излегува дека не откриле ништо спорно во делот со поротниците, освен една судијка, на која не ѝ го кажа името, а која се двоела од колегите затоа што бавно судела прекршоци.

Немало поротници што суделе по престанокот на мандатот.

Па, се разбира дека не суделе по престанокот на мандатот, туку една година претходно со истечен мандат. Чачарова-Илиевска, која смирено читаше извадоци од извештајот на комисијата, тоа не го ни спомна.

Но, кажа дека требало да се испрати укажување до претседателката на Апелацискиот суд и до судскиот администратор „навремено да го известуваат Судскиот совет“. За што да го известат, ако немало никаков проблем?

Излегува дека во контролата на Судскиот совет, работната група ја утнала годината, затоа што со нивна одлука на поротниците мандатот формално им престанал на 30 март годинава, ама од лани 2021 до годинава во март, цела година си суделе со истечен мандат.

За Извештајот на Чанчарова-Илиевска, впечатокот беше како да го „пеглала“ текстот на извештајот за да нема „набори“ на критика за промашениот менаџмент со поротниците и вордингот да биде „мек“.

Безживотната дискусија за оваа точка, во една минута ја оживеа членката Весна Дамева, која рече дека и тие самите како совет и претседателите на судовите треба со „будно око да го следат мандатот на поротниците“, а им се заблагодари на медиумите што известиле за случајот.

На медиумите, очигледно, не им беше многу наклонета Чачарова-Илиевска, која приматот за „случајот“ му го припиша на Советот, бидејќи тие формирале работна група што отишла во проверка на судот.

И тоа е сѐ.

Извештајот со заклучоците за „укажувања“ беше изгласан едногласно. Во превод овие „замолувања“ значат дека Судскиот совет им укажува на судовите да го почитуваат законот. Замислете, Советот им укажува на менаџментот на судовите да го почитуваат тоа што е напишано во законот?!

На ова веројатно останува да се залепи последната реченица од бајките „и така среќно си живееја“.

Зошто оваа точка не смееше да помине така „свилено“ на седницата, како што тоа е пракса досега, е поради повеќе причини. Членовите на Советот не беа самокритични кон себе да кажат дека една година не виделе дека поротниците што тие ги избираат по предлог на претседателите на судовите се со истечен мандат.

Ова прашање, меѓу другото, е важно, зашто многу високопрофилни случаи за криминал и корупција почнуваа одново поради поротници со истечен мандат. Такви беа неколку предмети на СЈО.

Впрочем, во Годишната програма за работа на Советот, што му е законска обврска, пишува дека тие преземаат мерки и активности за зголемување на ефикасноста на судството и донесуваат план за континуирано следење на работата на судовите.

Тоа значи дека членовите на Советот имаат обврска да бидат и ажурни и агилни, а не да бидат декоративно тело што само формално ќе биде „протоколарна Јованка“. И кога ќе отидат во посета на суд, таа (веројатно) не би требало да биде „sotto voce“, туку јасно и гласно артикулиран став кога ќе утврдат одреден пропуст.

Не дека и досега не се провлекувале случаи кога поротници со истечен мандат суделе. Но, дали оваа стара пракса за Судскиот совет треба да ја продолжи, или треба да се стави крај на овој „неограничен поротнички мандат“, кој по закон е четири години, ама судот ги чести уште една година?

Дека нема интерес за поротници, нема. Но, тоа е прашање за кое Судскиот совет треба да расправа, на што се должи овој слаб интерес. Дали се во прашање пари, мотивација или нешто сосема друго.

На истата седница, поилустративна беше дискусијата за друга точка од дневниот ред – извештајот за контролата на Вишиот управен суд, иако епилогот беше ист.

Една од судијките што била таму, заедно со уште двајца судии, членови на Судскиот совет, три часа седеле пред вратата на претседателката на Вишиот управен суд, која, како што кажаа, не ги примила при најавена посета оти била на онлајн-состанок, па морало да прават обиколка низ судот и да го засведочуваат просторно-техничкиот очај во кој се наоѓа.

Дали овој однос бил поради нечии „вергии“ и „должничко-доверителски“ односи на претседателката на судот со членови на комисијата е сосема друго прашање. Но, и оваа точка помина без Советот да дефинира каков заеднички став ќе заземе за оваа постапка, која, како што кажаа самите членови, е „преседан“.

Можеби е „томбола“ јавноста некогаш да види правосудно „јакобинство“ во редовите на една задремана, стерилна и крајно бирократизирана институција, која постојано во овие 30 години е обвинувана за задоцнето и политичко реагирање. И со право.