Југословенската народна армија, потпомогната од српските сили на територијалната одбрана и паравоените формации од Србија, на 25 август 1991 година, започна целосен напад на Вуковар, град во источна Хрватска, со што започна опсадата која траеше 86 дена, во која, пред да се предадат, смртно настрадаа околу 3.000 војници и цивили.
Кога започна опсадата, многу жители на градот, особено жени, деца и постари лица, од гранатирањето, тенковскиот оган и од воздушните напади, се криеле во своите подруми.
Манда Патко живеела со сопругот и свекрвата во улицата „Богдановачка“ во населбата Милово Брдо во Вуковар. Од крајот на август 1991 година, таа и нејзината свекрва, поголемиот дел од времето го поминувале криејќи се во нивниот подрум, бидејќи нивната куќа уште веднаш станала неусловна за живеење, поради големото оштетување од гранатирањето.
„Не можеше да се излезе надвор или да се разговара со другите соседи, бидејќи нашата куќа беше подалеку од другите куќи, а на улицата постојано паѓаа гранати. Имаше денови кога не можевме да излеземе од подрумот. Ги броев гранатите. Кога ќе изброев шест, обично престануваше или продолжуваше. Кога ќе престанеше, излегував од подрумот, за да одам во тоалет во дворот. Во една од тие паузи при гранатирањето, носев вода од кај нашите соседи“, вели Патко.
Во 1991 година, Ива Радиќ, имала осум години. Нејзиниот татко бил Хрват, а мајка ѝ Србинка. Живееле во населбата Сајмиште. Како и Патко, и таа се криела во подрум.
„Сите соседи доаѓаа во нашиот подрум, беа од различни националности: Хрвати, Срби, Русини, Словаци. Во соседството имаше подруми во кои се криеја само Хрвати или само Срби. Сепак, нашиот беше единствениот каде што сите се криеја“, се сеќава Радиќ.
Откако хрватскиот дел од семејството Радиќ, кој живеел во Сплит, одбил да ги прими, ти,е на 7 септември, побегнале во Србија.
„Побегнавме по пат низ пченкарни полиња, во колона од седум автомобили. На патот нè запре ЗНГ (Збор на народната гарда) и не претресуваше, а потоа нѐ пуштија. Поминавме покрај контролни пунктови што ги држеше ЈНА и српските паравоени формации. Подоцна слушнавме дека нашата рута е пресечана, што значи дека побегнавме во последен момент“, вели таа.
Јелена Зера, која имала десет години, и, исто така, живеела во населбата Сајмиште, се сеќава на тенковскиот напад од 5-ти септември.
„Дотогаш сите сè уште бевме во своите домови; не сфаќавме дека ЈНА е толку блиску. Дури кога дојдоа на 20-30 метри од куќата, сфативме дека се работи за тенковски напад. Ние (нејзината мајка, баба и постариот брат) набрзина ги зедовме работите што ни беа најпотребни и истрчавме од дома, бегајќи од нив, по улицата, кон нашиот автомобил кој беше паркиран малку подалеку. Додека трчавме, кон нас пукаа со митралези од тенковите. Имавме многу среќа што не нѐ погодија“, нагласува Зера.
Импровизиран градски отпор
Покрај хрватските команданти, Миле Дедаковиќ наречен Јастреб, и Бранко Борковиќ наречен Млад Јастреб, во организацијата на одбраната на градот учествувал и Данијел Рехак, кој бил секретар за народна одбрана на Вуковар.
„Повеќето од убиените во тие месеци беа оние кои беа убиени по улиците или дури и во нивните автомобили, бидејќи шрапнели ги убиваа кога гранатите удираа во бетон“, нагласува Рехак.
Одбраната на Вуковар била организирана со помош на доброволци од градот и од другите делови на Хрватска, кои поставиле утврдени одбранбени позиции на стратешки локации. Илија Ачкар дошол во Вуковар на 26-ти септември, како дел од група борци на Хрватските одбранбени сили (ХОС), односно припадници на оваа паравоена единица контролирана од крајнодесничарската Хрватска партија на правата (ХСП).
„Немаше поделба како што имаше во редовните армии, но имавме (одбранбени) точки, како што ги нарекувавме. Се наоѓавме зад ред куќи. Зад нив имаше мали градини, а потоа големо поле со пченка. Што и да излезеше од тоа поле со пченка, ќе отворевме оган. Кој ќе пукнеше прв, подобро поминуваше“, посочува Ачкар.
Марин Крајновиќ Мишо се вклучил во борбите во улицата „Херцеговска“ во неговата населба Борово насеље во октомври. Покрај борбите, тој им пружал и прва помош на ранетите војници, бидејќи за време на задолжителната служба во ЈНА, поминал одредена медицинска обука.
„Тоа вклучуваше превивање на раните, запирање на крварењето и организирање транспорт до болницата, како медицинар со основно знаење. Завои и најосновни работи за дезинфекција на рани, донесовме од локалната клиника“, објаснува Крајновиќ.
Додека по улиците на градот бранителите на Вуковар се бореле против добро опремената ЈНА, за Крајновиќ ова било шокантно искуство.
„Дури кога ја видов борбата од прва рака, сфатив колку е моќно нивното оружје. Ќе паднеше граната, ќе уништеше цела куќата која служеше како засолниште, ќе го разнесеше и човекот, и куќата. Сфаќате дека ѕидот воопшто не е заштита, бидејќи противтенковските куршуми го пробиваа како да минуваат низ сирење. Шрапнел пресекуваше метален столб. Кога го видовме тоа, почнавме да копаме ровови, бидејќи тоа беше единствената вистинска заштита“, вели тој.
Болницата станува мета
Откако, поради борбите, биле принудени да ја напуштат својата населба, семејството на десетгодишната Јелена Зера, решило да се пресели во болницата во Вуковар, во близина на центарот на градот, бидејќи нејзиниот татко бил возач во службата за итна медицинска помош. Тие живееле во болницата, заедно со други жени и деца, сѐ додека градот, во ноември, не паднал во рацете на ЈНА.
„Ранетите доаѓаа во болницата до последниот ден, луѓето умираа, сето тоа го гледавме додека шетавме низ болницата. Речиси е смешно да се каже, но (болницата) беше нашето игралиште. Имаш десет години и што да правиш? Шетавме меѓу ранетите, разговаравме со нив. Ги посетувавме ранетите деца за да видиме дали ги болат раните“, се сеќава Зера.
ЈНА набрзо ја нападнала болницата.
„Постојано паѓаа гранати врз болницата; беше тешко оштетена од постојаните напади. Беше прекриена со дупки од гранати, некои нејзини делови гореа во неколку наврати. Некои соби беа целосно неупотребливи и луѓето мораа да останат во ходниците“, вели Зера.
Како медицинска сестра, инструментарка, во болницата во Вуковар, Агнеза Аксентијевиќ, за време на опсадата, учествувала во бројни операции на ранети цивили и не ги напуштила овие простории од септември до ноември.
„Секаде каде што беше потребно да се оперираат воени рани, јас бев таму. Од околу 1.000 луѓе кои работеа таму пред 1991 година, останавме само околу 350 и 120 медицински сестри. Работевме дење и ноќе за време на опсадата… без медицинска и друга опрема, без електрична енергија, под свеќи и батериски светилки. Сè беше правено во привремени операциски сали во подрумот“, се сеќава Аксентијевиќ.
Одбраната на градот, опкружен од сите страни, почнала да се распаѓа на крајот на октомври, воените резерви се намалувале, а човечките загуби биле големи. Иако многу команданти биле свесни дека одбраната е осудена на пропаст без надворешна помош, тие тоа го криеле од своите војници, за да го одржат моралот.
„Дури и кога беше скршена одбраната на градот, многу луѓе не знаеја што се случува. Кога ги посетував ранетите, тие ме прашуваа каква е ситуацијата. Јас ќе одговорев: ‘Ќе ги убиеме сите; немаат шанси’“, вели Рехак.
„Од почетокот беше јасно дека Вуковар нема да може да се одбрани. Сепак, верувавме во мировните преговори со посредство на Загреб. Затоа ние како команданти од понизок ранг, речиси ги лажевме нашите војници дека мораме да ја задржиме линијата уште еден ден, а потоа уште еден ден“, раскажува Ачкар.
„Вуковар не можеше да се одбрани. Бевме премногу блиску до непријателските линии за да водиме каква било сериозна офанзива. Ние бевме позиционирани на едната страна од куќата, а тие на другата. Ги уриваа ѕидовите еден по еден за да дојдат до нас. Тоа не беше ни обична војна, кога знаеш каде ти е непријателот. Овде (во Вуковар) нашите линии беа измешани“, додава тој.
ЈНА, со помош на силите на територијалната одбрана и српските паравоени формации, полека ги преминувала одбранбените линии на градот, приближувајќи се кон хрватските сили. Наскоро некои делови од Вуковар биле отсечени и тие паднале под српска контрола. Бидејќи живееле во близина на касарната на ЈНА, Патко, нејзиниот сопруг и свекрвата, биле заробени веќе на 8 ноември.
„Резервистите кои не заробија сакаа да не стрелаат покрај блиското училиште. Еден резервист, кој рече дека е од Ваљево (Србија), ни рече дека ќе пука во нас… Јас и мојот сопруг се гледавме во очи додека овој човек го држеше прстот на чкрапалото“, вели Патко.
„Тогаш, во последен момент, не спаси човек кој рече дека е офицер на ЈНА, кој одеднаш дојде и им нареди на резервистите да не префрлат во Велепромет (привремен логор во Вуковар)“, додава таа.
„Мојот сопруг го однесоа на краток распит (во Велепромет). Кога се врати, рече оти го носат на сослушување во касарната на ЈНА. Откако го одведоа по втор пат, повеќе не го видов. Сè уште трагам по неговите останки“.
Хрватските единици почнале да ја губат територијата и да се повлекуваат, но се надевале дека помошта ќе пристигне.
„До крајот на октомври, почетокот на ноември, кога почнавме да се повлекуваме, верувавме (во победа). Уште тогаш верувавме дека засилувањето ќе го пробие периметарот на опсадата. Луѓето велеа дека помошта треба да дојде во секој миг. Силите за помош беа организирани да ги пробијат непријателските линии, но целата операција беше прекината; никој не знаеше зошто“, се сеќава Крајновиќ.
„Дури на самиот крај сфативме дека навистина е крај. Предходно, секогаш постоеше надеж. Но, кога луѓето почнаа да организираат групи за пробивање на обрачот и кога нашиот командант си замина, сфативме дека е крај“, истакнува тој.
Единицата на Крајновиќ била потисната длабоко во Борово Насеље, кое било опколено од непријателските сили. Сега се бореле за опстанок.
„Се сеќавам оти додека се движевме низ зградите, имаше дупка на едниот ѕид низ која поминувавме и снајпер погоди едно момче во градите. Беше крајно шокантно и тешко за гледање, бидејќи бевме соседи. Се обидов да го завиткам и да му ставам најлон преку белите дробови за да не му колабираат. Но, тој брзо почина, во моите раце“, раскажува Крајновиќ.
Центарот на градот падна на 18 ноември, а единиците на бранителите во Борово насеље се предадоа на 20 ноември. Ачкар и Крајновиќ биле заробени. Гледале како припадниците на територијалната одбрана ги носат затворениците во други села или затвори. Три дена подоцна, Рехак бил заробен во Борово Насеље и тој бил сведок на организиран грабеж во соседството и заминување на камиони со украдена стока кон Србија.
Егзекутирани машките затвореници
Припадниците на територијалната одбрана и на паравоените единици влегоа во болницата во Вуковар во утринските часови на 20 ноември, заедно со војниците на ЈНА, предводени од мајорот, Веселин Шљиванчанин.
„Тогаш пред целиот народ се појави Шљиванчанин, на едната страна стоеја мажите, а на другата жените и децата. Додека се прашувавме зошто мажите се на другата страна, тој се однесуваше како некој хуманитарец, велејќи дека ‘само мажите ќе бидат испрашувани’ и дека подоцна ќе ни се придружат“, истакнува Зера.
„До последниот ден ние не верувавме дека сето ова ќе се случи… Беше тешко бидејќи бевме беспомошни да направиме или да промениме нешто за тие ранети луѓе, со кои го поминавме сето тоа време. На крајот се случи најлошото“, раскажува Аксентијевиќ.
„Истата вечер, тие (мажите од болницата) беа однесени на Овчара (имот во близина) и беа брутално егзекутирани“, наведува Зера, која тој ден последен пат го видела својот татко жив.
Борис Дежуловиќ бил известувач на хрватскиот весник „Слободна Далмација“ во Белград. Со помош на помлад офицер на ЈНА, тој успеал на почетокот на декември, да влезе во опустошениот град Вуковар, веднаш по неговиот пад.
„Долг прав пат и долга, долга низа урнати семејни куќи. Ниту една куќа не е цела. Купишта тули и дрвени греди покрај патот. Во еден двор три мртви свињи, четвртата умира од глад, ѝ се гледаат ребрата. Изгорени остатоци од автомобили нафрлени во канал покрај патот“, наведе Дежуловиќ во својот текст.
„Нашиот џип тешко се пробива низ посмртните останки на Вуковар. Движењето по улиците е отежнато, тие се преполни со тули, камења, греди, ќерамиди, земја… и крвави покривки под кои до вчера лежеа стотици трупови. Влезот во речиси секоја споредна улица е блокиран со жолта лента и големи табли со натпис „МИНИРАНО“ … Еден човек турка жена во ‘стојадин’, таа не сака. Плаче и гледа во местото каде што им бил домот“, напиша тој.
По падот на Вуковар, во градот влегол и Чак Судетиќ, репортер на „Њујорк Тајмс“.
„Само војници на армијата под српска доминација, кучиња скитници и неколку новинари одеа по улиците преполни со чад и чакал, како и со урнатини од зградите, продавниците и хотелите во центарот на Вуковар. Ниту една зграда не може да се опише како вселива“, напиша Судетиќ.
Дежуловиќ во својот текст истакнува дека видел трактор кој превезувал изобличени трупови на старица и тројца мажи. Тој видел повеќе од 100 мртви тела едно до друго во локалната циглана, повеќето од нив во црни пластични кеси. Зера се сеќава и на нејзиниот шок кој го доживеала откако ја напуштила болницата, додека се возела низ разурнатиот град.
„Тоа беше како да гледам стар црно-бел филм… Дрвјата беа црни, изгорени, со ужасен изглед. Куќите немаа ниту фасади, ниту покриви, насекаде имаше цигли и бетонски блокови. Видов тела како лежат откриени покрај патот“, раскажува таа.
Во истото соседство, во исто време, бил и Судетиќ.
„Денеска тела на седуммина Хрвати лежеа на празна земја до стоковната куќа. Сите имаа дупки од куршуми. Бела крпа за капење врзана за метла, лежеше на околу 20 метри од нив“, напиша тој.
Испитување, тепање и судски театар
Ачкар наведува дека хрватските војници и цивили, откако биле заробени во Вуковар, биле однесени преку Војводина во логори во земјоделските комплекси во селата Стајиќево и Бегејци.
„Нѐ возеа низ војводинските села и тоа беше страшно. Луѓето врескаа, фрлаа работи по автобусот, извикуваа ‘убиј’, ‘заколи’ или бараа да бидеме пуштени, да завршат тие со нас. Како и да е, имавме среќа, во Богојево, село спроти Дунав во Војводина, Книнџите (српска паравоена единица) на капетанот Драган (Васиљковиќ) симна неколку луѓе од автобусот. Некои од овие затвореници беа жестоко тепани, а некои убиени“, се сеќава Крајновиќ.
Во Стајиќево и Бегејци затворениците биле набуткани во боксови за добиток.
„Во шталата (во Бегејци) на почетокот немаше слама за лежење; подоцна донесоа. Беше смрзнувачка“, вели Патко.
Во Стајиќево, Ачкар видел затвореници, кои биле претепани од стражарите и маж кој умирал од повредите задобиени од ќотекот кој тој го добил додека го испрашувале припадници на југословенската воена Контраразузнавачка служба (КОС).
„Стражарите ќе однесеа затвореник во болница, но тие никогаш не се враќаа. Сите беа испрашувани, некои по пет-шест пати“, вели Рехак, кој, исто така, бил сведок на злоставување во Стајиќево.
Тој посочува дека на почетокот, додека со логорот раководел потполковникот на ЈНА, Мирослав Живановиќ, истражителите не го мачеле и не го малтретирале.
„Кога Живановиќ замина… следните 15 дена, воената полиција жестоко ме тепаше“, нагласува тој.
Од Стајиќево, ЈНА го одвела Ачкар во Белград, за да му се суди како на наводен претставник на хрватското политичко раководство, кое ја испровоцирало војната и извршило злосторства врз Србите. Пред воениот суд тој и останатите обвинети се соочиле со разбеснета толпа.
„Се собраа луѓе и полицајци, тоа изгледаше како во вестерн филмовите, кога се собираат да обесат некого“, нагласува Крајновиќ, кој, исто така, бил изведен пред воен суд. „Луѓето викаа, плукаа, фрлаа работи, нѐ удираа. Наместо да не заштити, полицијата не удираше заедно со нив. Намерно не водеа низ луѓе, жени, деца. Сета таа омраза во луѓето, тоа беше неверојатно. Вистинска толпа за линч. Беше навистина страшно“.
Ачкар тврди дека за време на испрашувањата во логорите, некои затвореници биле изманипулирани за да потпишат сведоштва напишани од КОС за наводни злосторства извршени од нивни соборци.
„Некои подлегнаа на ќотекот и притисоците и потпишаа, станувајќи сведоци против други. Во овие обвиненија се спомнуваат (српски) деца кои наводно сме ги убивале – дека им биле вадени или отсечени очи, заби и уши и дека од нив биле правени ѓердани“, нагласува тој.
Првите хрватски затвореници беа ослободени од српските власти во средината на декември 1991 година, кога Крајновиќ и Патко, со дел од медицинскиот персонал од болницата во Вуковар, биле разменети за други затвореници. Но, Ачкар, Рехак и многу други Хрвати, биле пренесени во логорите во Сремска Митровица и Ниш. Тие беа ослободени дури во август 1992 година.
Вуковар: Клучни факти и бројки
Според пописот од 1991 година, Вуковар имал 44.000 жители или 84.000 ако се вклучат околните села и блискиот град Илок.
Од нив, 43,8 отсто биле Хрвати, 37,3 отсто Срби, 7,2 отсто Југословени, a другитe припадници на други малцинства како Русини, Словаци, Унгарци, Украинци и други.
Ситуацијата во Вуковар се влоши во мај 1991 година, кога хрватските војници паднаа во заседа на српски паравоени формации во Борово Село, во регионот на Вуковар, при што беа убиени 12 од нив. Помеѓу јуни и август, според повеќето извештаи, меѓу 40 и 80 Срби исчезнале или биле егзекутирани, откако паднале во рацете на хрватските паравоени формации.
ЈНА, со помош на територијалната одбрана и паравоените формации од Србија, на 25 август започна целосен напад. По 86 дена опсада, на 18 ноември, главните сили во центарот на градот се предале, а два дена подоцна истото го направиле и преостанатите сили во Борово Насеље.
За време на опсадата, секој ден врз Вуковар паѓаа околу 7.000 гранати, уништувајќи околу 85 отсто од зградите.
За време и по опсадата беа убиени околу 3.000 војници и цивили, меѓу кои 86 деца.
По падот на Вуковар, несрпското население беше протерано, додека околу 7.000 затвореници, војници и цивили, беа пренесени во логори во Србија.
Откако четири години беше под контрола на бунтовничките хрватски Срби, Вуковар, во 1996 и 1997 година, со мировниот договор од Ердут, беше мирно реинтегриран во Хрватска.
Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) осуди двајца офицери на ЈНА за воени злосторства во Вуковар – полковникот, Миле Мркшиќ, кој беше осуден на 20 години затвор и мајорот, Веселин Шљиванчанин, кој беше осуден на десет години затвор.
Според пресудата на МКТЈ, на 20 ноември 1991 година, Мркшиќ одлучил да ги повлече офицерите и војниците на ЈНА, кои ги чувале воените затвореници на Овчара, дозволувајќи им на територијалната одбрана и на паравоените сили, да убијат околу 260 затвореници, и ранети војници и цивили.
Во пресудата се наведува дека Шљиванчанин, „и покрај тоа што бил одговорен за безбедноста на воените заробеници и отишол во Овчара во времето кога тие биле малтретирани, тој не направил ништо за да го спречи тепањето“.
Пред српските судови, за одговорност за убиствата на Овчара, беа осудени 16 лица, главно членови на паравоени формации, додека хрватските судови донесоа 109 пресуди за воени злосторства во регионот на Вуковар.