Пред дваесет и пет години, изолираната, опколена бошњачка енклава Жепа падна, со што кулминира тринеделниот налет на протерувањето на луѓето, со размери невидени во Европа, уште од Втората светска војна.
Бев во Жепа кога таа, на 25 јули 1995 година, капитулира. Јас бев еден од ретките меѓународни претставници присутни за време на „геноцидниот потфат“, како што тоа го утврди Хашкиот трибунал, извршен од Војската на Република Српска (ВРС) во Сребреница и во Жепа.
Одговарајќи на барањата на централните и локалните претставници на Бошњаците, јас и моите колеги од мировната мисија на ООН бевме турнати во директен контакт со осудените воени злосторници, генералот, Ратко Младиќ, и неговиот врховен поручник, генерал, Здравко Толимир.
Раководството на ВРС не го сакаше присуството на Бошњаците во Жепа, ниту пак во Сребреница, и тие не губеа време Жепа да стане нивна цел. Само 13 милји оддалечена од Сребреница, Жепа беше помала, поизолирана бошњачка енклава, сместена во длабока клисура опкружена со густа шума.
Додека илјадници бошњачки мажи и момчиња од Сребреница лежеа мртви во масовни гробници, а илјадници ноќе бегаа низ шумите, минувајќи низ мински полиња и под постојан оган од српските трупи, мажите од Жепа беа следната цел на Младиќ.
За негова жал, Младиќ ја потцени храброста на командантот на Армијата на Босна и Херцеговина, полковникот, Авдо Палиќ. Палиќ и неговите грст локални соборци, веќе беа исцрпени од опсадата и имаа значително помалку оружје. Двете страни веќе имаа сознанија дека во соседна Сребреница, ООН нема да употреби сила за да го исполни својот мандат на заштитник, ниту пак ќе го повика НАТО. Но, Палиќ, следејќи ги наредбите од Сараево, упорно одбиваше да се предаде.
Кога јас и мојот колега за цивилни работи на ООН, пристигнавме во Жепа на 19 јули 1995 година, Младиќ ги имаше распоредено своите трупи и артилеријата на ридовите над малиот град. Преку звучници одекнуваа пораки кои деморализираа и апели до жителите да го игнорираат Палиќ и да се предадат.
Предвидувајќи скорашна капитулација, Младиќ нè поздрави со истата ароганција што ја забележав на состаноците за прекин на огнот во Сараево. Одеднаш, топовски оган ја задуши пропагандата – српските сили повторно го нападнаа градот. Расположението на Младиќ се смени и тој налутено ни нареди да заминеме.
Палиќ, чие семејство беше меѓу загрозените жители, издржа уште пет дена, што, иако во тоа време не го знаевме тоа, се покажа како спасоносно за илјадници мажи од Жепа.
Се вративме во Жепа, која капитулираше на 25 јули и ги најдовме членовите на ВРС како кружат по центарот на градот. Бевме зачудени кога наидовме на полковник Палиќ, осамена униформирана бошњачка фигура на власта, кој внимателно ја следеше евакуацијата.
Нашата цел како ООН беше сведена на минимизирање на траумата од евакуацијата на жените и децата, додека ја чекавме потенцијално катастрофалната евакуација на мажите, поврзана со потенцијална размена на затвореници.
Додека се водеа разговори во Сараево, Палиќ остроумно ги држеше своите луѓе скриени во густата шума, од другата страна на клисурата, додека тој, заедно со младиот имам, Мехмет Хајриќ, и командантот за цивилна заштита, Амир Имамовиќ, останаа назад.
Жените и децата беа преплашени, врескаа секој пат кога српски џип, со развиорено знаме, ќе профучеше покрај нив. Следејќи ги инструкциите од агенцијата за бегалци на ООН, совесно почнав да ги прашувам жените дали заминуваат по своја волја. Како по автоматизам, сите кимнуваа со главата, освен една која ми рече: „Не, сакам да останам во мојот дом, но кој ќе ме заштити?“
Само што го рече ова, жената почна да плаче, а со неа и другите. Веднаш престанав со бесмислените прашања. Откако две недели претходно имавме средба со трауматизираните жени од Сребреница, јас и колегата се фокусиравме на запишување на имињата на семејствата кои се качуваа во автобуси и со сите присутни – припадниците на ВРС, Палиќ и ограниченото воено присуство на ООН – се обидовме да го зголемиме занемарливото достоинство и достапната безбедност.
И додека судбината на мажите од Жепа сè уште беше во рамнотежа, го прашав Младиќ дали тој навистина ќе им овозможи на ООН да ги евакуираат Бошњаците преку српските линии, на безбедна територија. Неговиот студен одговор, а подоцна дознав дека истото го одговорил и во Сребреница, беше: „Да, тие можат да заминат – освен воените злосторници“.
Но, плановите на Младиќ беа поматени кога тој беше брзо принуден да ги префрли своите главни сили на Западниот фронт, каде Хрватите решително напредуваа. Мажите од Жепа, поштедени од директен напад, информирани за бегствата од Сребреница, бегаа во Србија или успеаја да ги преминат српските линии и да стигнат на територија под контрола на Бошњаците.
Кога го одведоа Палиќ од нас, мојот колега и јас го притискавме Младиќ, барајќи одговор за тоа каде е тој. Наводно, српските сили го држеле овој висок бошњачки воен затвореник, затворен до септември 1995 година, кога бил стрелан и закопан во масовна гробница заедно со имамот Хајриќ и командантот Имамовиќ.
По војната, ѝ помогнав на неговата вдовица, Есма, да побара од меѓународните претставници да извршат притисок врз раководството на Република Српска, да одговори во врска со исчезнувањето на Палиќ и местото на кое се наоѓаат неговите посмртни останки. Тие беа пронајдени во 2009 година и беа погребани во централната џамија во Сараево, истата година.
Негирање на непобитното
Јас двапати сведочев во Хашкиот трибунал како сведок. Покрај неколкуте негови индивидуални пресуди за геноцид, и Меѓународниот суд на правдата утврди дека во источна Босна, во јули 1995 година, е извршен геноцид – факт кој Србија остро одби да го признае.
Систематските напори на српските власти и нивните симпатизери, за негирање на геноцидот во Сребреница, привлекоа широко внимание и осуда, но прашањето, зошто Белград вложува толку многу енергија во негирање на непобитното, е игнорирано.
Српските власти понекогаш ги признаваа злосторства врз основа на кои е утврден геноцидот-само за повторно да се вратат назад. Во 2010 година, српскиот парламент, со тесно мнозинство, донесе резолуција за „остра осуда на злосторството извршено врз бошњачкото население во Сребреница, на начин утврден со пресудата на Меѓународниот суд на правдата“.
Сепак, само три недели подоцна, Владата на Република Српска започна со ревизија на претходно усвоениот владин извештај, со кој се потврдува дека во Сребреница биле убиени околу 8.000 Бошњаци.
Осцилациите помеѓу прифаќањето на злосторствата (ако не и на геноцидот) и справувањето со негирањето, ѝ одговара на пошироката борба на Србите за одредување на нивното место по насилното распаѓање на Југославија.
Српските власти обично наоѓаат храброст да го прифатат минатото кога – водени од некои детерминанти на ЕУ – почнуваат да ја прифаќаат денешната реалност. Не беше случајно кога, во 2004 година, Драган Чавиќ, тогашен претседател на Република Српска, изрази жалење поради Сребреница, додека, во исто време, Бања Лука активно соработуваше со повоените босански институции.
Во 2012 година, претседателот на Србија, Томислав Николиќ, отворено изјави дека „немало геноцид во Сребреница“. Следната година, Николиќ се извини (дури побара и „прошка за сторените дела“) – само неколку дена откако Србија со Косово постигна договор за нормализирање.
Спротивното на ова – негирањето на минатото, што води кон непопустливост – е, исто така, присутно. Наследникот на Чавиќ, водачот на босанските Срби, Милорад Додик, ја спари својата провокативна реторика за Сребреница, која ја нарече „лажен мит“, со подеднакво провокативните чекори за отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина.
Додик ја надополни најавата за отцепување со наметнување на лажна паралела со независноста на Косово. Белград, исто така, ја потенцира оваа врска. Овој месец, српските членови на косовскиот парламент – поврзани со владејачката партија на актуелниот српски претседател, Александар Вучиќ – го напуштија Собранието, кога на жртвите од Сребреница, им беше оддадена почит со минута молчење.
Самиот Вучиќ ја има дадено една од најстрашните и најтрагични забелешки во војната. Имено, само неколку дена по масакрот во Сребреница, тогашниот пратеник Вучиќ изјави, „убијте еден Србин, ќе убиеме стотина муслимани“. Оттогаш, Вучиќ е во цик-цак позиција, меѓу помирувачките изјави и радикалното почитување на Младиќ.
Поентата е дека ревизијата на геноцидот во Сребреница, е дел од континуираните обвинувања на српските националистички територијални цели во Босна и во Косово. „Страдањето на Србите“ е вградено дури и во името на комисиите што ги основа Додик, со цел да се релативизира варварството во Сребреница, но и во Сараево.
Иронично, истите овие тврдења – за наводната српска виктимизација од страна на Бошњаците – ги користеа архитектите на геноцидот, Младиќ и Толимир, за да го рационализираат нападот и да ја прикријат неговата вистинска цел: да се ослободи Република Српска од муслиманското присуство во источна Босна. Повторувањето на истите овие тврдења од страна на Додик, зборуваат за неговите територијални цели во Босна.
Контроверзната идеја за „замена на териториите“ меѓу Косово и Србија (шифра за поделба) како дел од конечниот договор за нормализација на односите, е уште еден нуспроизвод на погрешниот наратив на Србија за виктимизацијата.
Оваа недела, Вучиќ, како главен аргумент за поделбата на Косово, го наведе овој наратив: „Тие (противниците на поделбата) сакаа Србија да не добие ништо, засекогаш. Го барав тоа (територија од Косово) само затоа што толку многу Срби страдаа“.
Српскиот претседател ги игнорираше решителните напори на САД и на ЕУ, да се погрижат српските жртви на воените злосторства да постигнат правда по судски пат, а не преку размена на територии. Истата недела, пратениците поврзани со партијата на Вучиќ, го напуштија косовското собрание кога на жртвите од Сребреница им беше оддадена почит со минута молчење, а највисокиот претставник на Косово, претседателот Хашим Тачи, беше четири дена сослушуван од обвинителите на Специјалниот суд во Хаг, создаден од Вашингтон и Брисел. Тачи е обвинет, меѓу другото, за неговата улога во повеќе од 100 убиства, вклучително и на косовски Срби.
Осцилациите на движењето помеѓу повременото каење и, малку повеќе зачестената ревизија на минатото, исто така, ја обликуваат и ја отсликуваат стратешката амбивалентност на Србија. Вучиќ инсистира на тоа дека Србија ќе продолжи да ги балансира своите врски меѓу Истокот и Западот. Но, како што Вучиќ стануваше сѐ поавторитативен и се повеќе ја отфрлаше српската одговорност за насилниот начин на кој се распадна Југославија, тој баланс остро свртуваше кон Русија и Кина. Не е изненадувачки што Русија сè уште стои на патот на резолуцијата на ООН, за осуда на геноцидот во Сребреница.
Накратко, намерното искривување на минатото, е сериозна пречка за стабилноста. Покрај осудата, најважниот чекор што може да се преземе за борба против искривувањето на минатото, е силно, постојано и јавно оспорување на релативизацијата и ревизионизмот.
Голем дел од ова произлегува од наводите кои, за време на војната, Младиќ и неговиот персонал, постојано им го кажуваа на моите колеги од ООН, за бошњачки напади врз соседните српски села надвор од „безбедносните области“ на ООН – Сребреница и Жепа. Според истражувачкиот извештај на ООН, кој главно се засноваше на современо известување на мировната мисија на УНПРОФОР, овие тврдења беа многу погрешни.
По договорот направен со посредство на ООН во април-мај 1993 година, „воената состојба околу Сребреница беше во голема мерка мирна“. Сопствената воена проценка на ООН – поддржана и од српскиот преговарач – беше дека слабата, слабо обучена и вооружена бошњачка армија во енклавата, „не претставува значајна воена закана“.
Најинкриминирачко нешто за ревизионистите е тоа што Србите одбија да му дозволат на холандскиот баталјон на ООН во Сребреница, да ги испита српските наводи за нападите на Бошњаците. Што се однесува до страдањата, извештајот на ООН ги опиша долгорочните задушувања, лишувања и опасности на кои силите на босанските Срби, со години ги изложуваа жителите на Сребреница и на Жепа.
Ревизорските комисии на Додик ќе треба да објаснат како наводните напади на Бошњаците, по април 1993 година, изостанаа од извештаите на апаратот на ООН, кои не само што беа подготвени, туку беа и желни да ги пријават. Политичката мисија на УНПРОФОР често ги минимизираше српските злосторства, а ги зголемуваше бошњачките, за да ги одбијат американските барања за воздушни напади на НАТО.
Друга критична област што треба да се оспори е величењето на воените злосторници како Младиќ и политичкиот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ. Рехабилитацијата на овие омразени ликови е вежба за самодемонизација на српските лидери како Додик.
Целата идеја за судовите за воени злосторства е да се индивидуализира вината за злосторствата извршени во име на Србите, од страна на српските сили, но не и од „Србите“. За разлика од, можеби Додик, бев сведок на генералот Младиќ, генералот Толимир и другите високи припадници на ВРС во Жепа и знам дека нивната приказна тешко може да биде чесна.
Приказната за тоа што се случи во Жепа ја отсликува реалноста на војната, во која едната страна уживаше повеќе предности, а другата трпеше повеќе суровости.
Аналите на Хашкиот трибунал се исполнети со доследни, сликовити сведоштва – вклучително и од самите извршители – за ужасите извршени во Сребреница и за присилното пропаѓање на Жепа, кои заедно го претставуваат геноцидот во источна Босна.
Оние што ја негираат оваа реалност, само ја продолжуваат болката на бошњачките жртви и го зголемуваат товарот на српскиот народ, кој, со каква слика ќе произлезе од југословенските војни, ќе зависи од конечното прифаќање на вистината.
Едвард П. Џозеф дванаесет години работеше на Балканот, вклучително и шест години во Босна и Херцеговина, од кои три за време на војната. Тој денес предава управување со конфликтите во Школата за напредни меѓународни студии Hopон Хопкинс.
Ставовите изразени во овој текст се ставови на авторите и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.