Регион

Ратко Младиќ: „Моето здравје се влошува“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Ратко Младиќ во судница. Фото: МКТЈ

На статуснатa конференција што се одржа денеска во ММКТ, Младиќ истакна дека извештајот на медицинскиот персонал на притворската единица на ООН, ја потценил сериозноста на неговите здравствени проблеми.

„Медицинскиот персонал на притворската единица може да напише што сака, но тоа нема никаква врска со реалната состојба, ниту пак може да зборува во мое име. Сакам да истакнам дека мојата здравствена состојба е многу лоша и се влошува уште повеќе“, рече Младиќ.

Тој посочи дека извештаите на лекарите од притворската единица „содржат дезинформации и го претставуваат неговото здравје подобро отколку што тоа навистина е“.

Тој истакна дека забележал оти не може да се концентрира и дека неговиот говор е отежнат.

Минатата недела, ММКТ соопшти дека жалбите на одбраната и на обвинителството на првостепената пресуда на Младиќ, со која тој, во 2017 година, беше прогласен за виновен за геноцид и други воени злосторства, ќе бидат презентирани на 25 и 26 август.

Сепак, одбраната на Младиќ денеска побара жалбите на пресудата да бидат изложени по негова медицинска проценка, и изрази загриженост поради неговата анемија и влошувањето на менталната состојба.

„Нема сомнение дека доживеал пад на менталните и когнитивните способности“, изјави адвокатот на Младиќ, Драган Иветиќ.

Младиќ (77) за време на притворот во Холандија имаше сериозни здравствени проблеми, претрпе два мозочни удари и еден срцев. Неговата одбрана во неколку наврати побара тој да биде хоспитализиран, тврдејќи дека неговата здравствена состојба се влошува.

Во ноември 2017 година, ММКТ го прогласи Младиќ за виновен за геноцид во Сребреница во 1995 година, за прогон на Бошњаците и Хрватите ширум БиХ, за тероризирање на граѓаните на Сараево и за земање на членови на УНПРОФОР како заложници, и го осуди на казна доживотен затвор.

Младиќ ја обжали пресудата, но и хашкото обвинителство го стори истото, барајќи тој да биде прогласен за виновен за геноцид извршен во други шест општини во 1992 година.

Рочиштето прво беше закажано за март оваа година, но подоцна беше  одложено, бидејќи Младиќ замина на операција и беше презакажано за јуни.

Но, во јуни повторно беше одложено, бидејќи некои судии не можеа да дојдат во Хаг поради мерките за забрана за патување, наметнати како резултат на пандемијата на корона вирусот.

Датумот на изрекувањето на конечната пресуда сè уште не е утврден, но претседателот на ММКТ, Кармел Агиус, најави дека тоа ќе биде одложено за следната година.