Анализи

Парите за заштита од ХИВ, за 2026 сѐ уште неизвесни

Се откриваат десетици нови ХИВ случаи годишно додека буџетот останува ист

Превенцијата клучна за ставање крај на ХИВ епидемијата

Фотографија од Атанас Аврамов од „Заедно посилни“, здружение кое спроведува програми за превенција и заштита од ХИВ

„Тапкаме во место кога е во прашање дијагностицирањето и таму имаме околу 73 отсто покриеност“, објасни Аврамов | Фото: БИРН

На ХИВ може да биде изложена личност, без разлика на род или сексуална ориентација, која има незаштитен сексуален однос или на друг начин се изложи на специфични телесни течности од лице што веќе е заболено од ХИВ, а нема потиснат вирус со помош на антиретровирусна терапија.

Сепак, експертите велат дека инфекциите се најмногу концентрирани во неколку популации: мажи што имаат секс со мажи, лица што инјектираат дроги и сексуални работници/чки.

Превенцијата вклучува повеќе компоненти и активности од страна на здруженијата што работат со трите клучни популации и на други луѓе на кои им се потребни вакви услуги.

Тие спроведуваат редовно тестирање, делење кондоми, лубриканти и стерилни сетови за инјектирање, но и едукација и советување.

Иако експертите ја сметаат превенцијата за една од клучните компоненти во борбата против ХИВ, буџетот за превенција во нашава земја континуирано се намалува.

„Средствата за превенција, во последниве години се планирани во согласност со реалните потреби и динамиката на спроведување на активностите“, објаснуваат од Министерството за здравство за БИРН, потенцирајќи дека доделените средства биле доволни за теренските активности, тестирање и советување.

Сепак, со ова ниво на превентивни мерки, Македонија заостанува кога е во прашање постигнување на таканаречената 95-95-95 цел до 2030 година поставена од Обединетите нации (ОН).

Целта подразбира 95 отсто од вкупниот број на луѓето што живеат со ХИВ да бидат дијагностицирани, 95 отсто од дијагностицираните да почнат со антиретровирусна терапија и 95 отсто од лицата што почнале со терапија, да имаат супримирано ниво на вирусот, со тоа што не би можеле веќе да го пренесат на други луѓе.

Аврамов од „Заедно посилни“ вели дека како земја сме одлични во вториот и во третиот столб – таму бројките се движат над 95 отсто.

„Практично не постои лице што е дијагностицирано, а да не добие третман. Меѓутоа, тапкаме во место кога е во прашање дијагностицирањето и таму имаме околу 73 отсто покриеност“, објасни тој.

Односно, според експертските проценки, речиси 30 отсто од луѓето што имаат ХИВ во Македонија, не го знаат својот ХИВ позитивен статус. Тоа значи дека тие луѓе може понатаму да го пренесат вирусот едноставно бидејќи не знаат дека се носители.

„Годишно се дијагностицираат околу 45 случаи, а целта треба да ни биде околу 70 за да се стави крај на епидемијата“, објасни Аврамов од „Заедно посилни.“

Но, за да се постигне таа цел, граѓанските здруженија сметаат дека е потребно поголемо вложување во таргетираното тестирање на клучните популации.

Впрочем, во програмата за заштита на населението од ХИВ за 2024 година, изработена од Министерството за здравство, се нотира дека луѓето што се свесни за својот позитивен ХИВ статус во Македонија е под глобалниот просек за истата година.

Затоа од Министерството сметаат дека е потребно „дополнително интензивирање на активностите за тестирање, особено кај клучните популации, зголемени напори за подигнување на свесноста за ХИВ, особено во популацијата на мажи што имаат секс со мажи и воведување нови пристапи на превенција.“

Граѓанските здруженија, како „Заедно посилни“ и „ХЕРА“, кои нудат бесплатни ХИВ тестови и други превентивни активности, сметаат дека превенцијата е економски исплатлива стратегија на долг рок.

Односно, сметаат дека ако не се инвестира во превенција, ќе има сѐ поголем број луѓе што не си го знаат својот ХИВ статус, а токму тоа ја одржува епидемијата.

„Превенцијата не е трошок, туку инвестирање во здрава иднина и помалку трошоци за терапија во иднина“, вели Оливера Стојковска, програмска раководителка во ХЕРА.

А луѓето што се на терапија, доколку немаат други сериозни здравствени проблеми, се и работоспособни.

Моментално, при неадекватно ниво на превенција, трошоците за терапија растат со бројот на новозаболени од ХИВ: на пример, во 2019 година, за терапија се потрошиле 640.000 евра, веќе во 2023 година, таа сума е зголемена на 1,1 милион евра, а во 2026 година ќе бидат потребни 1,6 милион евра.

Стигмата сѐ уште пречка

Фотографија од Оливера Стојковска од ХЕРА каде има бесплатни ХИВ тестови со цел поголема заштита од ХИВ кај клучните популации

„Откриваме еден ХИВ-случај на 150 тестирања“, објасни Стојковска | Фото: БИРН

Во пресрет на Меѓународниот ден на борбата против ХИВ, први декември, граѓанската организација „ХЕРА“ промовира бесплатно и анонимно ХИВ тестирање од 17 до 21 ноември.

Стојковска од „ХЕРА“ вели дека стигмата за ХИВ дијагнозата постои и денес. Па, затоа клиентите често доаѓаат кај нив исплашени од добивањето позитивен тест.

„Најголемиот проблем тука лежи во образованието, каде што речиси и да нема најнови информации за тоа како сега со ХИВ може да се живее долг и квалитетен живот, дека има ефективна антиретровирусна терапија и дека лицето што има недетектибилен вирус, не може да пренесе понатаму“, кажа таа.

Кога се зголемува бројот на дијагностицирани пациенти што се ставени на терапија, се намалуваат и изворите од каде што ново лице би можело да се зарази од ХИВ.

Тестовите се брзи и прецизни, наликуваат на домашните тестови што често се правеа за време на ковид-пандемијата. Се зема примерок од плунка и резултатот се добива за околу 20 минути.

Треба да поминат 3 месеци од ризичниот однос за резултатот да биде прецизен.

Доколку клиентот добие позитивен резултат, тој веднаш се поврзува со здравствениот систем и се става на соодветна антиретровирусна терапија.

Освен во здруженијата, илјадници ХИВ-тестови се прават и во државните и во приватните здравствени установи, како на пример пред операции.

Но, овие тестирања не се таргетирани, односно не се прават на популации што се изложени на поголем ризик. Затоа, велат од здруженијата, тие откриваат повеќе ХИВ-случаи иако квантитативно прават помалку тестови.

„Откриваме еден ХИВ-случај на 150 тестирања за разлика од државните и приватните здравствени установи каде што се открива еден случај на 1.150 тестирања“, објасни Стојковска.

Друг проблем со кој се соочуваат ХИВ пациентите е стигмата од самите здравствени работници поради нивната дијагноза. Се случувало лекари да го дознаат нивниот ХИВ статус од медицинското досие на пациентот и потоа тој да биде откриен пред други пациенти.

Имало случаи и каде што ХИВ-пациенти биле одбиени за одредени услуги.

Поради ваквите искуства, често клиенти од клучните популации преферираат да се тестираат кај граѓанските здруженија, каде што знаат дека може анонимно да се тестираат и да добијат сензибилизирано советување.

„Здруженијата, кои долго време работат превентивни програми, имаат воспоставено врски со заедниците, кои ги поддржуваат. Затоа заедниците едноставно повеќе им веруваат и одат токму во тие здруженија за тестирање, советување и за други услуги“, заклучи Аврамов.