Репортажи

Партиски собири што „глумат“ митинзи

Репортажа од митинзите на двете најголеми партии

На десетина дена пред локалните избори, Скопје доби поинакви изглед и динамика. На плакатите, кандидатите веќе се обезглавени или пречкртани, по ѕидовите никнуваат неинвентивните графити со името на кандидатот и бројот на гласачкото ливче. Меѓу зградите локалните политичари ги собираат мештаните и од речиси сите паркчиња и од најмалите плоштади ечи по некој партиски мини-митинг.

Атмосферата личи на јануарската вечер кога се дочекува Бадник околу огнови, има купчиња луѓе на секој ќош.

„Добра вечер, победнички Аеродром!“, зарипнатиот глас на премиерот Зоран Заев се одбиваше од станбените блокови во скопски Мичурин.

Неговата партија, во вторникот ги собра поддржувачите и љубопитните граѓани во новиот парк под железничката станица, каде што географски почнува Општина Аеродром.

Препукување и преку билборди | Фото: БИРН

Судејќи според овој собир, митинзите на СДСМ ја попримиле камерната атмосфера на салонските владини настани и тој впечаток не го промени ниту стиснатата тупаница на Заев, со која ги поздрави аеродромци.

Под столбовите на железничката станица, од рефлекторите блештеше чисто неонско светло, а пред митингот од партиските звучници излегуваше безличен лифт-џез, ненаметлива и лежерна музика.

„Аеродром ‘спие’. Имаше повеќе луѓе во Виница и во Штип“, беше процената што си ја споделија митинг-организаторите зад сцената.

Сепак, дојдоа многу повеќе луѓе од бројот на белите столчиња што беа поставени на растојание според ковид-мерките. Во публиката немаше транспаренти, ниту партиски знамиња, единствено мал дел од присутните носеа KN95-маски со слоганот „Цанде за Аеродром“. Тоа е прекарот на Александар Филиповски, кандидатот на СДСМ за градоначалник Аеродром.

Не светеше целосно зелениот неонски натпис во паркот – „Градот зелен пак ќе никне“. Без двата „изгаснати“ збора, натписот можеше да се прочита како политичка порака на актуелната власт: „Градот зелен никне“.

Непристојниот гест на Заев | Фото: YouTube на СДСМ

Собирот стана митинг во моментот кога се појави премиерот Заев придружен од актуелниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, аплауз и од партиската химна.

Од говорницата кандидатот за градоначалник на Аеродром, како по шаблон што се повторува кај речиси сите нив, потенцираше дека се родил и пораснал во оваа скопска населба. Партиските младинци го поздравија говорот со запалени факели в раце, во обид да се подигне атмосферата.

Тремата му го „гризеше“ говорот, што не беше случај кај градоначалникот Шилегов. Тој без да чита зборуваше за изграденото, сработеното и за она што ќе се доасфалтира, за велопатеките и за разните субвенции што следат и за, според него, нереалните ветувања на противкандидатите.

Делот за криминалот на претходниците, НАТО и за пописот беше оставен за премиерот.

Сѐ течеше во насока и овој партиски собир бргу да биде заборавен, да се стопи меѓу стотиците настани и пораки што деновиве ги добиваме од сите страни, но Заев се погрижи да се зборува за митингот во Аеродром и во следните неколку дена.

Во жарот на говорот, упатувајќи им порака на противниците од ВМРО-ДПМНЕ, премиерот направи непристоен гест со рацете, потег кој кога би се обиделе да го преточиме во порака би звучел:

„Еве на ..!“.

Шпалир и препознатлива иконографија

Факелите се честа слика на митинзите | Фото: Фејсбук профил на Христијан Мицкоски

Собирите на ВМРО-ДПМНЕ ја немаат масовноста од времето на експремиерот Никола Груевски, веројатно удел во тоа има и пандемијата, меѓутоа другите одлики се тука.

За оние како нас што не знаеја каде е Домот на културата во Општина Илинден, собирното место на ВМРО, за ориентација послужија патриотските рефрени што доаѓаа од партиската бина.

„Земјо македонска“, „Проклети биле шпиони“ и „Исправи се Македонијо“, се некои од стиховите што ја загреваа атмосферата во Илинден, во средата вечер. 

На скверот пред домот нè пречека вообичаената иконографија.

Пензионери во црвени баретки мавтаа знамиња со вергина, имаше момче во блуза со ликот на Гоце Делчев и негови другари во црвени маички потпишани со името на кандидатот. Од автомобилите што доаѓаа се слушаа сирени и се вееја државни знамиња, а ги имаше и партиските двобојки со лавче.

Новина беше тоа што на пунктовите за промотивен материјал, освен тефтерчиња, запалки и бејзбол-капи, бесплатно се нудеа гел за дезинфекција, маски и мирисен украс за автомобил – брендирани во дизајнот на кампањата „Создади нова иднина“.

На лицата на присутните цело време се менуваа боите од виножитото што доаѓаа од невообичаеното надворешно осветлување на Домот на културата.

Лидерот Христијан Мицкоски беше дочекан со шпалир и со тупотот на партиската химна со едноставен рефрен:

„ВММ-Р-ОООО, ВММ-Р-ОООО“.

Возбудените симпатизери сето тоа внимателно го „стримаа“ со телефоните на својот фејсбук-профил.

Прв зборуваше кандидатот за градоначалник, Александар Георгиевски.

Тој се претстави како семеен човек, верник и патриот, а потоа ги нареди комуналните ветувања, од паркови, па сè до нови кружни текови. Се запалија и факелите во црвена и во жолта комбинација.

Шоуто дефинитивно го „украде“ партискиот претседател Мицкоски. Него драматично го најави актерката и активистка на ВМРО-ДПМНЕ, Јелена Жугиќ, како „човекот кој е на браникот на Македонија и на македонизмот“.

Мицкоски зборуваше повеќе од половина час. Мотивиран од непристојниот гест на Заев, ги повторуваше сите гафови што сме ги чуле од премиерот. Најмногу време посвети на несреќата во Тетово, а реакција од публиката добиваше само кога го спомнуваше името на Заев.

„Нека се врати во Муртино!“

Со општината од 2005 година управува градоначалникот Жика Стојановски, кој во минатото беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, тој на овие избори ќе се натпреварува како независен.

Мицкоски не му верува, тој вчера на илинденци им порача дека Стојановски е вториот и неофицијален кандидат на СДСМ.

„Тој е изборот на Љупчо Николовски и на Оливер Спасовски.“

Кампањата од денеска влегува во својата втора половина.