Регион

Партизанските гробишта во Мостар оставени на забот на времето

Партизанските гробишта во Мостар, каде што се закопани антифашистичките борци од Втората светска војна, пропаѓаат. Тие станаа жртва на промената на ставовите во 90-тите години.

Пишува: Свен Милекиќ, Мостар

[cincopa AQEA4Bu9IEsE]

„Партизанските гробишта? Да, комунистите тука доаѓаат кога ја одбележуваат годишнината … заборавив во кој месец беше. Туристи? Некои доаѓаат, не многу, но некои доаѓаат“, вели еден келнер во кафуле во центарот на Мостар, кое се наоѓа од спротивната страна на големиот споменик, подигнат во чест на паднатите борци од Втората светска војна.

Кога вели комунистите, тој мисли на Здружението на антифашисти, кое на ова место го одбележува ослободувањето на Мостар, денот кога партизаните, на 14 февруари 1945 година, влегле во градот, откако германските и други профашистички сили се повлекле. Комеморации се одржуваат и за други важни датуми.

Скриени во вегетацијата, без знаци на улицата кои упатуваа каде тие се наоѓаат, овие гробишта сe напуштени. Во близина на ова место, понекогаш можат да се забележат туристи, кои се обидуваат преку апликации за навигација и карти, да ја најдат нивната локација, бидејќи не можат да ги најдат на самото место.

Масивната конструкција, со околу 300 метри долгата поплочена патека, која се протега угору по ридот во висина од 20 метри, е изградена во 1965 година. Автор е познатиот српски архитект, Богдан Богдановиќ, познат по своите многубројни споменици посветени на партизаните и на фашистичките жртви. Еден од позначајните негови споменици е споменикот “Камен цвет”, изграден во знак на сеќавање на жртвите од хрватскиот усташки концентрационен логор, Јасеновац.

Замисленo како “акронекропола” (град на мртвите), Богдановиќ го изградил оваа спомен-обележје како последно почивалиште за 560 партизани од Мостар, каде секој од нив има надгробен споменик на кој се врежаnи местото и годината на раѓање и годината на смртта.

Овој споменик го граделе вештите раце на каменорезачите од хрватскиот остров Корчула, кои на неговата изградба работеле неколку години, при што вградиле 12.000 парчиња варовнички камен, делови од урнатини кои останале по уништувањето на градот за време на Втората светска војна, како и традиционален рециклирани камен кој бил користен за покривање на куќите во Мостар.

Патеката меѓу серпентините и две скалила, ве водат до првата голема платформа од која се протега поглед на градот. Од неа, по скалите покрај ѕидот може да се искачите до уште една платформа, помала од првата, на која е поставена фонтана и централното архитектонско дело “космолошки сончев часовник”.

„Партизанската некропола беше Мостар во мало, реплика на градот на Неретва”, пишува Богдановиќ во својот текст „Мостарскиот град на мртвите и Мостар – мртов град”, објавен во 1997 година.

Сепак, војната во 90-тите години, во која беше разурнат градот, во конфликтите меѓу Хрватите и Бошњаците, како и Југословенската народна армија (ЈНА), целосно го смени односот кон овој споменик и кон антифашистичкото наследство на поранешна Југославија како целина.

Освен што нема патокази кон неговата локација, споменикот е оставен на (најверојатно) адолесценти кои го вандализираат ова место, цртајќи по него свастики и усташки ознаки, конфронтирајќи се, преку графити, со нивните идеолошки ‘непријатели’, комунистите.

Додека поголемиот дел од нацистичките симболи е пребоен со друга боја, што е најверојатно дело на антифашистичките групи, графитите не се отстранети.

Местото е преполно со пластични и стаклени шишиња и друг вид на отпад, а споменикот е обраснат со вегетација, која делумно го уништила. Уништени се и дел од надгробните споменици, некои се искршени на парчиња, а и фонтаната веќе не е во функција.

Експлозии во мракот

Драган Марковина е историчар роден во Мостар, кој од војната во 90-тите години, па наваму, живее во Хрватска. Во 2014 година ја објавил книгата „Помеѓу црвеното и црното – Сплит и Мостар во културата на сеќавање”, која говори како културата на сеќавањето, од 90-тите години, од антифашистичка и социјалистичка ориентација, се сменила во насока на минимизирање, па дури и глорификација на злосторствата извршени од профашистичкото усташко движење.

Марковина се сеќава дека првиот чин на уништување на споменикот е извршен со експлозив, ноќта помеѓу 13-ти и 14-ти февруари 1992 година, пред последната предвоена комеморација на ова место и пред целата територија на Босна и Херцеговина да биде зафатена со војна.

„Беа активирани неколку експлозиви, при што беа оштетени неколку камени плочи … најверојатно тоа беше порака упатена кон луѓето кои следниот ден планираа да одржат комеморација, дека комеморативните собири на ова место се завршени”, вели Марковина за БИРН.

Пораката беше примена. Преовладал стравот и само околу 50 луѓе се појавиле на комеморацијата.

„Можеме да кажеме дека, симболично, гробиштата се првиот објект на вооружен напад во Мостар”, вели Марковина.

Католичката црква често го спомнува военото злосторство што за време на ослободувањето на Мостар на 14 февруари 1945 било извршено, кога партизаните убиле седум свештеници од локалната црква. Нивните тела никогаш не се пронајдени и никој не е осуден за овие убиства.

Сепак, Марковина ги опишува како „митолошки приказни” тврдењата дека претежно потомците на членовите на поразеното усташко движење, ги вандализираат гробиштата.

Нагласува дека многу мостарци му се приклучиле на антифашистичкото движење. Од 18.000 жители на градот пред Втората светска војна, околу 6.000 биле во редовите на партизаните, од кои за време на војната загинале над 750. Антифашистичкото движење беше многу посилна од усташите во градот, вели тој.

Молк во Мостар

Граѓаните на Мостар, на прашањето на БИРН за споменикот, го избегнуваат одговорот, велејќи дека не се заинтересирани. Тоа што во близина се наоѓаат универзитетскиот кампус и градскиот фудбалски стадион, зборува дека покрај гробиштата поминуваат многу млади луѓе, кои, се чини, дека или не го приметуваат или не му обрнуваат внимание.

Марковина истакнува дека културата на сеќавање е целосно променета, сузбивајќи го сеќавањето на партизанските гробишта кои помладата генерација ги смета за споменик на антифашизмот и комунизмот. Овој историски ревизионизам во овој национално поделен град, доаѓа главно од хрватската страна, додава тој.

Во западен Мостар, каде што претежно живеат Хрвати, сите имиња на улиците, плоштадите и на парковите се сменети. Довчерашните називи на овие објекти, кои носеле имиња на познати личности од времето на социјализмот, на антифашистички борци и на воени единици, денес носат имињата на средновековни хрватски кралеви, но и усташки личности, како што е Миле Будак.

„Денес имате целосно нова генерација на млади луѓе, со сосема поинаков став за настаните од Втората светска војна. Поголемиот дел од помладата генерација како деца е дојден во Мостар, или се родени тука за време и по војната во 90-тите години, но родителите им се од некаде дојдени. Затоа, голем дел од овие луѓе немаат близок однос со оној Мостар од пред војната во 90-тите“, вели Марковина.

„Една од најтрагичните работи во целата приказна е што зградата на Катедрата по историја на уметноста во кампусот, е буквално на 100 метри од гробиштата а … професорите од Катедрата никогаш не зборувале за она што може да се види од прозорецот, кое е светско културно наследство”, вели тој со горчина во гласот.

Иако Здружението на антифашисти и борци од Народноослободителната војна (НОБ) од Мостар, во 2006 година предложи, партизанските гробишта да станат национален споменик, кој ќе се стави под заштита на државата, тој и натаму е оставен на забот на времето.

Марковина вели дека со ставањето на листата на национални споменици, гробиштата ќе бидат спасени само од физичко отстранување.

Закани за отстранување

Претседателот на Здружението на антифашисти и борци од НОБ, Сеад Ѓулиќ, ги обвинува федералните институции за игнорирање на овој споменик. Тој го вперува прстот во федералната министерка за култура и спорт, Зора Дујмовиќ, за која смета дека не работи на заштитата на споменикот.

„Во една пригода ни пиша дека е невозможно да се заштитат партизанските гробишта во Мостар, бидејќи не се во центарот на градот, како да не живееме во Мостар и како да не знаеме каде се гробиштата. Тие се наоѓаат во центарот на градот, што нејзината изјава ја прави уште посмешна“, вели тој за БИРН.

Ѓулиќ, чие здружение секоја година на 14 февруари организира комеморација на гробиштата, нагласува дека постојат дури и планови за нивно уривање, а на нивно место би се изградила некаква летна сцена за концерти и други настани.

Додава дека ниту Министерството за култура и спорт, ниту градот, не ги гледаат гробиштата со симпатија, бидејќи тие го претставуваат антифашизмот. За антифашисти се сметаат само комунистите, иако “многу од нив не биле комунисти”, додава тој.

„Партизанските гробишта им пречат, бидејќи … тие се антифашистички гробишта, бидејќи се гробишта на победничката војска во Втората светска војна, а доминантната политика во Мостар игра на страната на губитниците во оваа војна … славејќи ги усташите и идеологијата на (усташкиот лидер Анте) Павелиќ . Затоа е потребно да се уништи споменикот“, нагласува тој.

“Неговото уништување ќе служи за ‘прекројување’ на историјата и за прогласување на воените злосторници и негативци за хероите, светци и праведни луѓе”, додава тој.

Заклучува оти УНЕСКО и европските институции за културно наследство треба да реагираат, особено со оглед што „Европа го нагласува антифашизмот”.

Напуштени од сите

Богдановиќ, кој почина во 2010 година, беше сведок на уништувањето на Мостар и неговото главо обележје, Стариот мост, за време на последната војна, како и на игнорирањето на неговиот споменик.

Иако Богдановиќ симболично споменикот го гледал како начин на кој „мртвиот град Мостар” го гледа во очи “живиот град Мостар”, за кој тој загинал, по војната во 90-тите години, тој стана песимист.

„А сѐ што остана од моето првично ветување, е тоа дека некогашниот град на мртвите и некогашниот град на живите сепак се гледаат, но се гледаат со празни, црни, изгорени очи”, напиша Богдановиќ во својот текст „Мостарскиот град на мртвите и Мостар – мртов град” .

И покрај фактот дека постои мала шанса во блиска иднина партизанските гробишта да се средат, Марковина верува дека тие можат да имаат позитивна улога во длабоко поделениот град.

„Гробиштата може да бидат симбол на помирувањето во градот. Стариот мост, тоа повеќе не може да биде, бидејќи беше брутално уништен од една армија, а сега е речиси целосно (симболично) присвоен од Бошњаците од Стариот град“, вели тој.

„Од друга страна, гробиштата се напуштени од сите … а луѓето од сите националности кои загинаа, заедно се таму закопани”, заклучи тој.

Објавено и на Балканска транзициска правда.