Анализи

Партизирани институции не можат да ги контролираат партиските пари

Партиите се обвинуваат која е покорумпирана, но од граѓаните е сокриено како тие ги трошат народните пари | Фото: БИРН

Дали партиите ќе сакаат да ја зајакнат државата во доволна мера за таа да може подобро да ги контролира нивните пари? Ова е прашањето што го поставуваат дел од граѓанските и медиумските организации во земјава откако канцеларијата на Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите во Виена потврди дека препорачале политичките партии да бидат изземени од предлог-законот за пристап до информации од јавен карактер, со објаснување дека треба да се зајакне институционалната наместо граѓанската контрола врз партиското финансирање.  

Домашните експерти коментираат дека токму немањето доверба во институциите и ризикот од нивното потпаѓање под партиско влијание е причината зошто воопшто било предложено едно такво решение, за кое знаат дека ретко се среќава во меѓународната пракса.

Внесувањето на политичките партии на листата на субјекти што имаат обврска да одговараат на барања за пристап до информации од јавен карактер (за нив таа би важела само околу финансирањето, а не за другите аспекти на нивната работа) е една од трите најважни промени што ги носи новиот закон во споредба со стариот. Другите две се трансформирањето на комисијата за жалби во агенција и попрецизното дефинирање на јавниот интерес.

 Имаше стравувања меѓу дел од граѓанските организации што учествуваа во подготовката на законот дека дел од партиите од владејачката коалиција и од опозицијата би се обиделе да ја отфрлат оваа одредба, но тие останаа изненадени кога основа за тоа даде токму претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите.

Во објаснувањето од ОБСЕ се вели дека оваа препорака (инаку една од вкупно пет што ги дале по барање на Министерството за правда) воопшто не значи залагање за помала транспарентност и дека тоа не треба да се користи како оправдување за избегнување на транспарентностa.

„ОБСЕ во целост ги поддржува правата на граѓаните да знаат како се трошат јавните средства, вклучувајќи ги јавните финансирања на политичките партии. Меѓутоа, стандардната меѓународна пракса е да се реши ова прашање преку други закони, како што е Законот за финансирање на политичките партии и Законот за спречување на корупцијата, а не преку законите за пристап до јавни информации, кои главно се наменети за поддршка на правото на граѓаните за пристап до информации од јавните институции“, се вели во соопштението од ОБСЕ издадено по јавната расправа за законот што се одржа во Собранието.

Невообичаена е одредбата, но таква е и државата

ОБСЕ дало пет препораки за законот по барање на Министерството за правда | Фото: БИРН

Но, претставници на граѓанските здруженија се сомневаат дека законот, без одредбата за политичките партии, би се користел токму во таа цел.

„Ние знаеме дека ова не е вообичаена пракса, но свесни сме и за спрегата во Република Северна Македонија меѓу политичките партии и државата, што доведе до заробена држава. Ако во препораката се вели дека партиите трошат јавни пари, зошто тогаш не се предвиди барем во некоја преодна фаза јавноста да има увид во нивното финансирање, додека не се донесат измени на Законот за финансирање на политичките партии или додека не се зајакнат капацитетите на Државната комисија за спречување на корупцијата, за што сите се залагаме? Нема пречки ова така да биде регулирано, затоа што сега никако не е регулирано“, вели Данче Данаиловска Бајдевска од Фондацијата Отворено Општество, која учествуваше во работната група за изработка на нацрт-законот.

Со сличен став е и в.д. претседателот на Самостојниот синдикат на новинарите, Ѕвездан Георгиевски, според кој, во ситуација кога партиски лидери како поглавици се среќаваат и решаваат за закони, односно носат одлуки кои директно влијаат врз животот на граѓаните, најмалку што треба е тие да бидат изложени на контрола која тие, на нивните средби, секогаш ја забораваат. Токму поради тоа, вели Георгиевски, ССНМ побара преку законот за пристап да се воведе механизам кој би му овозможил на граѓанското општество и на медиумите како негов дел, увид во нивната работа.

„Доколку препораките на ОБСЕ се искористат како алиби  и тоа го оневозможат, ќе се потврди впечатокот дека во високо политизирано општество со партизирани институции, состојбата на заробена држава ќе продолжи, а партиите ќе ја продолжат својата улога на параинституции во кои де факто е сконцентрирана целата моќ.“

„ССНМ очекува од владејачката партија да остане на зборот и да го исполни ветувањето за транспарентност и отчетност“, нагласува Георгиевски.

Финансиските нерегуларности се често идентификувани

Ревизорските извештаи за партиите се полни со забелешки за финансирањето | Фото: БИРН

„Зошто има отпор? Па, погледнете ги ревизорските извештаи за финансирањето на партиите и ќе видите зошто – за речиси секоја партија има некаква забелешка, а за некои од партиите забелешките се посериозни“, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

Објавените ревизорски извештаи го потврдуваат тоа. Во нив се наведени неподмирени обврски кон набавувачи (ГРОМ), нецелосна документација за фактурите и за објектите што биле користени во изборната кампања (БЕСА), нецелосни документи за сите трошоци и недоволно регулиран начин на уплаќање членарина (ДУИ, партијата за која беше обелоденето дека на директорите што ги назначила во јавните претпријатија им се одбиваат пари директно од платата за во партиската каса) итн.

Ревизорите за СДСМ нашле забелешки дека членарината се уплатува заеднички за повеќе членови, со што нема можност да се утврди дали некој член платил повеќе од законски дозволениот максимум од една просечна плата годишно. ВМРО-ДПМНЕ на ревизорите не им обезбедиле документи за побарувањата што ги имале од некое правно лице за аванси што ги дале во изминатите години.

Затоа Поповиќ вели дека го поддржува решението партиите да бидат обврзани да споделуваат информации со граѓаните, новинарите, невладините организации и со други баратели. Како што додава, еден од инструментите на борбата против корупцијата е зголемување на транспарентноста, но во ситуација кога има или нефункционални институции, или институции што закрепнуваат по подолготрајно „киднапирање“ од страна на криминалци, потребно е процесите да се отворени кон јавноста.

„Дотолку повеќе што сега ќе користат и зголемен обем на финансии од даноците на сите граѓани. Да повторам, клучното зошто мора да се отворени е бидејќи досега немало посериозен обид, освен СЈО, институциите да се занимаваат со финансирањето на политичките партии. Ако некој не може да врши, тогаш ни останува нам граѓаните да ја имаме таа улога“, смета Поповиќ.

Случајот „Талир“ е обидот на Специјалното обвинителство да докаже незаконско финансирање на една политичка партија, поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, за која истражителите и обвинителите од СЈО утврдиле дека за шест години на партиската сметка незаконски биле уплатени пет милиони евра.

Во интервју за БИРН од минатата година, обвинителката Ленче Ристоска, која го води овој предмет, рече дека е разочарана што, и покрај тоа што се случи промена на власта, не се разви дебата околу начинот на финансирање на политичките партии. Со тоа, како што вели таа, не се отвори прашањето како на долг рок земјата ќе се бори против корупцијата, ако не се спроведат реформи што ќе го таргетираат токму процесот на финансирањето, неговата транспарентност и инволвираните субјекти во него.

По завршувањето на јавната расправа, следен чекор во донесувањето на законот ќе биде неговото повторно разгледување од Комисијата за европски прашања и од Законодавно-правната комисија. На тие расправи ќе се знае дали некои пратеници ќе поднесат амандмани и дали со дел од нив ќе се бара партиите да бидат изземени од обврската, според препораката на ОБСЕ. Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, по крајот на расправата рече дека се очекуваат амандмани, но не појасни какви.