Регион

Жртвите на воено сексуално насилство во БиХ се борат за отштета

Во Босна и Херцеговина се донесени само три пресуди на државно ниво, во предмети во кои се судело за воени злосторства, со кои се наложува исплата на компензација за жртвите на сексуално насилство, но досега ниту една од нив не добила никакви пари.

Само три пресуди за сексулано насилство во војна, но ниту една компензација.

Судот на БиХ досега донел три пресуди за исплата на отштета, во предмети во кои се судело за сексуално насилство извршено за време на војната, но ниту една од жртвите досега не добила ништо од сторителите, дознава БИРН.

Против поранешниот припадник на Војската на Република Српска, ВРС, Славко Савиќ, кому судот му наложи на жртвата што ја силувал во сараевската населба Вогошќа, во 1993 година, да ѝ исплати 30.000 босански конвертибилни марки, КМ, (15.340 евра), поведена е извршна постапка.

Но, неговата одбрана тврди дека тој нема ниту имот, ниту приход за да може да ја плати оваа сума.

Адвокатката Неџла Шехиќ, најави иницирање на извршна постапка и против поранешните припадници на ВРС, Босиљко и Остоја Марковиќ, кои беа осудени за силување на 14-годишно девојче, извршено во Котор Варош во 1992 година.

Ним им е наложено, на нивната жртва да ѝ исплатат 26.500 КМ (13.550 евра), како отштета за страдањата што ѝ ги нанеле.

Но, Шехиќ додава дека не е јасно како жртвите ќе ги добијат парите, ако тие двајца немаат ниту пари, ниту имот.

Додава дека Уставниот суд на Босна и Херцеговина донел одлука според која средствата за отштета не можат да се наплатат ниту од страна на државата, ниту пак од ентитетите, туку само од директните сторители на делото.

Врз основа на оваа одлука, сите барања за компензација, во предметите во кои се суди за воени злосторства, упатени до државата или ентитетите, ќе се сметаат за застарени.

„Ова е погубно за жртвите на тортура, затоа што тие немаат начин кој ќе им гарантира исплата на средствата за отштета за нивните страдања“, вели таа.

Невладина организација ТРИАЛ Интернешнл, предложи, следниот чекор за плаќање на надоместок, доколку сторителот нема пари да го плати, да биде поведување на граѓанска постапка против државата или надлежниот ентитет.

„Во овие постапки не би бил оспоруван износот на надомест“, вели Адријана Ханушиќ-Бечировиќ, виш правен советник на ТРИАЛ Интернешнл.

„Овие постапки ќе се фокусираат на утврдувањето на одговорноста на државата или на надлежниот орган, за наплата на средствата“, вели таа.

Ханушиќ -Бечировиќ тврди дека во случаите кога со пресуда му се налага на сторителот да плати отштета, а сторителот нема пари, тогаш државата е должна да го изврши плаќањето.

„Меѓународните стандарди јасно предвидуваат ваква обврска“, вели таа.

Додава дека ТРИАЛ Интернешнл започнала граѓанска постапка против други девет осуденици за сексуално насилство во војната, на кои не им било наложено да платат отштета.

Шехиќ, која ги претставува жртвите пред судовите во Босна и Херцеговина, изјави дека пред ентитетските судови во тек се неколку судски процеси за воени злосторства, во врска со сексуалното насилство.

За БИРН вели дека во моментов застапува жртва во случај во кој обвинетиот потпишал спогодба пред Кантоналниот суд во Бихаќ и се согласил на жртвата да ѝ исплати надомест.

Во врска со овој проблем, БИРН контактираше со неколку кантонални и окружни судови во двата босански ентитета, од каде ни одговорија дека никогаш не биле во позиција да решаваат барања за надомест, во постапки за воени злосторства.

Претседателот на Окружниот суд во Добој, Душко Нинковиќ, вели дека причината за ова лежи во фактот оти жртвите често не поднесуваат „јасни и специфични“ барања за отштета.

Од Основниот суд на Дистриктот Брчко велат дека на жртвите им се советува да поведат граѓанска постапка, бидејќи решавањето на барањата за отштета во кривичната постапка, би ги забавило судењата за воени злосторства.

Во претходните години, Судот на БиХ даваше слично објаснување, но тој ги смени своите практики, под влијание на невладините организации.

Досега во кантоналните и окружните судови, само две жртви на сексуално насилство извршено за време на војната, успеале да добијат надомест од 25.000 евра.

Се работи за два случаи во кои е склучена спогодба меѓу обвинетиот и Кантоналното обвинителство во Бихаќ, во кои обвинетите им ја исплатите отштетата на своите жртви.