Стево Пендаровски, деновиве ги потроши првите шест месеци од петгодишниот мандат како шеф на државава. Под високиот свод на претседателскиот кабинет, тој веќе размислува што ќе им каже на пратениците во годишниот говор.
Во интервју за БИРН, тој вели дека говорот ќе ја отсликува амбицијата во неговиот мандат да се напушти праксата претседателот да биде доживуван како промотор и понекогаш како непринципиелен заштитник на партијата што го кандидирала.
„Мислам да бидам мост меѓу власта и опозицијата и да бидам политичка позиција поставена над партиите“, вели тој.
Се стекнува впечаток дека мостот за кој говори се темели врз две точки.
Првата е гласноста, без оглед на тоа чии интереси таа ќе загрози во одреден момент. Оваа намера ја открива и неговата прес-конференција за „Рекет“. Самиот вели дека со пресот изненадил многу луѓе, мислејќи повеќе на поединци од условно кажано неговиот политички кампус.
„Имам намера да се произнесувам за сите девијации во општеството и сосема небитно тоа кого ќе го заболи и колку.“
„Ќе се произнесувам за сите девијации во општеството и сосема небитно тоа кого ќе го заболи и колку.“
Пендаровски објаснува дека неговото излегување во јавност за „Рекет“ било со цел да се актуализира заборавениот институт – политичка одговорност за луѓето што биле спомнувани во медиумските написи за скандалот, но тие одбирале да молчат.
„Медиумите ги спомнуваа, а тие молчеа два-три месеци.“
Вториот крак на претпоставениот мост, Пендаровски се обидува да го потпре врз политичкиот опонент. На оваа тема засега е претпазлив оптимист.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и членовите на партиското раководство не беа на првиот состанок на Советот за безбедност и, како што раскажува претседателот, го игнорирале неговото барање за консултација околу важните амбасадорски места.
Сепак, Мицкоски дојде на лидерската средба по француското „не“, што за шефот на државата е добар знак.
„Комуникацијата оди со тешкотии. Не секоја иницијатива од моја страна се прифаќа, претпоставувам дека тие имаат свои и легитимни политички интереси, но факт е дека комуникацијата постои, иако не со оној интензитет со кој јас би сакал да биде“, вели Пендаровски и ѝ „признава“ на опозицијата дека „Во историјата на Македонија тие се прва опозиција која го признава претседателот, што е одличен потег“.
„Ни Глигоров не беше признаен од тогашното ВМРО“, вели тој, уверен дека и во случај на евентуална кохабитација по избори „ќе нема никаков проблем“.
Зад девијациите никогаш не стои само еден човек
Останувајќи доследен на намерата, како што вели „да излегува од своите надлежности“, Пендаровски ги коментира состојбите во правосудството.
За него тие се клучни од аспект на евроинтеграциите. Тој ја повтори својата запрепастеност, делејќи го зборот „запрепастен“ на слогови, од застарувањето на случајот за Груевски во „Траекторија“ и од бегството на поранешниот премиер.
Пендаровски е убеден дека би било наивно и премногу симплифицирано, вината за сите дефекти во општеството да се сведува на еден човек. Смета дека застарувањето покажува оти системски работите не се добро поставени или како што тој пластично објаснува:
„Не може само со еден човек да го застариш случајот! Повеќе луѓе и институции се инволвирани и јас не би го апострофирал само судијата, (не му го знам ниту името) кај кого конкретно застарел случајот.“
„Сите што се разбираат макар малку во правосудството, знаат дека како што застарува предмет, во кој се инволвирани многу луѓе, адвокати, судии, поротници, медиуми што следат, за да застари таков предмет, не треба да се договориш само со еден човек. Не може само со еден човек да го застариш случајот! Повеќе луѓе и институции се инволвирани и јас не би го апострофирал само судијата, (не му го знам ниту името) кај кого конкретно застарел случајот“, вели тој.
Пендаровски останува на ставот дека „системски работите не се добро поставени“ инсистирајќи исто така на тврдењето дека за бегството на Груевски не може да биде одговорен само еден човек.
„Не е само еден човек тој што пропуштил да забележи дека се организира бегството на Груевски. Нему, по законот што тој го донесе во свое време, дадени му се неколку инспектори да го чуваат. Само тука не е еден човек во различни смени.“
„Јас тврдам, повторувам, само еден човек не може да го организира бегството“, вели тој.
Макрон бара готова методологија во јануари
Се стекнува впечаток дека надворешната политика е ресор каде што Пендаровски како нов претседател треба да вложи најмалку напор. Тоа се должи на неговата експертиза како професор по меѓународна политика, но и практичното искуство во кабинетите на Борис Трајковски и Бранко Црвенковски и како координатор на земјава за НАТО.
В четврток и в петок, тој е во прва официјална посета на Белград, веќе се има сретнато со претседателот на Албанија, а први контакти се реализирани и со грчкиот колега. Во план му е средба со Хашим Тачи и со бугарскиот претседател Румен Радев.
„Мислам дека регионалната соработка е предуслов за која било друга поширока соработка.“
Вучиќ ќе го праша за преговорите со Косово.
„Наш интерес е таму да не се разговара за размена на луѓе, територии и на граници. Или ако тоа се разговара, да се добијат меѓународни гаранции дека нема да се менува другото во регионот.“
Останува на ставот дека идејата за мал Шенген не смее да биде замена за европските интеграции.
„Макрон ми рече – ние сакаме во наредниве месец до два да ја понудиме новата методологија, да добиеме инпут од другите земји-членки и да го усвоиме не подоцна од март.“
Претседателот, министрите и премиерот летоска беа категорични дека ќе добиеме датум за преговори со Европската унија и никој не ја спомнуваше Франција како евентуална пречка.
Стево Пендаровски смета дека лошата проценка се темели на тоа што владата и тој немале изворна информација од Елисејската палата. Во Франција директно претседателот се занимавал со проширувањето, а не Министерството за надворешни работи со кое македонската влада, сепак, имала контакти.
„Министер од друга земја-членка во неврзан муабет ми гарантираше дека Франција нема да блокира. Рече нема шанси.“
По неочекуваната француска блокада, минатата недела Пендаровски во Париз се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон.
Во меѓувреме, Франција изготви нон-пејпер во врска со новата методологија за проширувањето. А, претседателот вели дека македонската јавност пропушта да го види најважниот елемент од документот – дека Франција предлага новата методологија да биде усвоена во јануари, што имплицитно остава простор за оптимизам околу датумот до пролет.
„Макрон ми рече – ние сакаме во наредниве месец до два да го понудиме тоа, да добиеме инпут од другите земји-членки и да го усвоиме не подоцна од март“, вели тој оставајќи, сепак, резерва околу одлуките на другите земји-членки околу францускиот предлог.
Наследството на Иванов
Агенцијата за разузнавање е една од ретките институции што се под директна контрола на претседателот. Под водството на Иванов, таа беше контроверзна разузнавачка точка и се зборуваше за нејзини припадници вмешани во големите инциденти 27 април и Диво насеље.
Пендаровски се воздржува од шпекулации, иако е свесен за нив. Потсетува дека и за двата настани, припадници на агенцијата дале изјави во фаза на предистражна постапка и оти дел од тие луѓе си заминале, а дел сѐ уште се внатре. На оваа тема е нетипично воздржан и вели дека има постапки, но оти „ќе мора да почекаме, да видиме“.
Тој најавува нов закон, кој предвидува ветинг на вработените во агенцијата.
„Ветинг, во смисла дали соработуваат со странски разузнавачки служби, односно дали работат за туѓи интереси.“
Претходникот Ѓорге Иванов, во наследство му оставил и преполн кабинет, меѓу кои има и луѓе од доверба на Никола Груевски
За Диво насеље инсистира дека требаше да биде побарана меѓународна помош, во смисла на асистенција од Србија и од Косово. Според негови информации, странските држави имале поголема волја да соработуваат со судот во врска со Диво насеље, отколку, како што вели тој, нашиот претходен режим.
„Минатата власт немаше интерес да ги достави сите релевантни информации.“
Претходникот Ѓорге Иванов, во наследство му оставил и преполн кабинет, меѓу кои има и луѓе од доверба на Никола Груевски. Вработувања во кабинетот на Водно имало и по потпишувањето на Пржинскиот договор.
Пендаровски како соработник на Трајковски и Црвенковски се потсетува дека во различни периоди во претседателскиот кабинет имало до 37 вработени. Сега се 61.
„Многу е зголемен бројот на вработени, а буџетот е ист како пред пет години – милион и 150.000 евра.“