Три со три

Петровски: „Селебрајт” е премоќен за општества со историја на злоупотреби

Интервју со Андреј Петровски, директор на технологија во фондацијата SHARE

Израелски софтвер „Селебрајт“ (Cellebrite), кој Министерството за внатрешни работи неодамна го набави, може да ги извлече сите податоци од вашиот телефон, односно сѐ што имате во него. Оваа алатка ја имаат набавено многу држави и се користи, пред сѐ, за криминалистички истраги, а законски за тоа мора да има и судска наредба.

Ова не е првпат МВР да набави ваква алатка. Претходното раководство на Министерството, во 2022  година имало склучено спогодба со произведувачот на шведскиот софтвер МСАБ Иксреј (Мsab xry), кој е сличен на Селебрајт.

И за двата, пак, има наводи дека бил злоупотребуван. За шведскиот може да се најдат медиумски написи за тоа дека бил користен од кинеската влада за следење на демонстрантите во Хонг Конг.

За Селeбрајт, Амнести интернешнел и БИРН неодамна открија дека го користеле српските служби за отклучување на телефоните на студентите што организираа протести за загинатите од падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Имено, кога тие биле повикувани на информативни разговори, телефоните им биле запленети, па отклучени со Селебрајт, а потоа во нив бил инсталиран и друг софтвер за следење. По објавувањето на истражувањето израелската компанија во февруари годинава одлучи да ја стопира соработката со некои клиенти во Србија.

Андреј Петровски од фондацијата SHARE во Србија, чија цел е унапредување на човековите права и слободи во онлајн-просторот, во разговор за БИРН, предупредува и дека „недозволената и несоодветна употреба на овие алатки претставува сериозно прекршување на правото на приватност, заштитата на личните податоци и поврзаните права.“

БИРН: Господине Петровски, за што сѐ државите ги користат ваквите алатки?

Петровски: Овие алатки се користат за извлекување податоци од мобилни уреди, без да е неопходно уредот да биде отклучен, односно неговиот корисник да ја сподели својата лозинка за отклучување. Тие имаат делумно легитимна намена во форензички истраги, што вклучува обезбедување докази, односно нивна екстракција од уреди што се значајни за истраги на кривични дела. Меѓутоа, правно е јасно дефинирана рамката за употреба на вакви мерки во истражни и предистражни постапки и неопходен услов за тоа е постоењето судски налог.

Покрај оваа намена, сѐ почесто сме сведоци дека ваквите алатки се злоупотребуваат за насилно отклучување уреди и преземање податоци во ситуации кога се приведуваат активисти и новинари на информативен разговор од страна на полицијата или од безбедносните служби. Вакви примери имаме и во регионот, односно во Србија, каде што кај десетици активисти се утврдени вакви злоупотреби, односно незаконски преземања на податоци.

БИРН: Што се може да се направи со овие алатки и дали постојат начини како граѓаните да знаат дека се следени преку нив?

Петровски: Користењето на овие алатки подразбира хардверски и софтверски решенија, кои функционираат самостојно, односно Селебрајт како хардверско/софтверско решение се користи за „насилно“ отклучување на уредот и правење копии на сите податоци што се наоѓаат на него, но и овозможува инсталирање други софтвери, т.н. спајвер, кој може да го шпионира уредот на долг рок.

За да се користи Селебрајт, потребен е физички пристап, бидејќи телефонот се поврзува со специјализиран уред, кој може да наликува на таблет, и потоа, зависно од производителот и моделот на телефонот, се применуваат техники за искористување ранливости, со цел да се отклучи телефонот, односно да се пристапи до податоците што се зачувани во него.

Без детална форензичка анализа на уредот за пронаоѓање индикатори и траги од употреба на Селебрајт и слични производи, многу е тешко „со голо око“ да се утврди дали на телефонот бил користен некој од овие алатки, односно дали е заразен со спајвер.

БИРН:  Колку злоупотребата на овие алатки може лесно да помине под радарот на системите за контрола на тајните служби во државите на Балканот?

Петровски: Недозволената и несоодветна употреба на овие уреди претставува сериозно прекршување на правото на приватност, заштитата на личните податоци и поврзаните права, имајќи го предвид количеството податоци за нас, но и за други луѓе, што ги чуваме на мобилните телефони. Искуствата покажуваат дека има случаи на неовластена употреба на уредите кај луѓе, како новинари, кои не биле осомничени за никакви кривични дела.

Моќта на ваквите решенија е преголема за општества каде што владеењето на правото е ограничено, односно каде што граѓаните просто не веруваат дека полицијата и безбедносните служби би ги користеле овие алатки на законит начин. Имајќи ја предвид историјата на прислушување на политички опоненти, новинари и активисти во Северна Македонија, тешко е да се замисли сценарио во кое вакви алатки нема да бидат злоупотребени.

Искуствата од Србија и од други земји покажуваат дека дури и намерата за набавката да е целосно искрена и оправдана со фактичката безбедносна ситуација во земјата, употребата на ваквите алатки на крајот од денот има штетен ефект врз демократијата.