Обидот на ќерката од странство која сакала да му помогне на своето семејство во Македонија за да ја легализира диво изградената куќа, завршил со укинување на социјалната помош за ова семејство кое со двајца возрасни болни членови се бори со суровото секојдневие.
„Јас сум корисник на постојана парична помош. Кога се донесе Законот за легализација на дивоградби, сакавме да ја легализираме малата дивоградба во којашто живееме. Бидејќи моите родителите немаат примања, а јас сум корисник на социјална помош, парите за легализацијата ни ги прати преку ‘брз трансфер’ мојата ќерка која работи во странство. Веднаш потоа мојата парична помош беше стопирана. Моравме да најдеме начин за легализација, а сега останавме без социјалниот надоместок“, раскажува една скопјанка која освен што е одвоена од својата ќерка поради егзистенцијални причини, мора да се грижи и за двајцата болни родители.
Скопјанката, која побара да не ѝ го откриваме идентитетот, бидејќи сè уште се обидува да докаже преку институциите дека државата неправедно ја оставила на цедило, вели дека сега уште треба и да ги враќа парите што ги примала како социјална помош.
Од Министерството за труд и социјална политика објаснуваат дека „со Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош, воведена е измена со која е утврдено дека примени парични средства преку брзиот трансфер на пари во износ над 70.000 денари се сметаат за приход во постапката за остварување на правото“.
Овие нови правила стапија на сила во почетокот од 2015 година, по што Владата, преку надлежните институции, ја започна операцијата за контрола на примателите на социјална помош. За краток период, стотици корисници беа избришани од списоците во Тетово, Куманово, Кавадарци, Скопје и други градови. Само во Куманово, во првиот бран, правото на социјална или друг вид државна парична помош им беше укинато на околу 500 луѓе.
„Веднаш по стапувањето на сила, многу граѓани од Куманово ги преплавија нашите канцеларии и се жалеа дека го изгубиле правото на државна помош. Одредбата на Министерството почна да важи од јануари 2015 година, но според нашите Центри за социјална работа, оваа одлука има ретроградно дејство, бидејќи се жалеа и граѓани кои останаа без социјална помош поради тоа што примиле пари од странство во 2013 и 2014 година“, вели Ашмед Елезовски од Националниот ромски центар.
Како се намалува бројот на корисници на социјална помош – реално или вештачки?
Официјалните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на корисници на социјална парична помош од 2010 година до 2015 година e речиси преполовен, а намалувањето кулминираше на почетокот од 2015 година кога стапија на сила новите законски решенија со кои се заострија критериумите за достап до државна парична помош.
По раководните промени во Министерството за труд и социјална политика, новата министерка Фросина Ташевска Ременски од СДСМ најави дека ќе го отвори досието „корисници на социјална помош“ во пакет со тужбата што ја адресираше до нејзиниот претходник, Диме Спасов од ВМРО-ДПМНЕ.
Според податоците од ресорното министерство, 6.204 граѓани биле избришани од списокот на корисници на социјална помош во периодот 2014/15. Од нив, дури 2.203 луѓе го изгубиле правото на социјална помош поради примени пари од странство. Згора на тоа, тие треба да ги вратат сите пари примени во 2014 година или вкупно 422.000 евра. Во просек, секој треба да врати по околу 200 евра. Најмногу од нив се од Скопје, Куманово, Тетово и Гостивар.
Според податоците од ресорното министерство, 6.204 граѓани биле избришани од списокот на корисници на социјална помош во периодот 2014/15
Експертите велат дека намалувањето на бројот на корисници на социјална помош не е резултат на реално подобрување на економскиот статус на оваа ранлива категорија граѓани туку пред сè e резултат на административни мерки на Владата. Клучниот проблем, според аналитичарот Слободан Најдовски, лежи во погрешните критериуми за утврдување на правото за социјална помош.
„Очигледно е дека тоа се случува поради нерационалното користење на буџетот, односно поради тоа што парите за социјална помош се недоволни, Владата бара начини да го намали бројот на корисници. Затоа, безвреден движен или недвижен имот кој останал од времето кога социјалниот случај обезбедувал одредени средства може да биде причина за недобивање социјална помош. Значи, погрешни се критериумите за утврдување на правото на социјална помош. Кај нас висината на социјалната помош се одредува врз основа на средствата со кои се располага во буџетот, а не врз основа на потребите на луѓето на кои им треба социјална помош“, вели Најдовски.
Од Националниот ромски центар, кој со внимание ја следи правната основа за укинување на паричната помош, посочуваат дека според нивните анализи постојат многу нелогичности во укинувањето на социјалната помош.
„Имаше случаи во кои корисниците воопшто не добија решенија, а социјалната помош им беше укината. Добија само документ дека треба да ги вратат социјалните примања за две години наназад. Меѓу нив имаше корисници на кои со месеци им доцнеше исплатата на социјалната помош. Значи, постои манипулација во примена на законските регулативи. Целта им беше што повеќе да се намали бројот на корисници на социјална помош. Ние подготвивме многу жалби и ги поднесовме до ресорното министерство, но беа одбиени со потпис од тогашниот министер Диме Спасов со образложение дека се неосновани. Сега останува да го тужиме Министерството“, вели Елезовски.
За пет години – 6,4 милијади евра за социјала
Додека бројот на корисници на социјална помош се намалува, од година в година расте сумата на пари што завршува за поддршка на оваа група на социјално ранливи граѓани. И во 2016 година вкупните социјални трансфери се зголемени во однос на 2015 година и достигнаа рекордно највисоко ниво од 1,45 милијарди евра.
Имено, за пет години, државата преку ставката „социјални трансфери“ исплатила 6,42 милијарди евра, односно секоја година од 40% до 45% од буџетот завршуваат за оваа намена.
Во 2016 година вкупните социјални трансфери се зголемени во однос на 2015 година и достигнаа рекордно највисоко ниво од 1,45 милијарди евра
Ако се анализира текот на парите кои завршуваат директно како државна помош, податоците упатуваат на тоа дека и таа се зголемува на годишно ниво, заедно со сумите што Владата преку Министерството за труд и социјална политика ги исплаќа до државните фондови и до Агенцијата за вработување.
Така, само за последните пет години, вклучувајќи ја и 2016, за надоместоци и права од социјална помош (социјална заштита, детска заштита, борци и воени инвалиди, цивилни инвалиди и надоместоци за заштита на бегалци) се потрошени 566.726.859 евра. Само годинава, за надоместоци и права од социјална помош ќе се потрошат 132 милиони евра, што е највисока сума досега.
Рекордна сума од речиси 422 милиони евра, Министерството за труд и социјална политика годинава ќе им исплати и на фондовите и на Агенцијата за вработување, како дел од социјалните трансфери.
Трансферите се зголемуваат, стапката на сиромаштијата и натаму висока
Една петина од населението во земјава живее на прагот на сиромаштија
Додека ставката за социјални трансфери е во постојан пораст, податоците покажуваат дека сиромаштијата кај социјално ранливите категории на граѓани е најдлабока, но и најтешко се намалува.
Европската комисија, во последниот извештај за Македонија, нотираше дека и покрај владините социјални политики, сиромаштијата и натаму претставува сериозен проблем за Македонија. Според т.н. Лаекен индикатори за сиромаштија изработени според европските регулативи од Државниот завод за статистика, стапката на сиромаштија во 2014 година изнесува 22,1%, односно една петина од населението во земјава живее на прагот на сиромаштија.
Податоците покажуваат дека социјалните трансфери ја ублажуваат стапката на сиромаштија кај корисниците на социјална парична помош, но таа и натаму останува висока.
Овие бројки покажуваат дека од 2010 година до крајот на 2014 година сиромаштијата кај корисниците на социјална помош се намалила само за 5,2 процентни поени.
„Мислам дека намалувањето на сиромаштијата повеќе се должи на одредени методолошки објаснувања на начините на мерење на сиромаштија и репрезентативноста на примерокот врз основа на којшто се вршат овие пресметки, отколку што навистина можеме да кажеме дека има такво реално намалување на сиромаштијата. Имаме податок во статистиката кој покажува дека социјалните трансфери, со исклучок на пензиите, немаат голема ефективност. Ако се погледнат трансферите, можеме да кажеме дека пензиите влијаат врз намалување на сиромаштијата, а другите трансфери воопшто не влијаат или влијаат многу малку“, вели универзитетскиот професор Маја Геровска Митев.
Токму во изминатите години, Владата во неколку наврати ја зголемуваше социјалната помош, но и покрај годишниот раст, според аналитичарите, месечната сума што ја добиваат корисниците не може да ги задоволи ниту основните животни потреби.
„Социјалната помош се доделува на лица кои немаат никакви приходи и тие се во најнискиот слој кои немаат средства ни за преживување. Кај нас голем дел вработени, според платите кои им се исплатуваат, се под прагот на сиромаштија. Огромен дел вработени немаат плата ни половина од износот на кошничката на основни производи и потреби за живот. Сиромаштијата не се решава со социјална помош туку со економски развој и со отворање работни места во реалниот сектор кои ќе продуцираат раст на економијата и повисоки плати. Македонија нема социјална политика туку има залечување на раните и потиснување на проблемот на граѓаните кои се социјално загрозени. Тие се предмет на манипулација за остварување партиски цели во изборните циклуси, бидејќи социјалните случаи најлесно се манипулираат“, вели аналитичарот Најдовски.
Од невладините организации укажуваат дека и оваа сума што ја добиваат социјалните корисници е најниска во регионот, а парите што ги добиваат преку брз трансфер, кои се причина за укинување на социјална помош, најчесто ги користат за лекувања и за плаќање на долговите.
„Паричната социјална помош во земјава е најниска во регионот и пошироко. Таа сума е повеќе симболична, отколку што помага за живот. Со таа сума може само да се умре, а не да се живее; таа нема да ја намали сиромаштијата. Од друга страна, најголем процент на социјалните случаи што примиле пари од странство ги земале за лекување, подмирување на долговите, за погреби на блиски членови“, вели Елезовски.
Истрагата што ја најави Министерството за труд и социјална политика раководено од новата министерка Ременски треба да покаже дали државата правично и законски ја укина социјалната помош на илјадници семејства кои сега не само што останаа без овие месечни примања туку се и должници на истата држава, бидејќи ќе мора да ѝ го вратат тоа што таа им го дала како помош.