Партиите и коалициите учесници на предвремените избори за пратеници, кои се одржаа на јули 15 годинава, за време на кампањата закупиле рекламен простор на портали вреден вкупно 549.000 евра.
Ова го покажува истражувањето на БИРН што го направивме преку вкрстена анализа на изборните извештаи на партиите и на самите медиуми што ги објавуваат институциите надлежни за следење на изборниот процес.
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ наречена „Обнова на Македонија“ одвоилa убедливо најмногу за реклами на сајтови – 272.000 евра, по неа следи партијата ДУИ со 134.000 евра, додека трета е коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, со потрошени 69.500.
Значителна сума за пропаганда на сајтови од 30.000 евра потрошила и коалицијата Никогаш Северна, секогаш Македонија, предводена од партијата Единствена Македонија на Јанко Бачев.
Останатите учесници на изборите имале минимални буџети за интернет-рекламирање, меѓу 1.000 и 10.000 евра, додека коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива воопшто не се промовирала на портали.
Од овие 549.000 евра што ги фактурирале порталите за сите партии и коалиции, 475.000 или 86 проценти ќе ги плати државата, бидејќи толку вреди рекламниот простор што го закупиле партиите што учествуваа на изборите 2016 година – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците, ДПА и Левица.
Тие што не учествуваа на претходните избори, сами ќе си ги платат рекламите. Така предвидува Изборниот законик.
Државата почна да ги покрива изборните реклами на партиите во 2019 година, кога се гласаше за избор на претседател.
На тие избори, законот не ограничуваше колку одредена партија или коалиција смее да потроши рекламирајќи се во еден портал или во еден печатен медиум, но за овие избори се сменија правилата. Регулативата сега ја ограничува сумата на 15.000 евра без ДДВ или бруто 17.700 евра.
Вкупно 235 портали пријавија ценовници за изборни реклами, со што се квалификуваа за дел од предизборниот „колач“, но нашето истражување покажа дека само 95 портали учествувале во кампањата.
Анализата на досега објавените податоци покажува и дека партиите сѐ уште многу повеќе трошат пари на традиционалните медиуми отколку на презентација на интернет-портали.
Петтина од целиот буџет што партиите го потрошија за изборни реклами во медиуми, кој од досега објавените податоци изнесува околу два милиона и 700.000 евра, отпаѓа на реклами на сајтовите со информативна содржина.
Поголемиот дел, милион и 100.000 евра, партиите потрошиле рекламирајќи се на петте телевизии со национална концесија.
Кој, каде и за колку се рекламирал
Коалицијата „Можеме“, што ја предводеа владејачката партија СДСМ и движењето БЕСА, во предизборието се промовирала на 48 сајтови или порталски групации (неколку портали под „капата“ на една фирма), при што закупила рекламен простор во вкупна вредност од 69.500 евра.
Најголемиот, односно „најскапиот“ поединечен договор што „Можеме“ го потпишала со онлајн-медиум е оној со порталот „Независен“ на сума од 3.180 евра. Има уште неколку договори, чија висина се движи близу оваа граница, како договорите со „Либертас“ (2.870 евра), „Фокус МК“ (2.540) и со „Алсат-М МК“ (2.500 евра), додека останатите договори се со нешто пониска вредност.
Сепак, групацијата портали околу фирмата „Клип медиа груп“ го добила најголемиот рекламен „колач“ од оваа коалиција. Порталот „А1Он“, „Макфакс“ и агрегаторот „Грид МК“ заедно ѝ продале на коалицијата „Можеме“ рекламен простор во вредност од 6.900 евра.
Имајќи ја предвид амбицијата на „Можеме“ да добие гласови и од албанскиот електорат, не е изненадување што финалните извештаи покажуваат дека СДСМ и политичките партнери се рекламирале дури на 16 портали, кои објавуваат вести на албански јазик.
Демократската партија за интеграција – ДУИ се промовирала на вкупно 18 портали, на кои закупила рекламен простор во вредност од 134.000 евра.
Специфично за партијата од Мала Речица е што со два портала има потпишано максимален договор вреден 17.700. Тоа се веб-изданието на телевизијата „Алсат-М“ и порталот „Актуале“.
Големи договори ДУИ потпишала и со веб-изданието на весникот „Коха“ (11.800), „Флака“ (10.000 евра) и со „Газета експрес“ (10.000 евра).
ДУИ се рекламирала и на порталите што објавуваат вести исклучиво на македонски јазик, како што се „Плусинфо“, „Фокус МК“ и „А1Он“.
Главната опозициска партија, пак, ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери се рекламирале само за два портала повеќе од коалицијата предводена од СДСМ, на вкупно 50, но за речиси четири пати поголема сума од 272.000 евра.
Најголемите договори, партијата од Белата палата ги склучила со порталската групација што ја обединува унгарската фирма „Адинамик медиа“. Станува збор за три договори со порталите „Република“, „Курир“ и „Нетпрес“ и нивните сестрински сајтови, како „Вистина“ и „Денешен“, кои заедно ја надминуваат сумата од 52.000 евра.
ВМРО-ДПМНЕ и партнерите, за изборни реклами потпишале голем договор, на сума од 20.000 евра, и со фирмата „Глобал нет“ во името на седум портали, меѓу кои „Среќа“, „Лејди“ и „Градина“.
Дел од рекламниот колач на коалицијата Обнова на Македонија, наменет за изборите, го добиле и порталите што се дел од групацијата „Макс медиа груп“, која се врзува за поранешните уредници на Сител и на весникот „Вечер“, Драган Павловиќ – Латас и Ивона Талевска.
Станува збор за трите сајта „Вести“, „Весник“ и „Вечер МК“, кои за изборни реклами треба да добијат околу 20.000 евра.
Релативно високи договорни суми добиле и сајтовите „Макпрес“ (11.800 евра), „Сигнал“ (12.500 евра), „Инфомакс“ (10.000 евра) и „Акцент“ (10.000), додека нешто пониски – „Плусинфо“ (8.200 евра), МКД МК (8.800 евра) и порталот „Фактор“ (4.700 евра).
Поларизација на онлајн-просторот
Податоците до кои дојдовме покажуваат дека коалициите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ заедно се рекламирале на 11 портали, иако секоја посебно се промовирала на околу педесет сајтови. Политички пораки на двата големи блока на едно место можеле да се видат на сајтовите, како „Фокус МК“, „Фактор“, „Кајгана“, „Прес 24“, МКД МК и на уште неколку портали од внатрешноста.
Податокот дека кампањите на двете коалиции интерферирале на малку сајтови ја поткрепуваат тезата за поларизација на онлајн-медиумите по политичка линија. Повеќе или помалку очекувано беше дека партиите ќе ги насочат парите кон портали и кон медиуми што постојано и некритички ги поддржуваат.
На ова пред изборите, за БИРН, предупреди претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски.
Коментирајќи го државното финансирање на изборната кампања, тој укажа дека не се изградија критериуми за тоа каде тие пари и по каков модел ќе се вложуваат во медиумите.
„Постои опасност одредени партии да фаворизираат едни исти медиуми и на тој начин да влијаат врз нивната уредувачка политика и во иднина, а со тоа да продолжи да живее медиумскиот клиентелизам на штета на граѓаните“, изјави во јуни, Чадиковски за БИРН.
Поларизацијата на интернет-новинарството, заедно со слабиот капацитет на порталите, многу од нив немаат соодветно екипирани редакции и услови за работа, се дел од причините за нискиот професионализам на овие медиуми, воопшто.
Податоците на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) за ланската, како и за претходните години, отсликуваат дека етичките и професионалните стандарди на новинарството најмногу се прекршуваат од онлајн-медиумите (83,1%).