Извештај

Помали износи за клевета и навреда и поголема заштита на новинарите

Што предвидуваат законските измени кои се однесуваат на новинарите

За петпати помали казни за утврдена клевета и навреда сторени од новинар, уредник и медиум и третирање напад врз новинар како напад врз службено лице, се двете клучни измени што ги предлага власта, а се однесуваат на новинарите.

Во пакет со измени на неколку закони, на попладневниот брифинг во Клубот на пратеници, министерот за правда, Бојан Маричиќ, образложи дека предлагаат да се променат и два закони: Кривичниот законик и Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда.

Уверени се дека со нив ќе се зголеми безбедноста и заштитата на новинарите.

Максимални 7.400 евра за утврдена клевета и навреда

Брифинг на министерот Маричиќ со новинарите | Фото: БИРН

Речиси девет години по декриминализацијата на клеветата и навредата, кога наместо како кривично дело, за клевета и навреда се одговара во граѓанска постапка, власта предлага измени.

По барање на новинарскиот еснаф и меѓународни здруженија, се предлага значително да се намалат износите што може да ги досуди судот за нематеријална отштета.

Претрпената душевна болка, поради која, особено поранешни функционери бараа да им се досудуваат високи износи за нематеријална отштета, која се мери во стотици и илјадници евра, со измените се ограничува.

Сега се предлага за петпати да се намалат износите во Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, кои им се досудуваат на новинарите и уредниците и трипати за медиумите како правни лица.

Ако медиумот, новинарот и уредникот досега требаше да платат максимални 27 илјади евра во случај на утврдена клевета и навреда, тој износ, со новите законски измени паѓа на најмногу 7.400 евра.

Тоа значи дека, наместо досегашните максимални 2.000 евра, судот може да им досуди на новинарите максимални 400 евра. Уредниците од постојните 10.000 евра, со предложените измени би платиле најмногу 2.000 евра, а медиумот, пак, од максимални 15.000 евра, би платил максимални 5.000 евра.

Предлозите на законските измени што се наоѓаат на ЕНЕР износите се уште помали. 200, 1.000 и 1.500 евра. На прашање на БИРН зошто не била прифатена таа верзија, министерот за правда, Бојан Маричиќ, рече дека ако останела првичната варијанта „би било преисплатливо да се тужи“. Во консултација со новинарските здруженија, ориентациска точка била дека е доволно износот да биде „една просечна новинарска плата“.

Маричиќ појасни дека агрегаторите на вести се исклучени од одговорност за клевета и навреда за пренос на вестите, кои би можеле да се најдат во тужбена постапка за граѓанска одговорност за клевета и навреда.

Рече и дека законските измени не дефинираат што е медиум, бидејќи таа материја ја уредува Законот за медиуми.

Предлагаат поимот во законот „средства за јавно информирање“ да биде многу поширок, што значи дека овде влегуваат не само телевизијата, радијата и весниците, туку и социјалните мрежи како Фејсбук, Твитер и останатите.

Пред поднесување тужба за клевета и навреда се воведува правото за јавно извинување за да се намалат трошоците, а ако медиумот нема одговорен уредник, одговорноста ќе падне врз физичкото или правното лице, кое е сопственик на медиумот.

Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда е донесен во ноември 2012.

Судската база од 2013 година, заклучно со јуни 2021, содржи над 300 пресуди за клевета и навреда, од кои, околу 100 се однесуваат на медиуми. Четириесетина пресуди објавила скопска Апелација, а пет Врховниот суд.

Програмскиот директор на ЗНМ, Драган Секуловски смета дека е позитивно тоа што се намалува надоместокот за нематеријална штета.

„Ова е едно од барањата на ЗНМ што се прифаќа од страна на Министерството за правда, а е усогласено од работната експертска група составена од претставници на ЗНМ, судии, адвокати и експерти oд МАНУ, која работеше подолг период во 2019 и во 2020 година на текстот на овој закон“.

Со измените, според Секуловски, „ќе одговараат лицата што ги регистрирале домените во нашата земја доколку онлајн-медиумот нема или, пак, не сака да се легитимира како правно лице што стои зад онлајн-медиумот“.

Долгогодишната новинарка Јадранка Костова, која и самата беше тужена за клевета и навреда, вели дека е добро што износите се намалени, сепак, како што кажа „тоа ништо нема да смени, бидејќи може да бидат поднесени и 15 тужби за еден новинар. До судиите е да одмерат“, вели Костова.

На брифингот беше посочено дека со усвојувањето на измените, постојните судски постапки ќе се водат по важечкиот закон, но во делот со износите, судот ќе се води според новите намалени износи за нематеријална отштета.

Нападот врз новинар станува напад врз службено лице

Се очекува да се демотивираат напаѓачите врз новинари | Фото: БИРН

По многугодишни анализи и речиси двегодишно договарање, се воведува дополнителна кривична заштита за новинарите.

Поточно, со дополнителни измени во постојниот Кривичниот законик, нападот врз новинар ќе се смета како напад врз службено лице.

Се предлага да се воведат квалифицирани облици за кривичните дела: „убиство“ за убиство на новинар или друг медиумски работник, „присилба“ „загрозување на сигурноста“ и „спречување службено лице во вршење службено дејствие“.

Постојниот Кривичен законик предвидува дека ако некој му ја загрози сигурноста на друг и му се закани дека ќе го нападне него, или нему блиско лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.

Но, ако тоа е сторено кон службено лице, меѓу кои се предлага да бидат и новинарите, ќе се казни со повисока затворска казна од три месеци до три години.

Според директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, овие измени треба да го анимираат обвинителството во заштита на правата на новинарите, „нешто што беше досега проблем поради кој и степенот на неказнивост беше висок“.

Ако бидат усвоени овие измени, тоа ќе значи дека обвиинителите ќе имаат законска обврска да ги гонат сторителите на кривични дела против новинарите по службена должност.

Секуловски се надева дека ваквите измени ќе „ги демотивираат потенцијалните сторители на кривични дела кон новинарите“.

Очекувањата се за двата закони да се најдат пред пратениците по завршувањето на летните одмори.