Интервјуа

„Помалку предмети – ист број на часови“

Не ги учиме децата на одговорност, во интервју за БИРН, вели средношколскиот професор Душко Стојановски

Генерации средношколци го помнат само како Душко, професорот што предава македонски јазик и литература во скопската гимназија „Орце Николов“.

Пошироката јавност го запозна во 2015 година. Душко Стојановски беше еден од ретките професори што ги придружуваше своите ученици што протестираа пред Министерството за образование против проблематичното екстерно тестирање.

Тогаш БИРН направи интервју со него. Зборувавме за сите насобрани проблеми во образованието, кои го присилиле да излезе од даскалскиот комфор и да маршира со децата.

Всушност, професорот Стојановски секогаш се обидува да излезе од својот тесен „мандат“ – да ги учи децата што се подмет и прирок и сака да им зборува за важните животни лекции што нема да ги најдат во учебниците.

По пет години од нашата прва средба, неколку дена пред крајот на ова пандемиско полугодие, професорот Душко Стојановски нè покани во неговиот кабинет.

„Имаме многу за што да зборуваме“, порача во телефонскиот разговор.

Заглушувачка тишина

Професор и празно училиште | Фото: БИРН/Владо Апостолов

Гимназијата „Орце Николов“ беше необично празна за еден од училишните денови. Учениците наставата ја следат преку интернет. Добар дел од колегите на Стојановски работат од дома и само некоја отворена врата или велосипед паркиран во празен ходник даваа сигнал дека во училишната зграда пулсира минимална форма на просветарски живот.

Стојановски, секој ден, доаѓа во кабинетот по македонски јазик и литература. Повеќе му одговара работата во училиште, зашто, како што ни образложи, таму се чувстува подобро и така ја одржува формата и рутината.

Го најдовме сам пред бирото „вооружено“ со веб-камера и со други гаџети неопходни за беспрекорна онлајн-настава. Секој ден тој се соочува со дваесетина празни клупи, наместени во три реда и еден недовршен мурал.

Стојановски им предава на учениците од прва година. Оваа генерација средношколци речиси и да не стапнале в училница. Ниту го познаваат него, ниту, пак, се знаат меѓу себе

„Пандемијата нè затекна и не ја довршивме сликата“, ни раскажа професорот објаснувајќи ни ја метафората зад насликаното.

Имено, на задниот ѕид од училницата, тој и децата сликале сцена што претставува една алегорија за образованието. Момче качено на книги со перо в раце се бори со ламја што испушта оган. Муралот треба да ги поучи тинејџерите дека со знаењето може да се справат со страшните проблеми во животот, кои на сликата се претставени како опасното митско животно.

Професорот вели дека се чувствува поразено кога ќе влезе во празната училница.

„Кога ќе седнам пред мониторов и пред празниве клупи, се обидувам да се апстрахирам и колку-толку да воспоставиме контакт со учениците. Намерно го потенцирам тоа колку-толку.“

Според него, онлајн-учењето би можело да е успешно само ако на тој начин комуницира со четири до пет ученика.

„Вака, со 34-ца, практично само се залажуваме дека имаме некаков контакт.“

Тој е исправен пред уште поголем предизвик. Стојановски им предава на учениците од прва година. Оваа генерација средношколци речиси и да не стапнале в училница. Ниту го познаваат него, ниту, пак, се знаат меѓу себе.

Одвреме-навреме ги опоменувал децата дека, без оглед што се дома, треба да се однесуваат како да одат на училиште

И тоа е проблем за секој наставник.

„Не можам да им ги видам реакции кога тие зборуваат и кога јас им се обраќам. А, сакале ние или не, вистинската комуникација во најголем дел е таа што се нарекува невербална.“

Одвреме-навреме ги опоменувал децата дека, без оглед што се дома, треба да се однесуваат како да одат на училиште. Градете го карактерот, ги подучувал.

„Им велам дотерајте се, облечете се како да одите в училиште. Седнете на масата, на бирото, заземете поза како сте да сте на час, како да се сите околу вас.“

Ненаучени лекции

Една поинаква училница | Фото: БИРН/Владо Апостолов

Учениците од прва година, вели професорот, изгубиле бројни школски лекции, но и социолошки – сега кога треба за првпат да излезат далеку од дома, да се качат во автобус и да се соочат со градот, тие се затворени дома.

Проблеми има и на психолошки план.

Имало примери кога ученици добро ќе се подготват за тест и потоа ќе им се испречи нешто врз што немаат контрола. Ќе прекинела интернет-врската, ќе се појавел некој технички проблем и целиот труд ќе им паднел во вода.

„А, професорите обично не им веруваат, им велат: Како да не, сега баш ти снема интернет, како тоа јас имам?“

Често им пречеле и помалите браќа или сестри.

„И сево ова целосно ги изместува учениците од некаква стабилна состојба во која функционираат добро.“

„Јас не треба да ги учам децава само лекции од мојот предмет, да им предавам само граматика. Мое е и да ги научам дека треба да функционираат и кога се соочуваат со опасност. Е, таа лекција сега им остана недоучена.“

Професорот не е сигурен дека неговите колеги, наставниците се подготвени да ги лоцираат проблемите што се јавиле кај учениците за време на пандемијата и да им помогнат на децата да ги надминат.

Смета дека многумина ќе го изберат полесниот пат.

„Ние како кадар и немаме баш волја да им помагаме на децата да ги надминуваат проблемите. Бараме изговори дека тоа ќе ни одзема многу енергија и дека не сме биле доволно платени за таква работа.“

За да се избегнеа психолошките и социолошките проблеми, нашиот соговорник смета дека средношколците, сепак, требале да посетуваат комбинирана настава. Дел од часовите да се одржуваа преку интернет, а дел со физичко присуство.

Како што вели Стојановски, доколку некои системски решенија биле порано воведени, комбинираната настава ќе можеле без проблем да се спроведе, иако е убеден дека со одредени прилагодувања таа можела да се практикува и во овие несовршени услови, затекнати пред пандемијата.

Тој уште во март, кога се прекина наставата поради корона вирусот, сметал дека прво треба да се намали бројот на учениците во класовите, ако веќе се планира  онлајн-настава. Таа шанса е пропуштена, меѓутоа професорот порачува дека треба и сега да се размислува во таа насока.

„Не смееме да имаме гломазни училишта, со премногу паралелки и со премногу ученици во нив. Кај нас е пренатрупано, а други училишта се празни“, вели тој.

Верува дека наставата во мали паралелки ќе ги извади на површина и квалитетните професори.

„Ако сакаш да видиш кој е добар наставник, пушти го во клас со малку ученици. И таму ќе видиш колку е добар. Малкуте ученици бараат многу ангажман.“

Според него, полесна ќе беше одлуката за комбинирана настава ако имавме училишни автобуси, со кои децата ќе беа заштитени од повеќе контакти. Меѓутоа, и тоа можело да се реши со автобуси на ЈСП во кои ќе се возеле исклучиво соученици.

„Можевме и паравани да ставиме меѓу децата за дополнителна заштита.“

Тој инсистира на идејата за комбинирана настава, не затоа што сака да биде каприциозен или милува само напразно да критикува. Неговата поента е дека со затворањето дома, децата не совладаа важна животна лекција.

„Јас не треба да ги учам децава само лекции од мојот предмет, да им предавам само граматика. Мое е и да ги научам дека треба да функционираат и кога се соочуваат со опасност. Е, таа лекција сега им остана недоучена.“

„Проблемот е што ние не сме создавале одговорни личности. На ова тестирање одат со ставот: Aха, овoj ПИСА-тест не ми носи ништо, не ми е важен! Не се трудат и во многу случаи го предаваат тестот празен.“

Надвор од пандемијава, според професорот, нашиот образовен систем не ги учи децата на уште една битна работа – да бидат одговорни.

За него, непобитен доказ за овој пропуст се резултатите од ПИСА-тестовите. Со нив се тестираат учениците до 15 години, по случаен избор од класовите се избираат по неколку деца што ќе полагаат.

Нашите резултати на ПИСА тестовите се слаби. Но, професорот Душко Стојановски убедува дека не се слаби само зашто учениците нелогички размислуваат и не знаат како да го применат знаењето, она што ПИСА-тестовите го утврдуваат.

„Проблемот е што ние не сме создавале одговорни личности. На ова тестирање учениците одат со ставот: Aха, овoj ПИСА-тест не ми носи ништо, не ми е важен! Не се трудат и во многу случаи го предаваат тестот празен.“

Уверен е дека нашите ученици би имале подобри резултати, ако ПИСА-тестовите би влијаеле врз оценките. Меѓутоа, тој е свесен дека така нема да си го решиме горливиот проблем – лошото образование.

„Ако сме го лоцирале проблемот дека нашите ученици не се баш одговорни и не се некои што сами сакаат да размислуваат и да ги бранат своите ставови, да покажуваат како ќе го применуваат знаењето, тоа треба да го решаваме уште во основното образование.“

„Најголем проблем ми е, кога ќе ми дојдат ученици во прва година, да исчепкам од нив мислење. Тие се научени само да репродуцираат нешто што прочитале во лекцијата.“

Во голем дел од предметите само се „трча“

Не се сработува  „Злосторство и казна“ за два школски часа| Фото: БИРН/Владо Апостолов

Во многу чувствителен период, кога изби историскиот спор со соседот Бугарија, се откри образовната реформа што предвидува спојување предмети, меѓу кои и испреплетувањето на историјата со географијата.

Настрана од овој политички контекст, професорот Душко Стојановски се сложува дека треба да се намали бројот на предмети, меѓутоа реформата според него би имала логика само ако се задржи истиот фонд на часови. Така би се добило повеќе време за важните теми.

„Сега во голем дел од предметите само се ‘трча’. Јас треба Достоевски да го предадам на само два часа!? Не се сработува дело како ‘Злосторство и казна’ за два школски часа.“

„Како некој намерно да ја пласираше реформата на овој начин! Како да сака да ја минира, да се направи узбуна и да пропадне. Зашто таа ќе им отвори работа на луѓе што не сакаат многу да работат.“

Нему му буди сомнеж начинот на кој се дозна за реформата. Таа информација не беше официјално соопштена, туку „протече“.

„Како некој намерно да ја пласираше реформата на овој начин! Како да сака да ја минира, да се направи узбуна и да пропадне. Зашто таа ќе им отвори работа на луѓе што не сакаат многу да работат.“

Нашиот соговорник вели дека под итно треба да се врати и дидактичкиот принцип, кој подразбирал наставникот и учебниците да се прилагодат на возраста на учениците.

„Тоа го заборавивме. Го заборавија и авторите на учебници. Денес ти мора дополнително да толкуваш учебници“, вели професорот.

Стојановски заговара и сериозна изборност во рамките на образованието и аргументира дека тоа е важно од неколку аспекти.

„Учениците мора да имаат еден костур, една задолжителност во образованието, на која ќе се гради темелот на понатамошните знаења, ама мора да имаат и избор. Ако некој сака сликање, да не мора да сака и музика.”

Придобивка на ваквиот систем, вели професорот, е тоа што ќе се поттикне конкурентноста меѓу самите наставници.

„Јас како наставник ќе мора да сторам сè – да го направам мојот предмет привлечен на ученикот. Тука ќе се гледа мојот успех.“

Поминаа пет години од нашиот прв разговор со професорот Душко Стојановски. Во тој период се смени власта на ВМРО-ДПМНЕ, за која и самиот велеше дека промовира „расформи наместо реформи“, вршеше притисоци и вработуваше само подобни наставници.

Нашиот соговорник вели дека под итно треба да се врати и дидактичкиот принцип, кој подразбирал наставникот и учебниците да се прилагодат на возраста на учениците

Нè интересираше, според него, колку работите се смениле во образованието.

„Малку“, вели тој.

Притисоци немало, меѓутоа професорот тврди дека вработувањата на наставниците во училиштата сè уште одат по партиска линија.

„Што е страшно!“

„Не видов да се постави ниту еден директор што се покажал со работата во некоја училишна средина и таа средина си го сака за директор. Не! Коалициите си ги делат училиштата и кое школо на која групација ѝ се паднало, таков ќе биде директорот“, додава Стојановски.