Интервјуа

2020 – Сардисани во „глобален логор“

Професорката Елизабета Шелева, во интервју за БИРН, го сподели нејзиното видување за 2020, како година на стравот и неизвесноста

Тегобност како онаа во романот на Сартр, дистопија како во научно-фантастичниот филм „Еквилибриум“. На крајот од 2020 година, професорката и литературна критичарка Елизабета Шелева, во интервју за БИРН, го сподели нејзиното видување за 2020, како година на стравот и неизвесноста, а поврзана, пред сѐ, со глобалната епидемија на корона вирусот.

За „новата нормалност“ на шега вели дека е зашеќерен и манипулативен еуфемизам, а вистински би требало да се вика „крајна ненормалност“, бидејќи отежнатото дишење зад маските и стравот од посета на најблиските, едновремено се императиви за преживување, но и товар од кој едвај чекаме да се ослободиме.

Разговараме со неа како „ефектот на снежна топка“ успеа да собере буквално сè.

Целата 2020 година е повеќе од необична. Сме доживеале искуство што велат се случува еднаш во векот. „Ковидот донесе сеопшта индивидуална и општествена траума. Траума што постепено се „натурализира“ како модус на животот“.

Година на превреднување

Самата за себе вели дека годината што изминала ја принудила од корен да ги превреднува и преосмислува сопствените принципи и очекувања, борејќи се со „повишен степен на анксиозност, или со несоници што не може да бидат совладани, и покрај наталожениот замор“.

Короната ја оневозможила промоцијата на нејзината десетта книга „Од личен агол“, како и одбележување четири децении од основањето на Катедрата за општа и компаративна книжевност, каде што предава со години. Очекува тоа да се случи в година.

Како претседателка на управниот одбор на Струшките вечери на поезијата се соочила со „матрикс-издание“ на фестивалот, кога најголем број од учесниците (всушност, сите поети од странство, заедно со лауреатот Амир Ор) се обратиле на видеобим, а останатите внимателно ги следеле сите предвидени протоколи.

„Кризните времиња, наводно, ја поттикнуваат уметноста, па, со оглед на тоа, ни останува да се надеваме, дека оваа жртва на слободата, сепак, на крајот, ќе биде креативно наградена и како луѓе ќе нѐ направи подобри“, вели Шелева, потсетувајќи дека и култната слика „Вресок“ на норвешкиот сликар Едвард Мунк настанала како рефлекс на егзистенцијалната тегобност, тој темелен белег на модерниот човек.

„На мојата следна книга ѝ го дадов насловот „Книга 2020“, без да знам, дека токму оваа 2020 година, планетарно ќе го преврти животот на ваков грозоморен начин и дека оваа, на прв поглед, симетрично допадлива игра на цифрите, отсега натаму, првенствено ќе упатува на тековната фатална пандемија“.

„Медикализација“ на јавниот простор

Здравјето се претвори во планетарен предизвик | Фото: Р. Атанасовски

Корона вирусот, кој ја одбележа годината, оценува Шелева, „ги разбуди најдлабоките стравови и сомнежите во прогресот и иднината на човештвото.

Целата измината година ја поминавме буквално во вонредна ситуација, не мислејќи тука само на нормативно-правната дефиниција на оваа синтагма, туку и на антрополошката димензија на вонредноста“, во која преовладуваат биолошките „императиви за опстанок“ и за зачувување на „голиот живот“.

Тоа, според Шелева, создало чувство на ранливост и беспомошност бидејќи, „модерниот и трескавичен развој на технологијата придонесе да ја подзаборавиме некогашната грижа за голиот опстанок, однесувајќи се далеку покомотно од нашите предци“.

„Сево ова, сега ни се враќа како бумеранг. Нѐ изложи на ранливост и беспомошност за кои мислевме дека предимно се својствени за луѓе од минатите времиња и векови“. Шелева смета дека историјата е како нишало, со оглед на кое сега сме се вратиле во ситуација на суспендирано право на живот и секојдневие по слободен избор.

„Чувството што го имавме, особено во почетните месеци на карантин, беше чувство на глобален логор, преку ноќ, се разбудивме сардисани во (однадвор) невидлив логор. Од (епидемиолошки) безбедносни причини, сѐ уште остануваме во (доброволен) притвор“.

Здравјето, раскажа таа, „се претвори во планетарен предизвик и врвен приоритет, а самиот опстанок прерасна во темелно инсцениран ритуал“.

Она што според неа е типично за годината што изминува е т.н. „медикализација на јавниот простор во медиумите“. Никогаш порано на медиумите, и воопшто во јавниот простор, не се говорело толку долго и толку длабоко за медицината.

Медиумите, смета таа, досега беа „запоседнати“ од дискурсите на политиката и правото, чии теми биле доминантни во јавноста, но во услови на корона-закана, „медицината разбирливо се најде во фокусот на интерес“.

„Мое мислење и препорака е што поскоро да се размисли за воведување медиумски содржини за психолошка поддршка на населението, тоа да биде на дневна основа, со стручни лица од соодветните области, кои би нѐ запознале со методите за справување со акутните стресогени фактори“, вели таа.

Синдром на согорување

Изложени сме на верижен синџир на кризи | Фото: Р. Атанасовски

Овој константен здравствен стрес во текот на 2020 година произведе дополнителен негативен набој во и онака неизвесниот амбиент кај нас, бидејќи, вели таа, никако не престанува хроничната пресија врз нас од редица фактори: општествени, политички, економски, безбедносни итн.

„Не само сега, туку подолго време наназад, ние сме соочени со различни видови трауми во низа. На низата од социјални потреси, со избувнувањето на новиот вирус, ни се надоврза уште една, овојпат природна катастрофа“.

Практично, во последниве триесетина години не сме раат, туку во синџир од „гранични ситуации“ (иницијации), почнувајќи од распадот на поранешната држава, безбедносните и воени кризи (бомбардирањето во соседството 1999 година, мини-војната набргу потоа, во 2001, перманентните економски кризи (процесот на бесконечната транзиција).

Шелева вели: „Сето тоа неминовно создава ‘алостатско оптоварување’ (кумулативно пластење на трауматските искуства), кое суштински го отежнува справувањето со новите предизвици“.

„Отаде, синдромот на согорување (burn out) не се јавува само како индивидуален проблем, туку и како колективен синдром, годинава дополнително оптоварен со епидемијата како нов бонус“, смета професорката, алудирајќи на состојбата на неколкудецениска „наталожена ранливост“.

Заедно со останатите акутни проблеми што ги доживуваме како општество во целина, повторно, не по наша вина, се одолжува и толку посакуваната европска перспектива (интеграција), што ја прави целата ситуација „уште понеизвесна и потешка“.

„Ова, за жал, е идеална можност за лов во матно, поточно за оние на чии интереси практично им одговара оваа криза да потрае и/ли дополнително да се искомплицира“.

„Иако образовниот континуитет тече и натаму, мора да признаеме дека квалитетот на онлајн-образованието е исто толку слоевит и задоволителен како оној во живо. Отсуствува виталната енергија на спонтаниот, слободен дијалог, како и интерактивната размена на идеи“, вели Шелева.

Шелева смета дека граѓаните во Македонија се радикално поларизирани и на секој можен начин се поделени „со една коса црта во два таборa“.

„Сега ги имаме, згора на сѐ, новите поделби и табори ваксери/антиваксери. Луѓе што веруваат дека вирусот е заговор, односно злонамерно составен заплет и дека е измислена опасност, наспроти луѓето што добро разбираат колку е тој смртоносен и ужасен, поделба, која оди рака под рака со претходната поделба на предавници и патриоти, или на граѓани што се за ЕУ-перспективи и евроскептици“.

„Овие заемни тензии и меѓусебната недоверба ја подгреваат и онака незгодната атмосфера. Најстрашно е во сето тоа чувството на укината иднина, кога се манипулира со луѓето во име на вечната сегашност“.

Природно е, вели таа, да се јави и базичниот егзистенцијален страв за економски опстанок, доволно храна, исплата на режиските трошоци, раздолжување за кредити. На дело ја воочуваме скриената димензија на „економијата на долгот“, која од своја страна ја засилува психолошка вознемиреност.

Со тековните пандемиски збиднувања постојат големи изгледи за редефиниција на капитализмот. „Тој, имено, ќе биде принуден да ги превреднува или да ги прераспредели сопствените приоритети, пред сѐ, стравотната неправда и асиметрија во распределбата на богатството, односно трескавичната борба за профит и престиж“, смета таа.

Aтмосфера како во научно-фантастичен филм

Анксиозноста како наша несакана придружничка | Фото: Р. Атанасовски

Ако треба со едно уметничко дело да се опише годината, поради битката што се води за гол опстанок, наспроти опасноста од „здравствена апокалипса“, тоа најдобро би го опишал жанрот на дистопија, вели Шелева.

„Со зачудувачка прецизност ги препознаваме цртите на нашите тековни страдања и катастрофични чувства, во делата кои визионерски го предосетиле ова „сценарио“ многу порано“.

Во литературата, смета Шелева, тоа би ја опфатило егзистенцијалистичката литература на Франц Кафка или „Тегобност“ од Жан Пол Сартр, чиј именител е токму самата „nausea“, мачнината.

„Денес ја чувствуваме мачнината, анксиозноста како наша несакана придружничка во секојдневието. Во оваа литература, тегобноста произлегува од чувството дека човекот е само актер, кој се глуми себеси во сопствениот живот. Не е автентичен, не си го препознава веќе сопствениот живот, бидејќи живее според однапред зададено, туѓо сценарио“.

Сегашноста ја инспирира за паралела и со научно-фантастичниот филм „Еквилибриум“ на Курт Вимер.

„Луѓето во овој филм беа униформирани и обезличени до тој степен да немаат право на спомени и страдања, но и право на љубов и на лична среќа, откако беа медикализирани и неутрализирани со помош на лекови, под сеопшт надзор на другиот. Буквално, матрикс“.

Маската како трауматски детаљ на годината

Малиот платнен спасител ни го ускрати увидот во туѓото лице | Фото: БИРН

Кризата ја рехабилитираше вредноста на домот, вели Шелева. Не само како место на одмор и оддишка, туку и како „безбедна зона“, односно зона во која „можеме да се опуштиме без маски, да бидеме повеќе во друштво со себе, а не само во вревата на светот“.

Сепак, новосоздадениот императив за „домашна“ пренамена на животот и „јавна реорганизација“ на домовниот простор, кој истовремено треба да биде канцеларија, училница, игралиште и да ги замени сите останати простори, несомнено создава „клаустрофобија која не е за потценување“. Тука е парадоксот, оценува Шелева.

„Домот наспроти отворениот простор, како да се претвора во кафкијанска клетка, станува тежок за дишење, пренаселен со дотогаш спорадични функции“.

Ако порано биле присутни идеи за вредноста на патувањето и откривањето на светот, односно номадизмот како културна метафора на современието, сега тоа е исфрлено од тековниот дневен ред. Одненадеж, короната ги прераспореди и некои од цивилизациските поими и приоритети.

Шелева: „Јавното здравство во иднина треба да добие поинаков, посериозен третман и системско внимание, да се оттргне од маргините на јавниот интерес, да зајакнат инвестициите во него, логистичката поддршка што ја добива, кадровската структура и начинот на нејзино вреднување, доколку навистина се стремиме кон општествена благосостојба“.

Маската, како декоративен предмет со богата предисторија, почнувајќи од обредните функции, особено во карневалските свечености, кога означува можност за „заводливо менување на идентитетот“, денес се претвори во „тегобна ткаенина за заштита, базичен и насушно потребен реквизит за спречување на заразата, наспроти сите достапни техноизуми“.

„Се плашам дека ни го ускрати увидот во туѓото лице. Движејќи се во јавни простори, маркети и улица, сѐ повеќе копнеам, освен очите, да го видам целиот лик на човекот, неговата физиономија, а не само клунестиот додаток, како задолжителна опрема на современиот портрет“.

„Маската е мал трауматски детаљ“, заклучува Шелева и додава дека истата таа маска, во како што ја нарече „маскирната ковид-приказна“, дополнително предизвикува нова траума, кога оние луѓе, кои имаат отпор кон неа, носејќи ја неправилно, ги загрозуваат сите останати, како потенцијални сејачи на зараза.

Шелева вели дека во состојба на афект се стеснува свеста. „Кога човекот долготрајно се соочува со стрес, префронталниот кортекс реагира парадоксално, барајќи брзо и неодложно ослободување на импулсите“. Тоа, како што рече, е причината поради која многумина го игнорираат малиот платнен спасител, што значи заштита од вирусот.

Здравјето и скромноста (во однос на материјалното) се двете желби што би си ги упатиле за следната година. Тоа, всушност, се најелементарните вредности, потенцира професорката.

„Сега сфативме што значи тоа „обичниот“ живот, што претходно сме го земале здраво за готово, сега преку ноќ да ни биде оневозможен и недостапен. Тоа што претходно ни се чинело загарантирано, сега да ни биде најголем предмет на желбата. Токму поради тоа, во новата 2021 година, повеќе од кога било ни е потребно навраќање кон човечноста, хуманоста, емпатијата, солидарноста, но не како излитени, декларативни фрази, туку како делотворно обновени практики на однесување“.