Интервјуа

Бугарската книжевност како точка на допир и разидување

Разговор со професорката Ангелина Бановиќ-Марковска од Филолошкиот факултет каде се изучува бугарската книжевност

  • 4
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Далеку од политичката врева, густиот дипломатски „сообраќај“ со изјави, ст(р)авовите за ретуширање на историјата и воопшто, пишувањата за спорот меѓу Македонија со Бугарија, на Филолошкиот факултет, кој го носи името на кодификаторот на современиот македонски јазик, Блаже Конески, студентите ја изучуваат бугарската книжевност.

Професорката Ангелина Бановиќ-Марковска, докторка на филолошки науки, во просек на 10 до 30 идни филолози, професори и јазичари, покрај другите, им предава и два предмета, во кои се изучуваат бугарските автори и бугарската литература: современи јужнословенски книжевности и нова бугарска книжевност.

Задолжително се изучуваат и неколку книжевни епохи, кои на студентите во трета и во четврта година им ги предава нејзин колега.

Професорката за БИРН издвои време за онлајн-средба, и покрај многуте обврски со испитите и научната работа. Раскажа како се одвиваат овие предавања во доба на сеопшта возбуда и политички тензии околу случувањата во односите на Македонија и Бугарија.

Без „универзитетски реципроцитет“ од Бугарија

Професорката Ангелина Бановиќ-Марковска | Фото: лична архива

„Беше сосема природно“, вели Бановиќ-Марковска кон јужнословенските книжевности што се изучувале на Филолошкиот факултет, да се придодаде и бугарската книжевност.

Патот кон тоа го отворила промената на називот на Катедрата: Oд  Историја на книжевностите на народите на СФРЈ, во Катедра за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.

„Кон постојниот јужнославистички корпус, кој го покриваа некогашните југословенски книжевности, се придодаде и бугарската“, вели таа.

„Но, не одеше тоа така брзо. Бевме под ембарго, имаше непријатен и затегнат однос со Грција, кој се рефлектираше на сите нивоа, и никој не размислуваше баш така лесно, но со текот на времето се наметна и тоа прашање“.

Сепак, уште со тој потег покажале и „отворен и флексибилен пристап кон книжевниот плурализам во регионот“. Многу повеќе од просто преименување била пораката до регионалните универзитетски центри дека сите јужнословенски книжевности се еднакво важни и отворени за меѓусебни споредувања и толкувања.

Студентите почнале да го изучуваат курсот – нова бугарска книжевност во 2000-тите години. Хронолошки го покрива 18 и почетокот на 20 век, а програмата ги опфатила највпечатливите автори и дела од тогашната бугарска литература.

„Се разбира“, дополнува, „без нашите деветнаесеттовековни културни дејци: Крчоски, Пејчиновиќ, Миладиновци, Жинзифов, Прличев…, кон кои бугарската книжевна наука покажувала и покажува особени ‘симпатии’“.

Современите бугарски писатели од средината на 20 и првата половина на 21 век се изучуваат во предметот – современи јужнословенски книжевности.

Сепак, она што е значајно, вели професорката, е што тој влог со изучување на бугарската книжевност „не доби реципроцитет во бугарската книжевна наука“, алудирајќи во прв ред на мошне слабата застапеност на изучувањето на македонската книжевност од бугарските професори и студенти.

На прашањето како се изучува македонската книжевност на универзитетите во Бугарија, таа вели: „Посебен курс, особено за македонската книжевност во 19 век сигурно нема. Можно е во рамки на некој јужнославистички курс, некој од професорите да има пофлексибилен однос“, смета таа.

Вели дека официјалната бугарска политика „нема однос кон нашите автори“. Потврда за тоа е и тоа што низ другите центри во Србија, Хрватска и во Словенија има македонски лекторати и македонистиката таму, за разлика од Бугарија, е на повисоко рамниште.

„Со Бугарите немаме таков еден однос“, заклучува Бановиќ-Марковска.

До факултетска диплома со дело од бугарската книжевност

Актуелните дијалози и натегања не се рефлектираат врз предавањата | Фото: БИРН

Студентите особено се заинтересирани за современите бугарски автори, вели Бановиќ-Марковска.

„Можеби, во прв ред, поради нивните атрактивни книжевни писма, но секако и поради квалитетот на нивните дела. Ќе ја споменам тука бугарска поетеса Елисавета Багрјана, романите на Антон Дончев и Владимир Зарев, но најмногу прозата на писателот Георги Господинов, еден од најпреведуваните бугарски автори, кои редовно будат љубопитство кај студентите“.

Професорката го споменува и бугарскиот прозаист Захари Карабашлиев, кој е преведен и промовиран и на македонски јазик, а неговиот бестселер „18 проценти сиво“ бил филмуван. „Тоа кај студентите ‘пали’“. Во таа линија е и „Природен роман“, на Господинов. И двајцата беа во посета на Скопје при промоцијата на нивните дела.

„Имав скоро една студентка која имаше дипломски труд за Андон Дончев за ‘Чудниот рицар на светата книга’ – тоа е богомилското прашање и моментите со Крстоносната војна“, вели професорката, додавајќи дека еднакво со сите други јужнословенски книжевности се изработуваат и семинарски и есеи и за бугарската литература.

Природно, вели таа, интересот на студентите е поголем за македонските автори, но „нема бегање од јужнославистичкиот корпус каде што припаѓа и бугарската книжевност“.

Многу бугарски дела што се изучуваат не се преведени, па студентите се обидуваат да ги читаат изворно на бугарски јазик. Затоа, професорката направила потег што ќе им олесни на студентите.

„Го фотокопирав Бугарскиот толковен речник и го оставив во библиотеката за студентите кога ќе читаат во оригинал, да им биде од помош“.

Бугарите, потенцира професорката, имаат и одлични интернет-страници во кои целата литература од 19 век е дигитализирана.

Страв од „исчезнување“ наспроти „робувањето“ на 19 век

Сите идентитети вклучително и книжевните се конструкции | Фото: БИРН

Актуелните политички дијалози и натегања меѓу Софија и Скопје не се рефлектираат врз предавањата со студентите.

„Искрено, тие не сакаат да им робуваат на историскиот и политичкиот капитал од деветнаесеттиот век. Ним им е неприфатливо и туѓо постоењето на моноетнички културни сфери (со затворени рамки на идентитет)“.

Таа вели дека на предавањата не разговараат само за книжевноста, туку и за концептот на соседствата (кои ги дефинира како „книжевни заедници“).

На студентите им е совршено јасно, вели Бановиќ-Марковска, дека идентитетите се конструкции, па така и книжевните идентитети многу зависат од „социолошките, идеолошките и културните проникнувања во нив“.

„Секоја книжевна заедница содржи и свест за нејзиното присуство во регионот“, констатира таа. Вели дека ист е стремежот на нашите малцински народи, јазици и култури да го „надминат дијалогот со самите себеси“.

Преводот како алка на поврзување

Корицата на еден од најчитаните бугарски автори кај нас Господинов | Фото: БИРН

Додека со (не)признавањето и (не)прифаќањето најчесто се опишуваат релациите Скопје – Софија, речиси и да се заборава на одличните книжевни преводи од бугарски јазик, за кои не само студентите, туку и читателите воопшто, особено последните години се заинтересирани.

Низ годините се случувале и повремени книжевни визити (преку соработки и гостувања на домашни реномирани издавачки куќи и автори), како во  Македонскиот културен центар во Софија, така и во Бугарскиот културен центар во Скопје.

„Најчесто тоа се современи автори и дела во кои нашата книжевна сцена препознала квалитет што може да се носи со трендовите во европската книжевност и култура“.

Разговарајќи за преводите на бугарските автори, таа потсети дека, иако јазиците ни се блиски, сепак се различни. Тоа е особено важно во преводите, бидејќи, како што рече, не се преведуваат зборови, туку „културни идиоми“.

„Кај нас на пример ‘вредна’, кај нив значи ‘штетна’. Има зборови што имаат дури и антиномно значење во двата јазика, така што многу е важно човек да го познава добро јазикот и културните идиоми на јазикот на кој преведува“.

Книжевноста, наместо да биде „камен на сопнување“, може да прерасне во посакувана и конструктивна „точка на допир“, која би можела да активира постојан и отворен концепт на соработка.

Токму со тоа, како што кажа Бановиќ-Марковска, би ја потврдиле нашата лојалност кон една нова јужнославистика, која не би била оптоварена со етногенезата на народите, туку би ја афирмирала припадноста кон „европскиот книжевен и културен хоризонт на кој безусловно му припаѓаме, и ние и Бугарите“.

Тие се свесни, вели таа, дека „монополот на англискиот, германскиот и францускиот јазик и нивните култури, книжевности и јазици се многу подоминантни, и ако не се здружиме, сите ќе загубиме и ќе исчезнеме од мапата“.

Мала и недоволна научна соработка

Страв да не останеме на рабовите на глобалната филолошка мапа | Фото: БИРН

Освен за два билатерални проекта на Одделението за лингвистика и литературна наука на МАНУ (организирани во соработка со БАН), професорката не можеше да се сети на посериозни соработки во областа на книжевната наука.

Но, како што вели, „не се ретки учествата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид, од некои бугарски филолози (како и на наши на Меѓународните семинари на Софија и Велико Трново).

Впрочем, години наназад, „македонските научници земаат активно учество и на бугарската меѓународна конференција ‚Славистични четения‘, на која разменуваме професионални сознанија и искуства“.

„За други, поорганизирани, билатерални проекти мислам дека досега не станало збор, а и да имало, тие биле во рамки на индивидуални пројави и партиципирања“.

Впечатокот, сепак, ѝ е дека работите се придвижуваат, иако искрено признава дека не е многу поплодна и соработката со другите центри од регионот.

Недвосмислено е дека прашањето за признавањето на македонскиот јазик, книжевност и култура, „сѐ уште е проблематично и отворено за официјалната бугарска наука“.

Тоа, вели, остава  „горчливо чувство“ дека како „мали, етноцентрично ориентирани и затворени академски средини, може да „останеме во сивата зона на непрепознатливоста, на самите рабови од глобалната филолошка мапа во која доминираат подобро организираните мегакултури“.