Интервјуа

Шутц: Владеењето на правото е клучно за напредокот на Балканот

Западен Балкан е високо на агендата на германското претседавање со Советот на ЕУ, но напредокот зависи и од земјите аспиранти

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Западен Балкан е поставен високо на агендата на германското претседавање со Советот на ЕУ, но конкретниот напредок на државите кон интеграцијата во ЕУ – од отворањето на преговорите и поглавјата – ќе зависат и од нивната посветеност на владеењето на правото и слободата на медиумите, вели за БИРН, Сузана Шутц, директорка за Западен Балкан при германското МНР.

Германија во јули оваа година го презеде шестмесечното претседателство со Европската Унија и, според Шутц, таа сака да види „обновен моментум“ во односите меѓу блокот и Западен Балкан.

Ова следи по одлуката на ЕУ да ги отвори преговорите за членство со Албанија и со Северна Македонија и по суштинскиот пакет-помош од 3,3 милијарди евра договорен за регионот, за ублажување на последиците од пандемијата на корона вирусот.

„Ние сакаме да ја одржиме оваа позитивна динамика. Ова, пред сè, значи да се продолжи со темелните работи за пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, преку финализирање на преговарачките рамки. Наша цел, за време на нашето претседателство со Советот, е да одржиме прва меѓувладина конференција со Северна Македонија, а доколку се исполнат условите, и со Албанија“, објаснува Шутц.

Во интервјуто за БИРН, Шутц, искусен дипломат, која, пред да стане директор за Западен Балкан во Берлин, работела во Израел, Украина, Русија и во Албанија, нагласува оти Германија се надева дека за време на нејзиното претседателствување ќе продолжат пристапните преговори со Србија и со Црна Гора, дека дополнително ќе се имплементираат приоритетите на ЕУ за Босна и Херцеговина и ќе се продолжи со дијалогот Косово-Србија, кој се најде во застој.

„Благодарение на напорите за олеснување на специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, и поддршката на Германија и на Франција, дијалогот што се одвива под покровителство на ЕУ (меѓу Белград и Приштина), конечно продолжи на 12 јули, откако беше прекинат пред 20 месеци“, додава таа.

Сузана Шутц, директорка за Западен Балкан при германското МНР

„Воочуваме итна потреба за напредок во дијалогот, бидејќи нерешената ситуација не дозволува ниту една од овие две земји да тргне напред и ја спречува толку многу потребната регионална соработка на целиот Западен Балкан“, додава таа.

„Сеопфатен договор, што овозможува реализација на перспективата на ЕУ, е во интерес и на Косово и на Србија, но и на регионот во целина. Овој договор, исто така, треба да донесе поголема стабилност во регионот. Како што е добро познато, ние не веруваме дека новите граници или размената на територии би придонеле за такво одржливо решение“, објаснува Шутц, алудирајќи на познатото спротивставување на Германија на размените на територии, како дел од конечното решение.

Наша цел, за време на нашето претседателство со Советот, е да одржиме прва меѓувладина конференција со Северна Македонија, а доколку се исполнат условите, и со Албанија“, објаснува Шутц.

Берлин, кој честопати во регионот се смета за клучен носител на одлуки кога станува збор за ЕУ аспирациите на т.н. „Западен Балкан 6“ (ВБ6), во следните месеци планира да се фокусира и на демографијата и на миграцијата.

Во потрага по подобро вработување, граѓаните на балканските држави секоја година, во сѐ поголем број, се упатуваат кон Германија. Најновите податоци на Германската канцеларија за статистика велат дека минатата година во Германија се регистрирани 237.755  жители од Србија, 232.075 од Косово и 203.265 од Босна и Херцеговина. Многумина од нив наоѓаат работа во германскиот здравствен сектор.

Но, Шутц вели дека ова движење истовремено е и проблематично. „Иако, како резултат на тоа, Германија и другите земји имаат добро обучени професионалци, дома остануваат трајни празнини, и не само во здравствениот сектор“, истакнува таа.

„Причините за заминувањето не се само економски: тие се однесуваат и на постојаните дефицити во областа на владеењето на правото, на незаслужените назначувања и на корупцијата. Бидејќи повеќето луѓе од регионот емигрираат во земјите на ЕУ, сметаме дека е важно да се бараат концепти што можат да ги ублажат негативните ефекти и да се искористат „вин-вин“ аспектите и за Западен Балкан и за ЕУ.

„За таа цел, планираме да одржиме конференција со земјите од Западен Балкан за време на нашето претседателство со Советот“, најави Шутц.

Напредокот на Србија и на Косово зависи од нив

Споменикот „Хероина“ во Приштина, Фото: Викимедија комонс/Уратерам

И погледот на Косово и на Србија ќе биде свртен кон Берлин во следните месеци бидејќи Берлин претседава со Европската Унија. Но, Шутц е решителна дека нема да има намалување на условите поврзани со владеењето на правото.

„Ние сме свесни за големата фрустрација во Косово предизвикана од фактот што визната либерализација сè уште е на чекање“, истакнува таа.

„Ние гледаме потреба да се постигне напредок во врска со ова важно прашање, што е многу битно за односите меѓу ЕУ и Косово, но и за косовската економија. Сепак, за да ги убеди преостанатите скептици во ЕУ, од голема важност е косовската влада да го исполни својот дел. Ова, пред сè, значи јасна заложба за борбата против корупцијата и организираниот криминал и за зајакнување на владеењето на правото“, објаснува таа.

Нејзиниот северен сосед, Србија, не отвори нови ЕУ поглавја, што многумина ги сметаат за одраз на слабиот напредок на Србија во реформите и сѐ  поголемите авторитарни тенденции. Германија го поздравува стратегискиот избор на Србија за членство во ЕУ, но, сепак, очекува реформи, додава Шутц.

„На нејзиниот пат кон ЕУ, Србија веќе постигна важен напредок и отвори повеќе од половина од сите поглавја – 18 од 35“, истакна таа.

„Сепак, централна улога му даваме на напредокот во клучната област на владеење на правото – застапено во Поглавјата 23 и 24 – како и на нормализацијата на односите со Косово. Јунскиот ‘нон-пејпер’ на Европската комисија за состојбата во однос на поглавјата 23 и 24 за Србија, јасно ги опишува дефицитите и ги идентификува областите каде што треба да се направи значителен напредок: потребна ни е посилна политичка посветеност во областа на владеењето на правото, особено кога станува збор за независноста на судството, како и слободата на медиумите“, нагласува таа.

„Важно е Србија да ја забрза борбата против корупцијата, особено на високо ниво. За да се отворат понатамошни поглавја, мора да има напредок во овие области“, додава Шутц.

Одговарајќи на наводите дека парламентарните избори во јуни, во Србија не беа слободни – бидејќи мнозинството опозициски партии ги бојкотираа, Шутц вели дека „ЕУ е подготвена да обезбеди соодветна помош“ во врска со прашањето за забелешките. Но, дополнува дека посредувањето „има смисла само доколку опозицијата и владата се подготвени да играат активна улога во постигнувањето решение што ќе биде поволно за двете страни“.

Судските реформи во суштината на процесот на проширување за Албанија

Микрофони на дел од албански медиуми Фото: БИРН

Реформите во правосудниот систем, како и реформата на изборните закони, се идентификувани како приоритети за Албанија, од страна на Германија и ЕУ, информира Шутц.

„Гледаме дека уште од уставните измени во 2016 година, реформите во судството, вклучително и процесот на проверка на сите судии и обвинители, се мошне предизвикувачки“, додава таа.

„Тоа е долг и комплициран процес, што привремено доведе и до делумна дисфункционалност на судството. Сепак, убедени сме дека нема алтернатива за овој круцијален процес. Откако тој ќе се заврши, владеењето на правото во Албанија ќе се зајакне, во корист на албанскиот народ“, нагласува таа.

Германија ги следи и изборните реформи во земјата, како и развојот на настаните околу новата легислатива за медиумите, што владата го гледа како начин за регулирање на онлајн-просторот, а што критичарите го сметаат за  обид за ограничување на слободата на медиумите.

„Слободата на медиумите генерално е многу важна тема за германската влада, а секако ќе биде важна тема и за време на нашето претседателство со Советот“, вели Шутц. „Слободните и независни медиуми се ’рбетот на секоја жива демократија. Ова е причината зошто слободата на печатот и медиумите е, исто така, многу важна во процесот на пристапување.

„Новиот закон за медиуми во Албанија сè уште не ги одразува најдобрите меѓународни стандарди и практики“, предупредува таа.

„Неодамнешното мислење на Венецијанската комисија го гледаме како адекватно упатство за тековните работи во рамките на албанскиот парламент за подобрување на законот, особено во врска со дефиницијата за неговиот опсег, пропорционалноста на казните и независноста на телата на АМА (орган одговорен за аудио-визуелните медиуми, кој има задача да ги следи планираните промени).

„Последниот привремен извештај на Европската комисија со право забележа, дека во врска со законот, постојат недостатоци во одредени области и оти тој не е целосно компатибилен со стандардите на ЕУ и најдобрите практики, кога станува збор за слободата на печатот и на медиумите. Подобрувањето на законот во овие аспекти би бил охрабрувачки чекор на патот на Албанија кон ЕУ“, додава таа.

„Процесот на пристапување дава насоки: Поглавјето 23, за правосудството и основните права, со кое е опфатена и слободата на медиумите, е важен столб на овој процес. Како едно од двете основни поглавја, тоа ќе го одреди темпото со кое земјите на Западен Балкан ќе се приближуваат кон ЕУ“, заклучува Шутц.

Погледот на Берлин внимателно е насочен кон Босна и Херцеговина

Архива на Судот во БиХ. Фото: Мартино Ломбеци

Изборните реформи и владеењето на правото, исто така, се задача и за соседна Босна и Херцеговина, која сè уште нема статус на земја-кандидат.

„Треба да се посвети посебно внимание на новиот закон за Високиот судски и обвинителски совет бидејќи оваа институција игра клучна улога за целиот судски систем во Босна и Херцеговина“, нагласува таа.

„Довербата на јавноста во оваа институција треба да се врати без понатамошно одложување, и во таа насока треба да се преземат сите неопходни мерки. Бидејќи владеењето на правото е во средиштето на процесот на пристапување кон ЕУ, Германија заедно со Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина и во другите земји истомисленици, ќе продолжи да ја поддржува оваа земја на нејзиниот реформски пат.

„Друг многу важен аспект на 14-те клучни приоритети што Европската комисија го истакна во своето Мислење за апликацијата за членство на Босна и Херцеговина е одржувањето на изборите. Го поздравуваме фактот што  конечно во Мостар ќе може да се одржат локални избори. Очекуваме дека политичките сили ќе сторат сѐ што е потребно изборите да се одржат според планираното и во тој контекст го поздравуваме конечниот договор за донесување на државниот буџет. Ова е од суштинско значење за патот на Босна и Херцеговина кон ЕУ и за реализација на легитимните аспирации на јавноста да станат дел од Унијата.

„Освен тоа, политичарите треба да почнат да ги имплементираат пресудите на Европскиот суд за човекови права кои чекаат на спроведување (на пример, пресудата во случајот Сејдиќ и Финци против Босна и Херцеговина), како и препораките на ОДИХР и на Венецијанската комисија, со цел ускладување на изборниот закон со европските стандарди“, додава таа. (ОДИХР е Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ).

Според Шутц, друга област во која е потребно унапредување е политиката за бегалци и за азил. БиХ се бори со голем број мигранти, претежно од Блискиот Исток и од Африка, кои транзитираат низ оваа земја на патот кон Европската Унија. Многумина живеат во лоши услови во пренатрупаните кампови, со ограничен пристап до правната помош.

„Неопходно е сите релевантни актери во Босна и Херцеговина да преземат одговорност за одлучувачко дејствување, за да ги ублажат околностите на бегалците и мигрантите, со што ќе се подобри ситуацијата за сите делови од општеството“, додава таа.

БиХ треба „да го професионализира својот систем за азил, со цел тие што имаат право на заштита, да можат лесно да поднесат барање и да го добијат потребниот статус. Во исто време, важно е и за БиХ и за другите земји од Западен Балкан да ги зајакнат напорите за склучување договори за реадмисија со земјите на потекло“.

„Најновите заклучоци на Советот на ЕУ за зајакнување на соработката со партнерите од Западен Балкан во областа на миграцијата и безбедноста, е добра основа за понатамошно развивање на нашите заеднички напори и поефикасно управување со заедничкиот предизвик на миграциските приливи“, нагласува таа.

Поддршка за виталните процеси на помирување

Зградата на ЕУЛЕКС Косово | Фото: ЕУЛЕКС

Помирувањето останува важна задача за регионот, и тоа претставува камен-темелник за позитивен развој и напредок на патот кон ЕУ, подвлекува Шутц.

Германската влада ќе продолжи да ги поддржува ваквите напори, особено иницијативата РЕКОМ – регионална комисија за утврдување на фактите за сите жртви на воените злосторства и другите сериозни кршења на правата, извршени во поранешна Југославија.

Исто така, ќе побара од косовските власти да соработуваат со Специјализираните совети на Косово, со седиште во Хаг, кои се формирани со задача да ги судат наводните кршења на законот и воените злосторства извршени во војната во Косово од страна на припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

„Поведувањето истраги за воените злосторства и злосторствата против човештвото, се дел од посветеноста на Косово за владеење на правото. Не може да има траен мир во општество без правда“, решително вели таа.

„Германија цврсто верува дека борбата против неказнивоста преку националните и меѓународните кривични судови е дел од одговорната правна и надворешна политика. Заедно со ЕУ, Косово го презеде овој важен чекор на патот кон таа цел, формирајќи ги, според косовскиот закон, Специјализираните совети на Косово, чија работа Германија ја поддржува како дел од општите напори за решавање на злосторствата извршени за време на конфликтите во поранешна Југославија“.

Во врска со забелешките што честопати се изнесуваат во Косово, дека Специјализираните совети ќе ѝ судат на целата нација, таа нагласува: „Специјализираните совети спроведуваат истраги само за наводните злосторства на поединци, без предрасуди кон земјата или нејзиниот народ“.

Германија, исто така, ја поддржува и Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС), која, според Шутц, критички ја овозможила работата на Специјализираните совети.

„Од 2008 година, Мисијата го поддржа формирањето на полициските, царинските и граничните единици. Ова значи вистинско подобрување за граѓаните на Косово, како неопходен предуслов за одржлива стабилност. ЕУЛЕКС, исто така, придонесува во меѓународните напори да се обезбеди сигурност како „втор одговор“, со своите полициски единици“, додава таа.

Црна Гора се охрабрува да ја реши кризата со црквата

Говорејќи за Црна Гора, најмалата, но земја со најголем напредок во регионот, во однос на пристапувањето во ЕУ, но која во моментов минува низ внатрешна криза во односите со нејзината најголема верска заедница, Српската православна црква, СПЦ, Шутц вели дека Германија се надева оти двете страни ќе постигнат консензус за законот за верски слободи, кој предизвика голем спор.

„Што се однесува до договорот со Бугарија, мислам дека формулата договорена од премиерите (Зоран) Заев и (Бојко) Борисов, според која, историјата треба да им се остави на историчарите, останува валидна. И двете земји треба да ги решат отворените прашања во рамките на билатералниот договор, на пр. комисијата на историчарите“, нагласува Шутц

„Го поздравуваме фактот што црногорската влада и Српската православна црква почнаа дијалог за законот за верски слободи и се надеваме дека, откако разговорите мораа да се одложат некое време поради пандемијата на корона вирусот, тие наскоро ќе постигнат консензус за тоа како понатаму“, рече таа.

Шутц додава дека жали што Црквата немаше волја да ги прифати најновите предлози на црногорската влада.

„Ние ги охрабруваме Српската православна црква и црногорската влада да се вратат на преговарачката маса за да изнајдат решение за гореспоменатиот проблем, како и за правилната регистрација на СПЦ во Црна Гора. И двете страни треба да придонесат за таквото решение. Во спротивно, прибегнувањето кон правно дејство може да биде изводлива опција, при што Европскиот суд за човекови права ќе послужи како последен апелационен суд“, додава таа.

Другите спорови во регионот, вклучително и тој меѓу Северна Македонија и Бугарија, треба да бидат решени во духот на добрососедските односи, смета Шутц.

„Предлог-рамката за преговори, предложена од Европската комисија на 1 јули, ја нагласува заложбата за добрососедски односи и поблиска регионална соработка, како и важноста за постигнување опипливи резултати и спроведување на билатералните договори со добра волја, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија.

„Што се однесува до договорот со Бугарија, мислам дека формулата договорена од премиерите (Зоран) Заев и (Бојко) Борисов, според која, историјата треба да им се остави на историчарите, останува валидна. И двете земји треба да ги решат отворените прашања во рамките на билатералниот договор, на пр. комисијата на историчарите“, нагласува таа.

„Покрај тоа, заедничкото претседателство со Берлинскиот процес оваа година е многу добра можност да се надминат билатералните разлики, дополнително да се продлабочи соработката во регионот на Западен Балкан и да се зајакне и прошири билатералната доверба“.

Германија има за цел да ги заокружи преговарачките рамки и да ја одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, а доколку бидат исполнети условите, и со Албанија, за време на претседателството со Советот.

„Ќе работиме напорно со нашите партнери во ЕУ и во Северна Македонија и во Албанија, за постигнување на оваа цел“, заклучи Шутц.